Свет
The Telegraph: Талибанците заработија милиони од Светското првенство во Катар
Талибанците заработија милиони на Светското првенство со обезбедување градежна опрема за изградба на стадион во Катар, тврди британски Телеграф.
Високи талибански функционери користеле пари што ги добиле од мировните преговори за купување, а потоа изнајмувале машини за изградба на инфраструктура во изминатата деценија, им рекол извор од талибанската канцеларија во Доха.
Голем контингент на талибанско раководство живее во Доха, главниот град на Катар, од 2013 година, каде што се вклучени во долготрајните мировни преговори со САД и ОН.
„Талибанците инвестираа многу во изградбата на Светското првенство и турнирот им беше златна патка. Тие беа платени со милиони“, тврди извор кој живеел во Доха во деценијата пред талибанците да го преземат Авганистан, во 2021 година.
„Некои членови на талибанците имаа меѓу шест и десет големи машини во Доха и заработуваа до 10.000 фунти по машина месечно“.
Два различни високи талибански извори опишаа како службениците добивале профитабилни стипендии за живеење во земјата за време на мировните преговори, кои потоа биле инвестирани во тешка градежна механизација.
Телеграф пишува дека катарските власти, со одобрение на САД и ОН им плаќале на членовите на политичката канцеларија на талибанците во Доха месечен надоместок во вредност од илјадници фунти, како дел од напорите за олеснување на мировните преговори со Западот. На официјалните лица кои го посетија им се обезбедени и луксузни теренски возила, бесплатна здравствена заштита и редовна достава на храна.
Нема индикации дека катарските власти извршиле незаконски постапки или некаква вмешаност во градежните аранжмани на талибанците, пишува Телеграф.
Повеќе извори велат дека талибанскиот посредник од Доха, Хаџи Ахмад Џан, поранешен министер за нафта и рудници на Авганистан меѓу 1996 и 2001 година, го надгледувал изнајмувањето на машините на градежните компании одговорни за изградба на стадиони и инфраструктура за Светското првенство. Телеграф го контактираше за коментар, но сè уште нема одговор.
Наводните врски на талибанците со изградбата на стадиони за Светското првенство, иако не се несоодветни или незаконски, покренуваат дополнителни прашања за турнирот поврзан со бројни контроверзии и наводи за злоупотреба на трудот, пренесува Индекс.хр.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Брутално претепан познатиот албански водител Елтон Тозај, може да остане слеп
Познатиот албански водител Елтон Тозај бил нападнат и брутално претепан синоќа околу 19:30 часот на автопатот Тирана-Драч, под околности кои сè уште остануваат вознемирувачки и нејасни, објавија медиумите.
Според информациите објавени од неговото семејство, на неговиот профил на социјалните мрежи, новинарот бил брутално нападнат од неколку лица. Во насилството врз Тозај му биле нанесени сериозни физички повреди.
„Семејството објави дека Елтон Тозај моментално е во сериозна здравствена состојба и е на интензивна медицинска нега. Според нив, ситуацијата е деликатна, бидејќи новинарот се бори да не го изгуби видот, што го прави овој настан уште поалармантен“, наведуваат медиумите.
Од полицијата засега нема информација околу настанот.
Свет
Бурата Јоханес ја погоди Шведска, повеќе од 40.000 домаќинства без струја
Бурата Јоханес ја погоди Шведска носејќи силни ветрови и снежни врнежи, додека повеќе од 40.000 домаќинства останаа без електрична енергија.
Според метеоролозите, бурата се шири брзо и се очекува ветровите да се зајакнат во текот на денот.
Бурата започна ноќеска од северот на земјата, со многу силни ветрови, додека жолти и портокалови временски предупредувања беа издадени за поголемиот дел од Шведска, пренесе локалниот портал Expressen.
Свет
По рускиот напад над 2.600 станбени згради, 187 градинки, 138 училишта и 22 социјални згради се без греење во Киев
Околу 600.000 потрошувачи во Киев и околниот регион останаа без електрична енергија.
Енергетските екипи се на терен и вложуваат максимални напори за што поскоро враќање на снабдувањето, објави премиерката на Украина Јулија Свириденко на социјалните мрежи.
„Работиме на решавање на последиците од ноќниот напад врз Киев и регионот. Предупредувањето за воздушна опасност во Киев беше на сила 10 часа. Една жена почина во регионот на Киев. Во главниот град досега се повредени 32 лица“, рече Свириденко.
Службите за итни случаи се на терен, кои, заедно со медицинските екипи, ги расчистуваат урнатините и им пружаат помош на жртвите. Премиерката додаде дека во нападот се оштетени цивилни и енергетски објекти.
Во моментов, над 2.600 станбени згради, 187 градинки, 138 училишта и 22 социјални згради се без централно греење“

