Регион
Словенците против приемот на земјите од Западен Балкан во ЕУ
Слабата ЕУ нема да може да се прошири на Западен Балкан, рече Пахор на форумот во Блед вчера.
Европската Унија е ослабена од брегзитот и можеби ќе мора да ги одложи плановите за проширување на Западен Балкан, рече словенечкиот претседател Борут Пахор.

Пахор рече дека ЕУ не може да се надева дека ќе добие земји како Србија, Црна Гора и Албанија како нови членки во нејзината сегашна состојба, пренесува британскиот „Експрес“ на својата веб-страница.
Како што вели весникот, ЕУ понуди перспектива за пристапување шест земји од Западен Балкан, кои треба да исполнат строги критериуми за да бидат прифатени како нови членки.
Весникот потсетува дека преговорите за пристапување веќе почнаа со Србија и Црна Гора и дека 2025 година се спомнува како датум кога тие би можеле да станат полноправни членки на Унијата, како и дека ЕУ се надева оти дотогаш Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина и Косово веќе ќе бидат на добар пат за приклучување кон Унијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
(Видео) Дете висеше од жичарата на Јахорина па падна, скијачите се обидоа да го фатат
Вчера, дете падна од жичарата на планината Јахорина во Босна и Херцеговина откако некое време висеше држејќи се за седиштето. Видеото од инцидентот покажува како другите скијачи се обиделе да помогнат, но детето на крајот паднало на земја.
Видеото го прикажува детето како виси од столчето неколку моменти пред падот. Скијачите кои случајно се нашле на падината под жичарата се обиделе да го фатат за да го ублажат падот.
Сè уште не е познато зошто детето паднало од седиштето.
Планинарската служба потврди за БН дека се случила несреќата. Повреденото дете е однесено во болницата „Србија“ во Источно Сараево, каде што е на лекување.
Лекарите сè уште не дале коментар за сериозноста на неговите повреди.
Регион
Земјотрес со јачина од 3,3 степени според Рихтеровата скала во Јадранското Море
Земјотрес со јачина од 3,3 степени според Рихтеровата скала го погоди југот на Хрватска во 21:48 часот вчера вечер.
Епицентарот бил на длабочина од 15 километри во Јадранското Море јужно од Корчула, соопшти Европскиот медитерански сеизмолошки центар (EMSC).
Во вторникот, земјотрес со јачина од 4,4 степени според Рихтеровата скала беше регистриран во близина на Ливно. Беше почувствуван и во Далмација.
Регион
Делегацијата на ЕУ во БиХ ги осуди инцидентите на концертот на Томпсон: „Покажете почит кон жртвите“
Делегацијата на Европската Унија во Босна и Херцеговина ги осуди инцидентите на концертите на Марко Перковиќ Томпсон во Широки Бријег минатата недела, кога дел од публиката извикуваше усташки слогани и поздравуваше со крената десна рака.
„Фотографиите и видеата од неодамнешниот концерт во Широки Бријег ги покажуваат учесниците како извикуваат слогани и нагласуваат карактеристики поврзани со фашистички идеологии. Глорификацијата и релативизацијата на фашистичките идеологии немаат место во демократското општество и нè потсетуваат на најтемните периоди од европската историја“, се вели во соопштението, пренесува „Тпортал.хр“.
Во исто време, ЕУ ги повика сите да покажат почит кон жртвите на злосторствата извршени за време на Втората светска војна, а „надлежните органи да ги истражат инцидентите во согласност со домашното законодавство“, се вели во соопштението.
Извикувањето на усташкиот слоган „Подготвени за дом“ и поздравувањето со крената десна рака на концертите на Томпсон одржани на 13 и 14 февруари во вторник беа осудени од ОБСЕ и мисијата на Обединетите нации во Босна и Херцеговина.
Тие, исто така, ги повикаа властите во БиХ да спроведат истрага и да ги санкционираат сите оние што се однесуваат на овој начин.

