Регион
Уапсен зетот на Сали Бериша, на Бериша одземен пасошот, јавуваат албански медиуми
Јамарбер Малтези, зетот на поранешниот албански премиер Сали Бериша, кој претходно ја извршуваше функцијата шеф на Одделот за животна средина во Демократската партија, уапсен е вечерва на меѓународниот аеродром во Тирана, јави Топ чанел.
Полицијата го уапсила во моментот кога тој пристигнал на аеродромот со цел да патува надвор од земјата. Апсењето е по наредба на Специјалното обвинителство за организиран криминал и корупција, СПАК, додава телевизијата.
Единственото досие со кое се поврзува неговото име и за кое е пријавен во СПАК е она за приватизацијата на поранешниот спортски клуб „Партизани“.
Тужбата во СПАК за ова досие ја покрена министерот за внатрешни работи Таулант Бала во времето кога беше координатор на пратеничката група на Социјалистичката партија. Освен него тој го обвини и Бериша и тогашниот министер за одбрана Арбен Имами.
Истрагата на СПАК траеше две години. Тогаш Малтези беше повикан во СПАК и на распит за овој случај, додека се чини дека Специјалното обвинителство нашло доволно докази за да го уапси зетот на поранешниот премиер, кој смета дека е еден од главните сопственици на зградите кои ги избришаа трагите од комплексот Партизани, посочува телевизијата.
Во врска со ова прашање, на Бериша му е одредна безбедносна мерка „Задолжително јавување“ а му е одземен и пасошот. Се товари за пасивна корупција, перење пари и прикривање имот.
Инаку, станува збор за имот од околу 10.000 м2, во центарот на Тирана кој е приватизиран во 2008 година за 100.000 долари, што, констатира телевизијата, е помала од вредноста на гарсоњера продадена на тој простор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Вучиќ: Имаме договор за продолжување на снабдувањето со гас
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денес изјави дека Србија има договор со Русија за продолжување на снабдувањето со гас за уште три месеци.
Вучиќ, откако им додели договори за работа на најдобрите дипломирани студенти на медицинските факултети и средните медицински училишта, изјави дека нема да има проблем со снабдувањето со гас до 31 март.
„Имаме договор за продолжување на снабдувањето со гас за уште три месеци, до 31 март, за луѓето да може да бидат безбедни и мирно да спијат“, рече Вучиќ.
Како што додаде, Србија ќе има електрична енергија и доволно гас за претстојната зимска сезона.
Тој изјави дека има информации оти претставници на „Газпром“ разговараат за продажба на акции во НИС, меѓу другите, со унгарската национална компанија МОЛ и дека српското раководство нема ништо против тоа.
„Унгарците се наши пријатели и тоа е во ред. Само да завршиме што е можно повеќе пред 15 јануари. Бидејќи мора да имате предвид дека сè оди совршено и дека немаме никаков проблем со, да речеме, секундарни санкции, а имаме и ќе имаме. И дека немаме никаков проблем со баржи, возови и камиони, дека увезуваме, да речеме, дизел – не можеме да увезуваме 6.000 тони дневно, што ги трошиме. Значи, само сакам да ви кажам дека тоа е невозможна мисија“, рече Вучиќ како одговор на прашањето дали има информации дека се водат преговори меѓу унгарскиот МОЛ и „Газпром“.
Како што рече, само прашање на време е кога и на кој начин ова ќе мора да се промени бидејќи денес е точно 75-тиот ден откако ниту една капка сурова нафта не влегла во Србија.
„Горд сум на Србија, горд сум на граѓаните на Србија. Да бидеме фер кон себе еднаш. Дали некогаш сте замислиле дека е можно Србија да не добие ни капка нафта 75 дена и да нема метеж никаде, никој да не носи кофи или нешто слично, 75 дена, тоа не се седум дена. Да имаме толку многу резерви, да сме толку подготвени за сè и да сме се однесувале толку сериозно и одговорно“, нагласи Вучиќ.
Тој додаде дека ако нема решение, приказната за НИС ќе заврши како што рече претходно – дека државата ќе го преземе НИС и ќе им плати на Русите за нивниот дел.
„Значи, и тој датум (15 јануари) се приближува, се надевам дека ќе се најдат решенија пред тоа, ако не, што треба да правиме“, рече Вучиќ, објави „Танјуг“.
Фото: депозитфотос
Регион
Вучиќ: Следната година е многу важна, ќе ја одреди судбината на Србија
Српскиот претседател Александар Вучиќ ја оцени 2026 година како исклучително важна година поради изборите што ќе „ја одредат судбината на Србија“ и големите инвестиции планирани како дел од подготовките за изложбата ЕКСПО 2027, пишува „n1info.rs“.
Вучиќ изрази надеж дека граѓаните ќе „судат според постапките“ кога гласаат и ќе дадат поддршка на Српската напредна партија.
„Донесете ја одлуката со ладна глава и рационално. Погледнете што е направено, разгледајте ги плановите, програмите и луѓето кои се способни да спроведат нешто или не се способни“, рече Вучиќ.
Тој додаде дека за него е важно што знае колку народот дал за да ја спаси земјата.
„Знам колку разбравте дека вашата земја е загрозена и колку сакавте да помогнете, и затоа сум ви бескрајно благодарен. Благодарение на вас и вашата сила, успеавме да се бориме, успеавме да ја одбраниме и зачуваме Србија и сега само гледаме како Србија може да продолжи напред. Ви благодарам за вашата поддршка“, рече тој.
Фото: депозитфотос
Регион
Рама објави укинување на забраната за „Тик-ток“ во Албанија
Албанскиот премиер Еди Рама објави дека социјалната мрежа „Тик-ток“ повторно ќе биде достапна во Албанија.
Рама во интервју за „Политико“ истакна дека албанската влада постигнала партнерство со претставници на социјалната мрежа и дека набргу ќе претстави нови мерки за заштита на јавноста во оваа земја.
„Задоволни сме од резултатот. Постигнавме партнерство и се надевам дека во наредните недели или месеци ќе го презентираме планот пред албанските граѓани, како што ветивме“, рече Рама.
Албанската влада го забрани „Тик-ток“ пред една година кога објавите на платформата предизвикаа тепачка меѓу млади, во која 14-годишно момче беше избодено до смрт.

