Регион
Во Србија бебе од девет дена почина како последица од коронавирусот
Бебе од Крагуевац, на кое му била дијагностицирана инфекција со коронавирус веднаш по раѓањето, починало денес на Универзитетската детска клиника „Тиршова“ во Белград, пренесува порталот „Телеграф“.
Веднаш по раѓањето, на бебето, кое почина само по девет дена, му била утврдена инфекција со коронавирус. Тоа било во добра состојба во првите часови по раѓањето, но во третиот час добило температура и набргу ги развило сите симптоми на инфекцијата.
Новороденчето било поврзано на респиратор, но за време на третманот се развило мултисистемско откажување на сите органи, па со медицински надзор било префрлено на Универзитетската детска клиника „Тиршова“.
Како што пишува „Телеграф“, инфекцијата со коронавирус довела до цитокинска бура, состојба што вклучува создавање огромен број имунолошки клетки и прекумерно производство на цитокини. Оваа состојба се манифестира со сериозно воспаление, пневмонија, отежнато дишење, воспаление на дишните патишта и може да доведе до откажување на повеќе органи.
Феноменот цитокинска бура – прекумерна реакција на имунолошкиот систем, се смета за главен фактор за откажување на органите и смрт кај некои пациенти со коронавирус, но засега не е јасно до кој степен тешката пневмонија кај критично болните пациенти со Ковид-19 е последица на вирусот или компликација како резултат на прекумерната реакција на организмот.
Цитокините се протеини со мала молекуларна маса кои дејствуваат како медијатори меѓу делови на имунолошкиот систем. Тие се лачат од разни клетки, како макрофаги, лимфоцити, фибробласти… Цитокинска бура е процес во кој нашиот имунолошки систем реагира на непознат вирус со прекумерно создавање клетки.
Тешкотии со дишењето, чувство на притисок врз белите дробови, усните и лицето стануваат синкави – ова се знаци на тревога и бараат итна медицинска интервенција, предупредува американскиот Центар за контрола и превенција на болестие (ЦДЦ).
Повеќето од хоспитализираните заболуваат од тешка пневмонија и болеста ги погодува обете белодробни крила. Влошувањето честопати се случува нагло, седум дена по појавата на првите симптоми, објаснуваат здравствените експерти.
Хиперимуната реакција – хиперпродукција на цитокини што предизвикува блокада на алвеолите во белите дробови – создава едем што спречува кислородот да влезе во крвотокот, ги затнува крвните садови во бубрезите и другите органи и набргу доведува до откажување на виталните системи на телото.
Лекарите предупредуваат дека најлошото е што таквата реакција се случува многу бргу, во рок од 24 до 48 часа, и медицинскиот персонал е буквално немоќен да се справи со состојбата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Земјотрес со јачина од 3,3 степени според Рихтеровата скала во Јадранското Море
Земјотрес со јачина од 3,3 степени според Рихтеровата скала го погоди југот на Хрватска во 21:48 часот вчера вечер.
Епицентарот бил на длабочина од 15 километри во Јадранското Море јужно од Корчула, соопшти Европскиот медитерански сеизмолошки центар (EMSC).
Во вторникот, земјотрес со јачина од 4,4 степени според Рихтеровата скала беше регистриран во близина на Ливно. Беше почувствуван и во Далмација.
Регион
Делегацијата на ЕУ во БиХ ги осуди инцидентите на концертот на Томпсон: „Покажете почит кон жртвите“
Делегацијата на Европската Унија во Босна и Херцеговина ги осуди инцидентите на концертите на Марко Перковиќ Томпсон во Широки Бријег минатата недела, кога дел од публиката извикуваше усташки слогани и поздравуваше со крената десна рака.
„Фотографиите и видеата од неодамнешниот концерт во Широки Бријег ги покажуваат учесниците како извикуваат слогани и нагласуваат карактеристики поврзани со фашистички идеологии. Глорификацијата и релативизацијата на фашистичките идеологии немаат место во демократското општество и нè потсетуваат на најтемните периоди од европската историја“, се вели во соопштението, пренесува „Тпортал.хр“.
Во исто време, ЕУ ги повика сите да покажат почит кон жртвите на злосторствата извршени за време на Втората светска војна, а „надлежните органи да ги истражат инцидентите во согласност со домашното законодавство“, се вели во соопштението.
Извикувањето на усташкиот слоган „Подготвени за дом“ и поздравувањето со крената десна рака на концертите на Томпсон одржани на 13 и 14 февруари во вторник беа осудени од ОБСЕ и мисијата на Обединетите нации во Босна и Херцеговина.
Тие, исто така, ги повикаа властите во БиХ да спроведат истрага и да ги санкционираат сите оние што се однесуваат на овој начин.
Регион
(Видео) Објавени снимки од последните денови пред трагедијата поврзана со култ во Бугарија
Бугарската полиција и обвинителството денес презентираа детални информации за трагичниот случај со шест жртви во областа Петрохан – Околчица поврзани со култ.
Беше потврдена и образложена информацијата дека за мртвите мажи, пронајдени на 2 февруари кај хижата „Петрохан“, станува збор за самоубиство, а за телата пронајдени подоцна во кампер под врвот „Околчица“ – за убиство проследено со самоубиство, јави „Њуз.бг“.
На брифингот беа претставени снимки од шест камери, кои органите на прогонот ги споделија со медиумите. Станува збор за видеа од 31 јануари, 1 и 2 февруари 2026 година. Снимките се од надворешниот дел на панинарската куќа и приодот – од синџир во регионот, патот и крстосницата во близина, рампата, паркингот и задната порта на објектот.
Стана јасно дека дел од камерите снимале само при детектирано движење. На една од снимките се слушаат истрели во самата колиба, при што се гледа и пожарот во објектот. На 2 февруари веќе нема траги од луѓе и возила во периметарот на колибата.
На некои од снимките се гледа и секојдневието на ренџерите, како и пристигнувањето или заминувањето на џиповите што ги користеле. Кадрите прикажуваат и ритуал, во кој учесниците клекнуваат и се поклонуваат до земја, упатувајќи благодарности и молитви.

