Регион
Словенија утре прогласува крај на епидемијата, но некои мерки ќе останат
Во Словенија во последните 24 часа регистрирани се 24 инфекции со коронавирус, а сите други индикатори се многу поволни, така што владата нема да ја продолжи состојбата на епидемија, која завршува на 15 јуни.
Од 1.023 ПЦР-теста, потврдени се 24 заразени или 2,3 процента. Седумдневниот просек на инфекции во еден ден падна на 147, а двонеделната инциденца на 100.000 жители падна на 130.
Починале двајца пациенти со Ковид-19, соопшти словенечкото Министерство за здравство.
Од почетокот на епидемијата починале 4.406 лица заразени од коронавирус, во болниците се 134 пациенти, а 26,1 проценти од населението се целосно имунизирани со вакцини, објави Националниот институт за јавно здравје (НИЈЗ).
Владата најави дека по 15 јуни нема да ја продолжува состојбата на епидемија прогласена во вториот бран на 18 октомври, но некои епидемиолошки мерки ќе останат во сила.
Во преодната фаза, додека Словенија не влезе во т.н. зелена фаза според критериумите на Европскиот центар за контрола на болестите (EЦДЦ), што се очекува кон крајот на јуни или почетокот на јули, носењето маска и натаму ќе биде задолжително во затворен простор.
Ограничувањата, како што е бројот на присутни во затворено, остануваат во сила, а услови за присуство на концерти и други настани сè уште ќе бидат негативен тест на коронавирус, прележан Ковид-19 или целосна вакцинација.
Владата го повтори својот апел до оние што сè уште не одлучиле да се вакцинираат да го сторат тоа што е можно побргу бидејќи сега има доволно вакцини, а оваа недела ќе биде организирана и масовна вакцинација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.
Регион
(Видео) Снегот уриваше дрвја и оштети автомобили во Белград
Обилниот снег што падна во Србија во неделата предизвика проблеми во сообраќајот, прекини во електричната енергија и го отежна секојдневниот живот на граѓаните, а новиот удар на зимата беше особено видлив во Нов Белград, каде што обилните снежни врнежи соборија дрвја, а гранки паднаа врз паркираните автомобили.
Во една белградска населба, снегот беше доволно силен за да собори неколку дрвја и дебели гранки од улиците и зелените површини, предизвикувајќи штета на некои автомобили.
Снежните врнежи во поголемиот дел од Србија беа пообилни од вообичаените за ова време од годината.
Во некои области наврнаа повеќе од 25 сантиметри снег за помалку од 24 часа, предизвикувајќи доцнења во сообраќајот и летовите од аеродромот во Белград, како и привремени проблеми со електричната мрежа во планинските области.

