Регион
Србија: Притвор за жена која во контејнер го фрлила своето новородено внуче
Судот во Белград денеска одреди мерка притвор во траење од 30 дена за Б.П. (51), која е осомничена дека бебето на нејзината 23-годишна ќерка го фрлила во контејнер.
Жената е обвинета за обид за тешко убиство врз нејзиното внуче, а претходно денеска била испрашувана во Вишото јавно обвинителство во Белград, кое води истрага против неа.
Имајќи предвид дека со кривичното дело е оштетено дете, малолетник, како и дека истрагата продолжува, обвинителството објави дека нема да даде други детали за овој случај.
Инаку, бебето беше пронајдено живо и е згрижено на Одделот за неонатологија во државниот Клинички центар.
Пред неколку денови брзата помош во болница ја донела 23-годишната ќерка која на лекарите им рекла дека се породила во стан во Обреновац и дека нејзината мајка го фрлила бебето во контејнер пред зградата.
Полициска патрола била веднаш испратена на местото на настанот и во контејнерот било пронајдено живо женско новороденче.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Рама: Министерката создадена со вештачка интелигенција „ќе роди“ 83 дигитални помошници за парламентот
Албанскиот премиер Еди Рама соопшти дека нивната министерка создадена со помош на вештачка интелигенција, Диела, ќе „роди“ 83 дигитални помошници кои ќе работат како виртуелни асистенти на пратениците од Социјалистичката партија.
Според Рама, тие асистенти ќе ја подобрат ефикасноста и транспарентноста на парламентот, водејќи евиденција за седниците, подготвувајќи анализи и предлагајќи политики засновани на податоци.
Диела, која беше именувана во мај 2025 година, е првата виртуелна министерка во светот создадена со помош на вештачка интелигенција. Нејзината задача е да ја следи законитоста и транспарентноста на државните тендери и да спречи корупција, со користење алгоритми што одлучуваат без човечко влијание.
Рама ја опиша иницијативата како чекор кон „целосно транспарентна и безкорупциска“ администрација, а метафората за „трудна министерка“ симболично го претставува ширењето на вештачката интелигенција во повеќе сектори на управувањето во Тирана.
Регион
Двајца Хрвати и еден Србин со „бмв“ бегаа од полицијата во Германија и загинаа во несреќа
По тешката сообраќајна несреќа со три смртни случаи во близина на Брауншвајг, идентификувана е третата жртва.
Полицијата претпоставува дека станува збор за возачот на автомобилот кој во саботата, бегајќи од полицијата, паднал од мостот во каналот Мителанд. Сите тројца мртви од автомобилот сега се идентификувани, пишува РТЛ.де, пренесе Индекс.
Сè започна во сабота напладне кога возачот на БМВ со регистарски таблички од Минхен на автопатот А2 го игнорираше полицискиот знак за стоп и избега со голема брзина. Полициските патроли набрзо го изгубија возилото од вид, но десет минути подоцна добија неколку итни повици за сериозна несреќа.
Според првата реконструкција на настанот, истражителите веруваат дека бегалецот возел пребрзо по тесниот федерален пат Б4, престигнувајќи неколку автомобили од десната страна. Потоа возилото удрило во заштитна ограда, отскокнало во спротивна насока и се судрило челно со автомобил што доаѓал од спротивната страна. Поради силата на ударот, БМВ-то во бегство ја пробило оградата на мостот и паднало во Средногерманскиот канал.
Полицијата денес го потврди идентитетот на третата жртва.
„Се работи за 34-годишен државјанин на Србија“, изјави портпаролот на полицијата. Се верува дека тој го управувал возилото. Неговите сопатници, чиј идентитет беше утврден претходно, биле 25-годишен и 31-годишен од Хрватска.
Во второто возило биле 47-годишна жена и 53-годишен маж од Хамбург. Жената е тешко повредена, но нејзиниот живот е надвор од опасност, додека мажот е префрлен со хеликоптер во болница и неговата состојба е сè уште критична.
Автомобилот што ја предизвика несреќата беше извлечен од каналот во текот на викендот и запленет за судско вештачење. Понатамошниот тек на истрагата ќе зависи од наодите на вештакот, а случајот веројатно ќе биде предаден на канцеларијата на државниот обвинител, кој ќе одлучи за обдукција. Точниот тек на несреќата, како и причината зошто возачот бегал од полицијата, засега не се познати.
Регион
Авантуристи од БиХ киднапирани во Мали ослободени по два месеца
Двајца државјани на Босна и Херцеговина, кои исчезнаа во африканската земја Мали пред речиси два месеца, се живи и здрави и набргу треба да се вратат кај своите семејства, објавија локалните медиуми во Босна и Херцеговина.
Марио Кокоруш и Марин Петровиќ, двајца авантуристи кои патувале во многу други земји пред Мали, според достапните информации, исчезнале на почетокот на септември и се претпоставувало дека биле или уапсени од владините сили во Мали или киднапирани од една од бунтовничките групи.
Министерството за надворешни работи на Босна и Херцеговина и Агенцијата за разузнавање и безбедност на Босна и Херцеговина (OSA) се приклучија во потрагата по нив, но досега нема информации од официјални извори за нивната судбина.
Повеќето медиуми во Босна и Херцеговина денес споделија објава од фејсбук-страница од нивниот познајник Кристијан Иличиќ, исто така авантурист и светски патник, кој тврди дека потрагата вродила со плод, па Кокоруш и Петровиќ набргу би требало да бидат слободни.
„Тие во моментот се безбедни и на пат кон главниот град на Мали и набргу ќе се вратат кај своите семејства“, напиша Иличиќ.
Тој објасни дека на барање на сопругата на еден од исчезнатите мажи се заинтересирал за нивната судбина преку своите врски во Мали и така открил дека биле киднапирани за време на вооружен напад заедно со возачот.
Иличиќ тврди дека џихадистичката група JNIM, разгранок на Ал каеда што работи во Мали, стои зад инцидентот, а не е јасно што се барало во наводното киднапирање и зошто биле ослободени.
Кокоруш, кој има докторат по електротехника, покрај државјанството на БиХ, има и германски пасош, а Петровиќ има и хрватски пасош и е професор на Машинскиот факултет во Сараево.

