Регион
Српскиот хирург Дугалиќ: Јавно се откажувам од колегите што го пуштија Вучиќ да влезе на интензивна нега
Професорот на Медицинскиот факултет и хирург на Првата хируршка клиника на Универзитетскиот клинички центар на Србија, Владимир Дугалиќ, за Фонет изјави дека посетата на претседателот Александар Вучиќ на пациенти од Македонија на одделот за интензивна нега е „срамна политичка пропаганда“, пренесуваат српски медиуми.
Дугалиќ истакна дека понекогаш се кае што е дел од лекарската професија кога ќе види како некој пушта „ненадлежен човек без капа“ на интензивна нега, каде пристапот е строго забранет дури и за членовите на семејството на пациентите.
Професорот Дугалиќ нагласи дека „изгорениците се отворени рани“ и дека пациентите кои се жртви на пожарот во Македонија се „животозагрозувачка состојба“.
Тој рече дека поради ова јавно се одрекува од „колегите кои му дозволиле на Вучиќ да влезе на интензивна нега“, оценувајќи дека тоа е учество во политичка пропаганда која директно ги загрозува животите на луѓето.
Во оваа политичка пропаганда, како што наведе, учествува и министерот за здравство Златибор Лончар, на кој според Дугалиќ повеќе не може да му се верува бидејќи е подреден на власта.
На прашањето како е можно лекарите од УКЦ да му дозволиле на Вучиќ со голи раце да допира пациенти со изгореници опасни по живот, Дугалиќ одговори дека тој и неговите „нормални колеги се згрозени“ и повтори дека се одрекува од „оние колеги кои учествуваат во тој тип на политичка пропаганда“ на начин што може да ги загрози животите на пациентите.
„Неетичко, неморално, нехумано“: српски лекари згрозени од посетата на Вучиќ на тешко повредени лица од Македонија

„Ова не е првпат претседателот да посетува пациенти опасни по живот. Тој го направи истото со посета на повреден млад човек на Воено-медицинската академија, кој настрада откако се урна настрешница, а сите се сеќаваме кога влезе во стерилниот блок во Институтот за мајка и дете кај дете кое беше онколошки пациент. Ова сега е особено важно бидејќи се работи за изгореници кои според сите медицински правила би требало да се третираат во апсолутно стерилни простории, таканаречени стерилни шатори, во целосна изолација. Ова е слично на пациентите кои се подложени на трансплантација на кожа, каде и донаторите и примателите мора да бидат во стерилни услови со денови. Механизмот на повреда е сличен, се оштетуваат големи површини на кожата“, објаснува пулмологот д-р Славица Плавшиќ, специјалист по белодробни заболувања, за Нова.рс.
Она што го направи претседателот, посочува таа, е врв на срамот.
„Тој не влезе сам во просторијата каде што се пациентите, туку со тим од десетина луѓе. Нема зборови со кои може да се опише колку е страшно. Соседната земја ни испрати голем број пациенти бидејќи порано имавме добар здравствен систем, а сега се уште имаме одлични лекари. Хуман гест од нашата земја е да се примаат пациенти. Треба да се однесуваат достоинствено, особено по ваква трагедија, а нашиот претседател ги посетува како турист, што е за секоја осуда. Опасностите за пациентите се многубројни“, додава таа.
„Најголема опасност е инфекцијата, затоа што и најбезопасната може сериозно да го загрози таков пациент. Сите оние во Ургентен многу добро знаат каква е процедурата и какви се правилата и мерките во такви случаи, но не ги почитуваат. Јас работев на интензивна нега долго време, и бе би влегол внатре никој, и по цена на отказ или било што, а не претседателот и медиумите. Вучиќ дури и го допираше пациентот, што никому не смее да му биде дозволено освен на персоналот во заштитни одела. За такви посети и снимање би морале да имаат согласност од пациентот, а тоа не верувам дека го добиле ниту од нив, ниту од нивните семејства“, нагласува д-р Плавшиќ, додавајќи дека Светската здравствена организација, а пред се Лекарската комора на Србија и Српското лекарско друштво, кои, очигледно, „вечно молчат“, треба да реагираат на „вакво загрозување човечки животи“.

