Регион
(Видео) Немања Шаровиќ нападнат во Белград
Немања Шаровиќ, поранешен истакнат член на Српската радикална партија на Шешељ и долгогодишен соработник на Воислав Шешељ, а сега новинар на КТВ Зрењанин познат по исмејувањето на поддржувачите на Српската напредна партија (СНС), беше нападнат вчера во Белград за време на митинг организиран од поддржувачите на Александар Вучиќ.
Шаровиќ со години беше едно од најпрепознатливите лица на Српската радикална партија, пратеник во српскиот парламент и еден од најблиските луѓе на Воислав Шешељ. По разделбата со Шешељ, тој го основа движењето „Љубов, вера, надеж“, а потоа се сврте кон медиумскиот активизам. Во последниве години, тој привлече големо внимание со видеа во кои ги посетува митинзите на СНС со микрофон и редовно се исмејува со поддржувачите на Вучиќ. Токму овој вид содржина, пофалена и критикувана во Србија, го претвори во една од повидливите фигури на антирежимската сцена.
Тој бил нападнат со шишиња и петарди, а микрофонот му бил исфрлен од рака
Како што објави Н1 Србија, Шаровиќ и екипата на КТВ биле на терен кога митингот на СНС станал агресивен. Снимките покажуваат како толпата го напаѓа, го навредува и фрла предмети кон него. Во еден момент, еден од поддржувачите на Вучиќ насилно му го исфрлил микрофонот од рака. Според Шаровиќ, кон него летале шишиња, петарди и други предмети.
Иако е јасно дека се случил физички напад врз новинарската екипа, полицискиот кордон што бил во непосредна близина не реагирал. Според Н1, толпата постојано ја повикувала полицијата да го запре насилството, но тие само го гледале настанот.
фото: принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Ја уби својата партнерка, па нејзиното тело го скри во замрзнувач: српската полиција го фати 43-годишниот убиец
Полицијата во Лесковац го уапси Д.Д. (43) од Печењевац, осомничен за тешко убиство на неговата 36-годишна партнерка. Тој е осомничен дека ја убил на 2 ноември во семејната куќа, по што избегал. Му е одреден притвор до 48 часа и ќе биде приведен во Вишото јавно обвинителство во Лесковац со кривична пријава, пишува српски Телеграф.
Злосторството што ја потресе Србија беше откриено кога полицијата го пронајде телото на Катарина Глигоријевиќ скриено во замрзнувач. Нејзиниот вонбрачен партнер, Далибор Демировиќ, веднаш беше осомничен за нејзиното убиство.
Во времето на неговото бегство, Демировиќ наводно бил во домашен притвор со електронски мониторинг за друго кривично дело.
Тој бил ставен во домашен притвор за напад врз службено лице, полицаец, врз кого наводно фрлил ограда од тераса. Сепак, локалните жители се сомневаат во оваа верзија.
фото: принтскрин
Регион
Прогласена четиридневна жалост по трагедијата во Тузла
Тузла е обвиена во тага по вчерашниот пожар во дом за стари лица, во кој животот го загубија 11 мина. Поради оваа голема трагедија, една од најголемите во поновата историја на градот, градоначалникот Зијад Лугавиќ прогласи четиридневна жалост, што почнува денес, пишува „Кликс.ба“.
Голем број луѓе добиле со полесни и тешки повреди во пожарот. Според последните информации, 15 пациенти сè уште се во болница. Состојбата на четворица од повредените е исклучително сериозна и тие се поврзани на респиратори.
Со одлука на градоначалникот, денови на жалост во Тузла ќе бидат денес, утре, сабота и недела. Во овој период јавноста треба да се придржува до пропишаните правила. Четврток е прогласен за ден на жалост на ниво на Федерацијата на Босна и Херцеговина и округот Брчко.
фото: принтскрин
Регион
Бугарија се подготвува за продажба на рафинеријата на „Лукоил“
Партијата ГЕРБ во Бугарија планира да предложи закон што ќе му овозможи на специјален администратор да ја спроведе продажбата на рафинеријата на „Лукоил“ во Бургас, најголемиот објект за преработка на нафта во земјата.
Иницијативата доаѓа во време кога САД и Велика Британија воведоа нови санкции против руските нафтени компании, вклучувајќи го и „Лукоил“, поради војната во Украина.
Законот, како што објави денес локалниот бугарски медиум „Медијапул“, ќе му овозможи на специјалниот администратор да го преземе надзорот врз рафинеријата во Бургас и да донесува одлуки за продажбата, без право на рускиот сопственик да ја блокира одлуката, да ја оспори или да влијае на процесот, што би овозможило промена на сопственичката структура на рафинеријата и зачувување на нејзиното работење според новите услови на меѓународни санкции, пренесе „Б92“.
Лидерот на ГЕРБ и поранешен премиер Бојко Борисов изјави дека постои логика во ова решение и најави дека нацрт-законот ќе биде доставен до парламентот.
Целта е да се обезбеди непречено функционирање на клучната енергетска инфраструктура во земјата почитувајќи го режимот на санкции од Западот, објавува „Ројтерс“.
Рафинеријата во Бургас, со капацитет од речиси 190.000 барели дневно, е од стратешко значење за снабдувањето на Бугарија и делови од регионот.
Владата на Софија објави дека е во постојан контакт со американските институции за да може работењето на рафинеријата да продолжи и покрај санкциите.
„Лукоил“ веќе се соочува со тешкотии во меѓународните операции поради ограничувања што влијаат на логистиката, трговијата и финансиските текови.
Компанијата, според изворите, имала проблеми со товарење во Ирак, пумпни станици во Финска и со тргување во Швајцарија.
Министерството за финансии на САД издаде привремена дозвола, што им овозможува на компаниите да ги прекинат постојните трансакции со „Лукоил“ до 21 ноември.

