Регион
Шефот на косовската тајна служба поднесе оставка
Две недели по апсењето на шестмина турски државјани на Косово, Директорот на косовската тајна служба, Дритон Гаши, поднесе оставка, пишува приштинскиот портал „Зери“.
Оставката од Гаши се случи по барање на косовскиот премиер Рамуш Харадинај поради апсење и депортација на шестмина турски државјани, кои официјална Анкара ги смета за следбеници на движењето ФАТО, кое го предводи верскиот лидер во егзил, Фетулах Ѓулен.
Гаши ја поднел оставката до канцеларијата на премиерот и денеска се поздравил со вработените, потврди и портпаролката на владата, Доњета Гаши.
„Да. Има неколку дена за примопредавање на должноста“, рекла кусо Гаши.
Претходно, поради истата причина, оставка по барање на Харадинај поднесе и министерот за полиција, Фљамур Сефај. Барањето на Харадинај што се однесуваше на тоа Сефај и Гаши да поднесат оставки дојде еден ден откако шестмината Туци биле уапсени и депортирани во Турција. Претходно им беше укината дозволата за престој во Косово.
Харадинај ги побара оставките затоа што акцијата за апсење и депортација на турски државјани била спроведена во заедничка акција со турската тајна служба, а владата, односно тој, не биле известени за тоа.
Оставката на Гаши треба да ја потпише и претседателот на привремените косовски институции, Хашим Тачи, кој претходно рече дека не се согласува со промена во врвот на косовската тајна служба.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.

