Регион
Шолц најави самит за Западен Балкан во ноември
Самитот за Западен Балкан ќе се одржи во ноември годинава во Берлин со цел да се даде нов поттик на таканаречениот „Берлински процес“. Ова денеска го соопшти германскиот канцелар Олаф Шолц, а го соопшти германската влада.
По средбата со словенечкиот премиер Роберт Голоб во Берлин, на која една од темите беше и проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан, Шолц рече дека може да се постигне договор за понатамошни конкретни чекори за европската интеграција на Западен Балкан.
Шолц истакна дека на Западен Балкан му била ветена брза и реална перспектива на ЕУ во 2003 година, но оцени дека оттогаш малку се случило, пренесе СТА.
Тој рече дека Германија и Словенија би сакале да соработуваат за давање нов поттик на процесот на пристапување на Западен Балкан во ЕУ.
Голоб, чијшто ова е негова прва билатерална посета во странство откако го презеде мандатот, рече дека верува оти мора да се најдат начини земјите од Западен Балкан да преземат индивидуални чекори и да постигнат успех на патот кон ЕУ.
„За жал, овој процес, како што е направен, е процес што доведе до апатија во овие земји бидејќи е апсолутно премногу бавен“, рече Голоб.
Тој оцени дека ЕУ треба да се фокусира на наградување на Западен Балкан за напредок на патот кон пристапување во ЕУ, со цел да им даде поттик на тие земји да продолжат да ја следат таа „далечна и предизвикувачка цел“, наведува „Ројтерс“.
Тој го наведе енергетското прашање како пример и сугерираше дека на Северна Македонија може да ѝ се дозволи да учествува во енергетски проекти ширум ЕУ штом земјата ќе ги имплементира сите енергетски правила на ЕУ.
Двајцата претставници разговарале и за последиците од војната во Украина, пред сè за енергетската криза, а Голоб оценил дека преживувањето на зимата без руски гас е многу амбициозна, но остварлива цел, доколку ЕУ соработува.
Шолц рече дека ЕУ ќе мора да направи се за да ја намали енергетската зависност од Русија и укажа на обидите за воспоставување инфраструктура, што ќе овозможи краткорочно извлекување нафта и гас од други извори.
Двајцата лидери се залагаа за продолжување на политичката, воената и хуманитарната помош за Украина, како и за санкциите против Русија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.
Регион
(Видео) Снегот уриваше дрвја и оштети автомобили во Белград
Обилниот снег што падна во Србија во неделата предизвика проблеми во сообраќајот, прекини во електричната енергија и го отежна секојдневниот живот на граѓаните, а новиот удар на зимата беше особено видлив во Нов Белград, каде што обилните снежни врнежи соборија дрвја, а гранки паднаа врз паркираните автомобили.
Во една белградска населба, снегот беше доволно силен за да собори неколку дрвја и дебели гранки од улиците и зелените површини, предизвикувајќи штета на некои автомобили.
Снежните врнежи во поголемиот дел од Србија беа пообилни од вообичаените за ова време од годината.
Во некои области наврнаа повеќе од 25 сантиметри снег за помалку од 24 часа, предизвикувајќи доцнења во сообраќајот и летовите од аеродромот во Белград, како и привремени проблеми со електричната мрежа во планинските области.

