Регион
Хрватска, Албанија и БиХ бележат рекордни бројки на новозаразени од појавата на пандемијата
Во регионот деновиве забележан е пораст на бројот на заболени од ковид-19.
Во Хрватска, Албанија и БиХ денеска е регистриран рекорден број на новозаболени од почетокот на пандемијата.
Во изминатото деноноќие во Хрватска се регистрирани 140 нови случаи на заразени со Ковид-19, а бројот на активни случаи во моментов изнесува 1.088 лица. Од 25 февруари 2020 година, кога е забележан првиот случај на коронавирус, досега се евидентирани вкупно 3.672 лица заразени со новиот коронавирус, од кои 118 починале, а 2.466 заздравеле. Вчера Хрватска имаше регистрирано 116 случаи на новозаболени.
Здравствените власти во Босна и Херцеговина јавија за рекордни 316 случаи на заразени, што е зголемување во споредба со еден ден порано, кога беа регистрирани 310 новозаболени.
Нови 93 случаи, шестмина оздравени и четворица починати, е билансот од последното деноноќие за состојбата со Ковид-19 во Албанија.
„Од направените 420 тестови на сомнителни случаи, позитивен резултат е добиен кај 93 од нив, што е највисока бројка од појавата на панедмијата на почетокот на март, од кога се направени 31.933 тестови“, велат од албанското Министерство за здравство и социјална заштита.
Состојбата со денови е алармантна и во Србија каде пред два дена имаше 266 новозаразени, а денес бројката изнесува 345.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
(Видео) Вториот најголем вид ајкула снимен во близина на хрватски остров
Интересно суштество беше видено минатата недела во морето во близина на Црес, Хрватска.
Вработените во Институтот „Син свет“ добија видео врз основа на кое заклучија, иако не е најјасно, дека најверојатно станува збор за голема ајкула (Cetorhinus maximus). До овој заклучок дојдоа врз основа на карактеристичниот облик на нејзината грбна перка.
Големата ајкула е вид кој е редок, но постојано присутен по должината на источниот јадрански брег.
Повеќето видувања на ова животно доаѓаат од северниот Јадрански дел, вклучувајќи го и Кварнерскиот залив, кој е добро познат како област на Јадранскиот дел со најголема биомаса на зоопланктон, истакнува Институтот.
Тоа е втор најголем вид ајкула во светот, веднаш по кит-ајкулата, и може да достигне должина од повеќе од десет метри.
Тоа е миграторен вид кој се храни со планктон со филтрирање на морето со широко отворена уста и не е опасен за луѓето.
„Со учество во собирањето податоци од страна на јавноста, добиваме вредни информации што им помагаат на научниците во истражувањето и заштитата на морето. Секоја фотографија, секој совет и секој запис во апликацијата придонесува за подобро разбирање и зачувување на нашиот морски екосистем“, рекоа тие.
Регион
(Фото) Загина планинар во Црна Гора
Црногорски планинар загина на планината Хајла. Неговото тело беше пронајдено вчера на црногорската страна од планината, откако беше пријавен за исчезнат во саботата. Спасувачи од Косово и Црна Гора учествуваа во потрагата, а беа известени од хрватски планинари, соопшти Косовската планинска служба за спасување.
Косовската планинска служба за спасување доби повик од косовската полиција во саботата, 21 февруари, за несреќа што се случила на врвот Хајла, на надморска височина од 2.407 метри. Според првичните информации, SOS пораката ја испратила група хрватски планинари. Тие пријавиле дека црногорскиот планинар се лизнал и паднал во клисура на северната падина од врвот и дека изгубиле секаков контакт со него.
Временските услови во областа биле исклучително тешки, што значително ја комплицирало операцијата за пребарување и спасување. Веднаш по приемот на повикот, Косовската планинска служба распоредила тим планински спасувачи и започнала со координирање на операцијата со колегите од Планинската служба за спасување на Црна Гора. Со оглед на географската локација на местото на несреќата и итноста на ситуацијата, започна прекугранична операција.
Екипите, во тесна соработка со црногорските власти и локалните планинари од Рожаје, ја започнаа операцијата во доцните вечерни часови.
Сепак, поради тешките временски услови и слабата видливост, потрагата беше прекината од безбедносни причини и беше одлучено да продолжи во утринските часови.
Во недела, 22 февруари, за време на обемна потрага што се одвиваше во два правци, беше пронајдено безживотното тело на планинарот Ц.Ф..
Телото беше лоцирано на локација позната како „Јама“, на северните падини на Хајла, на територијата на Црна Гора. По завршувањето на процедурите, телото беше транспортирано и предадено на надлежните институции.
Регион
Трагедија на Уна во Хрватска: се превртел чамец, има загинати
Хрватската полиција и припадници на Хрватската горска служба за спасување од утрово трагаат по лица, најверојатно мигранти, кои завршиле во реката Уна кај Хрватска Костајница, пренесува Н1 Хрватска.
Полицајци околу 4:45 часот слушнале повици од реката Уна кај местото Росуље. Веднаш притрчале на помош и пронашле едно живо лице и едно безживотно тело. Бидејќи се сомнева дека во водата има уште лица, започната е спасувачка акција, потврдиле за 24сата од Полициската управа сисачко-мославачка.
Во потрагата се вклучени и дронови за што побрзо лоцирање и извлекување на лицата. Утврдено е дека дошло до превртување на чамец, објави Вечерњи лист.
Како што неофицијално дознава 24сата, во чамецот кој пловел кон хрватскиот брег имало најмалку пет лица, а наводно станува збор за мигранти и криумчар.

