Регион
Топлотен бран во Грција и Турција, температурите ќе се искачат до 45 степени

Маса топол воздух над Северна Африка и централен Медитеран се пробива кон исток, па од денеска до петок во Грција и Турција на места ќе дојде до искачување на температурите и до 45 Целзиусови степени, јавува ДПА.
Највисоки температури се очекуваат в среда и четврток, а за време на викендот треба да се намалат, прогнозира грчката метеоролошка служба.
Почнувајќи од вторник, училиштата во делови од земјата или ќе се затворат во 11.30 часот или ќе останат целосно затворени доколку локалните општини одлучат дека топлината е премногу голема.
Грчкото Министерство за труд ги повика луѓето од јавниот и приватниот сектор да работат од дома доколку е можно.
За многубројните туристи, кои моментно се во Атина, грчкиот Црвен крст постави штандови на централниот плоштад Синтагма и на Акропол, каде што персоналот дели бесплатна вода.
На луѓето им се препорачува да избегнуваат излегување надвор во топлите попладневни часови, да пијат многу вода, да избегнуваат алкохол, да не јадат премногу и да избегнуваат енергично вежбање на отворено.
Многу градови и општини во Грција отвораат јавни, климатизирани згради, каде што може да побараат засолниште бездомниците, сиромашните и луѓето што немаат клима-уред дома.
Турската метеоролошка служба исто така предупреди на топлотен бран, кој особено ќе го зафати западниот дел на земјата, каде што се очекуваат температури од 45 Целзиусови степени.
Се препорачува да се избегнува престој на отворено во периодот од 11 до 16 часот, особено за постарите, децата и за хронично болните пациенти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Трета жртва од тешката сообраќајка во Сремска Митровица – почина за време на операцијата

Уште едно лице загинало по сообраќајната несреќа што се случи денес во Сремска Митровица, кога автобус се преврте и излета од патот. Ова е третата жртва на ужасната сообраќајна несреќа.
Како што објави „Н1“, лицето загинало за време на операцијата.
Како што претходно беше објавено, возачот на автобусот е приведен и во притвор до 48 часа.
Повредени се околу 80 лица. Причините за несреќата засега не се познати.
Регион
Вучиќ: Србија ќе се приклучи на развојот на руската вакцина против рак

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека разговарал со Александар Кецман, директор на Институтот „Гамалеја“ во Москва, кој го информирал дека во Русија се развива вакцина против рак.
„Ми објаснија одредени работи. Имаме голем процент на заболени од рак. Оваа вакцина е поинаква, бидејќи им помага на веќе болните луѓе — не е превентивна. Може да биде успешна до 85 проценти,“ рече Вучиќ.
Тој додаде дека Србија ќе се вклучи во проектот веднаш штом Русија го дозволи тоа:
„Ќе подготвиме целосна инфраструктура за да бидеме спремни за два до три месеци. Не можеме уште да ја произведуваме, но ќе направиме сè за да бидеме подготвени.“
Вучиќ нагласи дека во Србија има повеќе случаи на малигни заболувања отколку во другите земји, што, според него, е поврзано со последиците од бомбардирањето во 1999 година.
Регион
Возачот на автобусот приведен по тешката несреќа кај Сремска Митровица: две жртви и 80 повредени

Возачот на автобусот кој денеска се преврте кај Сремска Митровица е приведен и му е одредено задржување до 48 часа, соопшти српското Министерство за внатрешни работи (МУП), пренесе „Н1“.
Во несреќата загинаа две лица, а околу 80 се повредени. 35 повредени лица се згрижени во Општата болница во Сремска Митровица, една личност е пренесена во Клиничкиот центар на Војводина, а уште една е во операциона сала. За останатите се врши дијагностика.
Автобусот на компанијата „Сирмиум бус“, кој превезувал работници од фирмата „Хелткеар“, излета од патот и се преврте на кров од засега непознати причини. Несреќата се случи околу 14:45 часот.
Полицијата го затвори патот и не дозволува пристап до местото на несреќата, а на лице место излезен е и јавен обвинител за да ја утврди причината за трагедијата.