Регион
Харадинај: Привремено ги укинуваме царините со меѓународна гаранција за конечен договор
Косовскиот премиер, Рамуш Харадинај, изјави дека косовската влада привремено ќе ја суспендира царината од 100 отсто, за производи од Србија и Босна и Херцеговина, само доколку постои меѓународната гаранција за конечен договор што ќе резултира со реципрочно признавање.
„Сè додека имаме само неплодни сугестии за состаноците за дијалогот, без цел и јасни рокови, без договор и меѓународна гаранција, дека потпишаниот финален договор ќе резултира со признавање, царината останува на сила”, напиша Харадинај на „Фејсбук“.
„Длабоко сум убеден во можноста за постигнување сеопфатен законски обврзувачки договор со Србија, кој ќе резултира со признавање. Ние интензивно работиме на една конечна, финална спогодба, при што ја изготвивме и Големата книга со поглавја и драфтот на тој договор. Сета таа содржина ја развивме со цел да се осигураме дека кога ќе седнеме со Србија ќе имаме цврста материја, со факти и аргументи“, порача Харадинај.
Тој смета дека воведувањето на царината кон српските производи нема за цел одолговлекување на постигнувањето договор со Србија.„Напротив, Владата на Косово би ја укинала привремено царината, но единствено по меѓународна гаранција дека ќе седнеме и ќе потпишеме конечен договор, кој ќе резултира со меѓусебно признавање“, порача Харадинај, појаснувајќи дека тоа би значело дека постои материјал написмено, кој во принцип го гарантира потпишувањето конечен договор меѓу двете држави.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.

