Регион
Чешка: Мнозинството членки на ЕУ условуваат одобрување кандидатски статус за БиХ
Сите земји од Европската Унија го поддржуваат нејзиното проширување кон Западен Балкан, вклучително и Босна и Херцеговина, но некои не се откажуваат од барањето таа земја да покаже напредок за да добие кандидатски статус, а Чешка, која моментално претседава со Советот на ЕУ, исто така е застапник на овој критериум.
Ова го потврди и амбасадорката на Чешка во Босна и Херцеговина, Ивана Хлавсова, која денеска во интервју за „Независне новине“ од Бања Лука изјави дека е јасно оти некои членки на Унијата се залагаат БиХ да добие кандидатски статус за членство веднаш и без дополнителни услови, но мнозинството е против таквиот пристап и сака БиХ да спроведе барем дел од 14-те приоритетни реформи дефинирани од Европската комисија во 2019 година.
„Мнозинството верува дека БиХ треба да направи одреден напредок пред кандидатурата. Чешкото претседателство и Делегацијата на ЕУ во БиХ, која врши важна работа, продолжуваат да ги потсетуваат локалните власти колку е важно да се исполнат условите за кои веруваме дека се остварливи. Велат дека ни требаат добри вести за да можеме да водиме плодна дискусија во ЕУ. Мораме да имаме нешто што можеме да го претставиме, бидејќи во спротивно ќе биде тешко да се убедат многумина во ЕУ дека БиХ ќе ја добие кандидатурата“, рече Хлавсова.
„Треба сериозно да размислиме за промени на уставот на Босна и Херцеговина“
Таа не прецизираше кои земји се поборници за безусловно одобрување на кандидатскиот статус на БиХ, но хрватскиот претседател Зоран Милановиќ беше меѓу жестоките застапници на таквиот пристап, особено откако ѝ беше доделен кандидатски статус на Украина.
Амбасадорката Хлавсова рече и дека ставот на Чешка е дека по 27 години од потпишувањето на Дејтонскиот договор, дојде време сериозно да се разгледаат измените на Уставот на Босна и Херцеговина, кој е составен дел на тој документ.
Чешкиот амбасадор истакна дека тоа е документ чија цел била да се запре војната, а не да биде долгорочен аранжман за таа земја.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.
Регион
(Видео) Снегот уриваше дрвја и оштети автомобили во Белград
Обилниот снег што падна во Србија во неделата предизвика проблеми во сообраќајот, прекини во електричната енергија и го отежна секојдневниот живот на граѓаните, а новиот удар на зимата беше особено видлив во Нов Белград, каде што обилните снежни врнежи соборија дрвја, а гранки паднаа врз паркираните автомобили.
Во една белградска населба, снегот беше доволно силен за да собори неколку дрвја и дебели гранки од улиците и зелените површини, предизвикувајќи штета на некои автомобили.
Снежните врнежи во поголемиот дел од Србија беа пообилни од вообичаените за ова време од годината.
Во некои области наврнаа повеќе од 25 сантиметри снег за помалку од 24 часа, предизвикувајќи доцнења во сообраќајот и летовите од аеродромот во Белград, како и привремени проблеми со електричната мрежа во планинските области.