„Од медицинска гледна точка, она што го направи претседателот заедно со министерот е апсолутно неприфатливо за ниеден пациент или болница, особено кога станува збор за оние со тешки изгореници. Тие треба да бидат во стерилни услови, во посебни шатори, без никаков контакт со надворешната средина бидејќи и најмала инфекција што може да му се случи на таков пациент е опасна по живот. Дишењето во простор каде што се такви пациенти е опасно по живот, а допирањето на таков пациент со рака е застрашувачко. Па дали е можно никој од докторите да не реагирал? Она што го видовме вчера е во спротивност со етиката, моралот и грижата за животот на човекот кога животот му е загрозен“, вели за Нова.рс д-р Верица Лела Илиќ, епидемиолог.
Тоа што колегите му дозволија на претседателот на државата да влезе во соба со пациенти со изгореници е немедицинско, неморално, неетички, нехумано и нечовечки, посочува таа.
„Ниту еден цивил не влегува во единицата за интензивна нега и болничка соба со пациенти кои имаат тешки изгореници. Кога имате пациент со изгореници, најважно е да се спречат инфекции. Изгорениците значат дека кожата е оштетена, а таа ги штити внатрешните органи. Кога е оштетена, овозможува полесен и поголем премин за навлегување на инфекцијата во крвотокот, поради што е строго забрането да се посетуваат такви пациенти. Дури и кај здравствениот персонал точно се утврдува кој може да влезе кај такви пациенти под целосна опрема“, вели за Нова.рс д-р Раде Паниќ, анестезиолог и член на Сојузот на лекари и фармацевти на Србија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
(Видео) Повторно драма на Јахорина: дете висеше од жичара
На Јахорина се случи вистинска драма кога едно дете висеше од жичара.
Како што известува порталот „Drinainfo“, благодарение на брзата реакција на присутните, детето успешно беше спуштено на земја.
На објавеното видео се гледа дека две лица го држат детето кое висеше од седиштето, додека присутните трчаат да му помогнат безбедно да стигне до земјата.
Засега не е познато дали детето е повредено.
Да потсетиме, пред четири дена на Јахорина дете падна од жичара и со повреди на ногата беше пренесено во болница.
Регион
По протестот на опозицијата во Тирана, 17 лица се уапсени, а 35 под истрага
17 лица се уапсени, а против 35 се води истрага на слобода, по протестот на албанската опозиција во Тирана кој ескалираше во тензии и судири со безбедносните сили, јави RTSH.
Инцидентите започнале кога дел од демонстрантите се судриле со полицијата во близина на кабинетот на премиерот Еди Рама. Според информациите, кон зградата биле фрлани молотови коктели.
Полицијата интервенирала со солзавец за да ја растера толпата. Подоцна протестот се префрлил кон зградата на парламентот, каде што биле регистрирани нови инциденти и фрлање запаливи средства, по што следувала нова полициска интервенција.
Во судирите се повредени повеќе лица, кои се пренесени во болница.
Од полицијата информираат дека протестот не бил претходно одобрен, наведувајќи дека имало информации за можни насилства, имајќи ги предвид претходните инциденти.
Демонстрантите побараа оставка од владата по обвинувањата за корупција против вицепремиерката Белинда Балуку.
Регион
(Видео) Насилни протести во Албанија: Фрлени молотови коктели врз зградата на владата
Во Албанија се одржа нов антивладин протест, кој беше обележан со тензии и судири со полицијата, пренесува Анадолија.
Опозицискиот протест се одржа на 35-годишнината од уривањето на споменикот на поранешниот диктатор Енвер Хоџа, што се одбележува на 20 февруари, со барање за оставка на премиерот Еди Рама.

Opposition supporters chant slogans during a protest against the government in Tirana, Albania, 20 February 2026. The rally follows a political crisis amid a court deadlock over the suspension of Deputy Prime Minister Belinda Balluku and subsequent moves by Prime Minister Edi Rama to limit the powers of the Special Prosecutor (SPAK), with protesters demanding the government’s resignation. EPA/MALTON DIBRA
Денешниот протест, организиран од Демократската партија (ПД) со поддршка на други опозициски партии, се одржа пред седиштето на албанската влада во Тирана.
Фрлени молотови коктели врз зградата на владата
Демонстрантите фрлаа молотови коктели и пиротехнички средства врз зградата на владата, при што за време на немирите избувна пожар во надворешноста на зградата. Полициските сили одговорија со водни топови.
Лидерот на Демократската партија и поранешен премиер Сали Бериша за време на своето обраќање рече дека тие се вистинската опозиција и дека ќе ја спасат Албанија.
Обраќајќи се пред толпата, Бериша рече дека тие се собираат денес на еден од најважните денови во националната историја.
„Слободна Албанија, Албанија на слободни граѓани, ќе ја прогласи кражбата на граѓаните за сериозно кривично дело. Ќе ги казнат двојно повеќе оние службеници кои ќе избегаат“, рече Бериша.

Albanian opposition politician Sali Berisha speaks to supporters during a protest against the government in Tirana, Albania, 20 February 2026. The rally follows a political crisis amid a court deadlock over the suspension of Deputy Prime Minister Belinda Balluku and subsequent moves by Prime Minister Edi Rama to limit the powers of the Special Prosecutor (SPAK), with protesters demanding the government’s resignation. EPA/MALTON DIBRA
Полицијата одговори со солзавец и водени топови
По неговиот говор, протестот беше преместен пред зградата на пленарните сали на албанскиот парламент, каде што тензиите продолжија.
Демонстрантите повторно фрлаа молотови коктели и пиротехнички средства, додека полицијата одговори со солзавец и водени топови.
Солзавец беше фрлен и во надворешната простор на џамијата, која се наоѓа во близина на зградата на парламентот. Некои демонстранти се засолнија во просторот пред џамијата за да го избегнат солзавецот, додека верниците во тој момент беа внатре во џамијата за верски служби.
Организаторите на протестот тврдат дека имало повредени за време на судирите.

