Регион
Јанша: Словенија сериозно бара решенија за Западен Балкан во ЕУ

Словенечкиот премиер, Јанез Јанша, денеска изјави дека Словенија сериозно бара решенија за развој на регионот и ЕУ-перспектива на земјите од Западен Балкан, но дека некои наводи се обидуваат да ја спречат таа цел.
Тој се јави на својот профил на „Твитер“ по повод пишувањето на медиумите во БиХ дека му предал нон-пејпер на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, во кој наводно најавил дека еден од приоритетите ќе биде завршувањето на распадот на Југославија.
Јанша изјави дека последен пат се сретнал со Мишел минатата година и додаде дека тешко оти физички можел да му предаде нешто во февруари или март годинава.
Претходно денес, „Фена“ објави дека членот на Претседателството на БиХ, Жељко Комшиќ, потврдил дека словенечкиот претседател Борут Пахор, при неодамнешната посета на Сараево, изјавил дека во последно време во Европа се зборува дека треба да се доврши распадот на Југославија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Полицијата откри 31 дете во куќа во БиХ, тројца уапсени за трговија со луѓе

Полицијата во Брчко заедно со надлежните служби пронашла 31 дете во куќа, дознава Klix.ba. Децата имале хрватски пасоши, а три лица се уапсени под сомнение дека извршиле повеќе кривични дела, вклучително и трговија со луѓе.
Како што соопштија од полицијата, вчера полициски службеници под надзор на Обвинителството на округот Брчко на БиХ и во соработка со пододделот за социјална заштита и Црвениот крст пронашле поголем број деца и ги однеле на безбедно место.
„Во рамки на досегашните активности, уапсени се три лица осомничени за сторени кривични дела трговија со луѓе, трговија со деца и запоставување или злоупотреба на деца. Истрагата за овој случај е во тек. Имајќи ги предвид законските одредби во постапките против сторители на кривични дела против деца и малолетници, како и универзалните права на децата, ве потсетуваме на обврската да се постапува со особена внимателност со цел да се избегнат натамошни штетни последици и да се заштитат интересите на децата“, соопшти полицијата на Брчко, пренесе Klix.ba.
Според неофицијални информации, властите пронашле дури 31 дете во куќа во месноста Брчко, од кои некои се помлади од една година.
Изворот на Klix.ba наведува дека децата имале хрватски пасоши и биле чувани од женско лице, најверојатно италијански државјанин. Со неа биле уапсени и државјанин на БиХ и неговиот син.
Која била крајната цел на оваа криминална група во однос на децата, во моментов е предмет на истрага.
Регион
Полицијата го тресе граѓанскиот сектор во Белград

Невладината „Граѓански иницијативи“ соопштува дека полицијата се уште е присутна во нивните простории и дека претресот влегол во 10-ти час.
Во текот на денот, полициските службеници беа во постојан контакт со Обвинителството и побараа повеќе од 100 документи поврзани со проектот на УСАИД, иако Граѓанските иницијативи располагаат само со пет проценти од буџетот за еден проект на УСАИД, се вели во соопштението.
Како што се посочува, оваа акција доаѓа по повеќенеделни медиумски најави на провладините таблоиди и режимски медиуми дека ќе се водат истраги против граѓански организации кои добиваат меѓународна финансиска поддршка.
Ваквиот наратив, кој со години се користи за дискредитирање на организациите кои се занимаваат со владеење на правото, демократијата и заштитата на човековите права, сега е преточен во конкретни институционални потези, кои јасно ја загрозуваат слободата на здружување и дејствување, се наведува во соопштението.
Граѓанските иницијативи укажуваат дека меѓународните документи кои ја гарантираат слободата на здружување, како што се Меѓународниот пакт за граѓански и политички права и Европската конвенција за човекови права, јасно дефинираат дека државите не смеат да користат репресивни мерки за ограничување на работата на граѓанските организации.
Регион
Таксист од Непал протеран од Хрватска

Полициски службеници од Задар извршија кривична истрага против 34-годишен непалски државјанин, осомничен за кривично дело Фалсификување исправа. Имено, при засилен сообраќаен надзор, полициски службеници на 20 февруари во 23 часот и 56 минути запреле такси со задарски регистарски таблички управувано од 34-годишен непалски државјанин.
По натамошниот преглед и увид во странската возачка дозвола, полициски службеници се посомневале во нејзината автентичност и дека се работи за фалсификувана исправа. Возачот е приведен во полициска станица каде што била спроведена кривична истрага при што му била одземена возачката дозвола што ја користел.
Против 34-годишникот до надлежното државно правобранителство Задар е поднесена кривична пријава за сторено кривично дело Фалсификување исправа. Согласно Законот за странци, на странскиот државјанин му е одземена дозволата за престој и работа и му е издадено решение за протерување од Европската економска зона со конкретен рок за напуштање и забрана за влез и престој.