Регион
Хрватските „мигови“ се неупотребливи – Загреб призна: Небото ќе го чуваат Унгарците и Италијанците

Хрватскиот воздушен простор за кратко ќе биде надгледуван од унгарски и италијански борбени авиони, објави министерот за одбрана, Марио Баножиќ, за хрватските медиуми.
Тој рече дека тоа е неопходно бидејќи хрватските пилоти и механичари ќе поминат обука за преминување на авионите „рафал“.
Баножиќ не сакаше да открие кога унгарските и италијанските авиони би можеле да ја преземат контролата над хрватското небо.
Како што дознава „Јутарњи лист“, освен интензивната обука на механичарите и пилотите, причина за ангажманот на италијанските и унгарските авиони е исцрпувањето на ресурсите на хрватските „мигови“. Во моментот хрватското воздухопловство располага со осум борбени авиони „миг 21“.
Ресурсите на некои од овие авиони истекуваат оваа година, а некои мора да бидат приземјени во 2024 година и понатаму.
Баножиќ вчера изјави дека првите „рафали“ во Хрватска ќе пристигнат во првиот квартал на следната година до кога треба да биде готова инфраструктурата за нивен прием. Последните треба да пристигнат во првиот квартал од 2025 година. Со оглед на тоа темпо на испорака може да се очекува дека италијанските и унгарските авиони ќе бидат ангажирани на крајот на оваа година.
Во 2019 година Хрватска и Унгарија потпишаа договор со кој беа отстранети правните и дипломатските пречки за Унгарија да го надгледува воздушниот простор на Хрватска доколку е потребно. Во документот се наведува дека двете земји го следат и штитат воздушниот простор како дел од интегрираниот систем за воздушна одбрана и противракетна одбрана на НАТО, пишува „Јутарњи лист“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Албанска министерка го разреши својот заменик поради непочитување на забраната за пушење

Министерката за внатрешни работи на Албанија, Албана Кочиу, го разреши својот заменик поради непочитување на забраната за пушење во ресторан во САД, објавува „Спутник“.
Таа потврди на социјалните мрежи дека го сторила тоа врз основа на пријавата на албански државјанин кој живее во Њујорк, каде што бил во посета нејзиниот заменик Анди Махила. Како што изјави, тој пушел цигара во ресторанот „што предизвикало немир кај присутните“.
Албана Кочиу е првата жена на чело на полицијата во историјата на Албанија, а во претходната влада беше министерка за здравство.
Фото: принтскрин
Регион
Улиците во Белград оштетени за време на воената парада

Јавното комунално претпријатие Белград (ЈКП) доби наредба денес да излезе на терен и да започне со поправка на патиштата оштетени за време на воената парада „Силата на единството“ во саботата во српскиот главен град.
Членови на кабинетот на српскиот министер за одбрана и Секторот за инфраструктура и стандардни услуги вчера ја посетија рутата на парадата со претставници на Град Белград, Јавното комунално претпријатие Путеви Београда и ЈКП Белград за да ја утврдат штетата предизвикана за време на подготовките и одржувањето на парадата.
На жителите на Белград претходно им беше ветено дека сè ќе биде вратено во првобитната состојба, објавува Нова.рс.
Во саботата во Белград се одржа воена парада насловена како „Силата на единството“, на која учествуваа околу 10.000 војници. На парадата присуствуваа претставници на српскиот државен врв, предводени од претседателот Александар Вучиќ.
фото: принтскрин
Регион
Милановиќ: Луѓето на водечките позиции, особено во Европа, работат многу лошо

„Времињата во кои живееме денес се депресивни и не се добри. Луѓето што се на лидерски позиции, особено во Европа, работат многу лошо и воопшто не се на ниво на задачата. Некои работи се нерешливи, а начинот на кој се решаваат води кон понатамошен антагонизам и евентуално војна“, рече хрватскиот претседател Зоран Милановиќ во неделата вечерта во Њујорк.
Споредувајќи го времето на Студената војна со денешната ситуација, Милановиќ потсети дека тогаш било исклучително тешко и дека се потребни голема концентрација за разни луѓе да седнат и да разговараат за важни прашања.
„Во последните дваесет години сè е нарушено, безбедносната архитектура на светот, особено на западниот свет и на северната хемисфера, повеќе не постои“, рече тој и додаде дека денес живееме во тешки времиња и затоа мора да се погледнеме себеси, нашата работа и нашите интереси и да видиме дека не се истакнуваме премногу во сојузите во кои сме – НАТО и Европската Унија“.
Зборувајќи за ситуацијата во ЕУ и улогата на Хрватска, Милановиќ нагласи: „За жал, работите не функционираат онака како што требаше. Не мислам на привремени и повремени пласмани на пари што доаѓаат во Хрватска за претежно непродуктивни проекти и работи што нема да ја направат Хрватска технолошка сила и нема да ја направат побогата земја. Но, подобро е да го имаме тоа бидејќи кога ќе престане, ќе имаме нови сериозни предизвици. Денес, Хрватска мора да биде лојална на сојузите во кои е членка и мора да ги почитува обврските што ги презела, но исто така никогаш не смееме да дозволиме да бидеме вовлечени во комбинации и авантури што не сме ги кроеле бидејќи тоа не е солидарност. Никој не може да го бара тоа од нас и нема да го добие, според мене“.
Осврнувајќи се на војната во Газа, Милановиќ изјави: „Можеме да се залагаме за признавање на Палестина. Велат дека нема многу да се промени. Па, нема, но некои работи треба да се решат за да се продолжи понатаму. Светот нема да биде подобар и поубав, секогаш ќе биде исполнет со кризи, дефекти и недостатоци и ние мора да се приспособиме на тоа“.
Фото: принтскрин