Регион
Јанша: Некои лидери не сакаат проширување на ЕУ зашто вака имаат поевтина работна сила

Словенија во текот на своето претседавање со Советот на ЕУ се избори во документите повторно да се воведе поимот „перспектива за членство“, наместо само „европска перспектива“ за државите на Балканот и европското источно соседство, тврди словенечкиот премиер Јанез Јанша, а пренесува хрватски „Индекс“.
„Еден од стратегиските успеси е што проширувањето го вративме на маса како еден од клучните проекти на ЕУ. Но за тоа беа потребни многу расправи“, изјави Јанша за словенечката телевизија, зборувајќи за успесите на својата влада, во традиционалното предновогодишно интервју.
„Во тие расправи многу пати кажав дека по сè што доживуваме на истокот и што во последните децении го гледавме на Балканот треба да биде јасно дека ЕУ мора да се шири, со што се шири просторот на слободата и благосостојбата. Треба да се ослободиме од илузијата дека нештата ќе се решаваат сами по себе, а ако не се шири ЕУ, ќе се шири некој друг“, кажа словенечкиот премиер.
„Еден од европските лидери, нема да му го спомнам името, во расправата дури кажа: зошто би ги внеле во Европската Унија, кога вака ни се поевтини како работна сила“, откри Јанша, додавајќи дека во некои постари членки преовладуваат „тесноградоста и националистичките интереси“ над визијата на слободна, мирна и обединета Европа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Трета жртва од тешката сообраќајка во Сремска Митровица – почина за време на операцијата

Уште едно лице загинало по сообраќајната несреќа што се случи денес во Сремска Митровица, кога автобус се преврте и излета од патот. Ова е третата жртва на ужасната сообраќајна несреќа.
Како што објави „Н1“, лицето загинало за време на операцијата.
Како што претходно беше објавено, возачот на автобусот е приведен и во притвор до 48 часа.
Повредени се околу 80 лица. Причините за несреќата засега не се познати.
Регион
Вучиќ: Србија ќе се приклучи на развојот на руската вакцина против рак

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека разговарал со Александар Кецман, директор на Институтот „Гамалеја“ во Москва, кој го информирал дека во Русија се развива вакцина против рак.
„Ми објаснија одредени работи. Имаме голем процент на заболени од рак. Оваа вакцина е поинаква, бидејќи им помага на веќе болните луѓе — не е превентивна. Може да биде успешна до 85 проценти,“ рече Вучиќ.
Тој додаде дека Србија ќе се вклучи во проектот веднаш штом Русија го дозволи тоа:
„Ќе подготвиме целосна инфраструктура за да бидеме спремни за два до три месеци. Не можеме уште да ја произведуваме, но ќе направиме сè за да бидеме подготвени.“
Вучиќ нагласи дека во Србија има повеќе случаи на малигни заболувања отколку во другите земји, што, според него, е поврзано со последиците од бомбардирањето во 1999 година.
Регион
Возачот на автобусот приведен по тешката несреќа кај Сремска Митровица: две жртви и 80 повредени

Возачот на автобусот кој денеска се преврте кај Сремска Митровица е приведен и му е одредено задржување до 48 часа, соопшти српското Министерство за внатрешни работи (МУП), пренесе „Н1“.
Во несреќата загинаа две лица, а околу 80 се повредени. 35 повредени лица се згрижени во Општата болница во Сремска Митровица, една личност е пренесена во Клиничкиот центар на Војводина, а уште една е во операциона сала. За останатите се врши дијагностика.
Автобусот на компанијата „Сирмиум бус“, кој превезувал работници од фирмата „Хелткеар“, излета од патот и се преврте на кров од засега непознати причини. Несреќата се случи околу 14:45 часот.
Полицијата го затвори патот и не дозволува пристап до местото на несреќата, а на лице место излезен е и јавен обвинител за да ја утврди причината за трагедијата.