Регион
Ѓуровиќ: Квинтата демонстрира сила во Советот на Европа
Тоа што барањето на Приштина за членство во Советот на Европа беше прифатено на вонредната седница на Комитетот на министрите на Советот на Европа и беше проследено за мислење до Парламентарното собрание на Советот на Европа е демонстрација на сила на квинтата, изјави вчера за „Косово онлајн“, Александра Ѓуровиќ, шеф на српската мисија во СЕ.
„Германија од лидерска позиција ги мобилизира сите свои дипломатски канали од Стразбур преку земјите членки на СЕ, ги ангажира своите амбасади и беше извршен огромен притисок врз Рејкјавик како претседавач“, посочи таа.
Ѓуровиќ гледа две причини зошто барањето за членство во СЕ, што Косово го поднесе лани во мај, влезе во процедура токму сега – првата е што почна седницата на ПССЕ, а втората е претстојната средба на највисоко ниво меѓу Белград и Приштина во Брисел на 2 мај.
Според неа, никогаш во историјата на СЕ не се случило вонреден состанок на ПССЕ да се одржи во неделата кога заседава Парламентарното собрание. Ова е преседан. Друга работа е најавениот разговор на 2 мај меѓу претседателот Вучиќ и Курти.
„Ние изнесовме аргументи дека треба да се почека на оваа средба да се види какви ќе бидат резултатите од тие разговори, т.е. конечно да го презентираме нацрт-статутот на заедницата на општините со мнозинско српско население (ЗСО), но во неформалните разговори со претставници на одредени земји сфативме дека токму тоа е една од причините за брзањето. Условот на Курти бил да се почне постапката за членство на Приштина во СЕ за да се разговара за нацрт-статутот на ЗСО во Брисел“, објаснува Ѓуровиќ.
При свикувањето на вонредниот состанок на Комитетот на министрите на СЕ, според Ѓуровиќ, тие дури и го прекршиле деловникот бидејќи во еден од неговите членови експлицитно се наведува дека секој состанок мора да биде најавен на последниот состанок на Комитетот.
„И ова свикување на состанокот на Комитетот на министрите на СЕ, со кое се прекршуваат правилата на деловникот, е демонстрација на сила. Многу земји овде во неформални разговори изразија незадоволство што е прекршен деловникот за да се задоволат нечии интереси“, вели таа.
Според Ѓуровиќ, проследувањето на барањето за членство од Комитетот на министрите на СЕ до ПССЕ е првата фаза од процесот за членство во СЕ, кој е прилично долга.
Сега ПССЕ треба да назначи известувачи во неколку комисии. Потоа, ако двотретинско мнозинство од пратениците на ПССЕ дадат позитивно мислење за барањето, доаѓа третата фаза, која го враќа барањето во Комитетот на министрите за конечна одлука.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.

