Свет
Toa што САД ги иззема паметните телефони од царинење, за Кина е мал чекор за подобрување на односите

Кинеската влада денеска оцени дека одлуката на САД да ги изземе паметните телефони, компјутерите и другите електронски производи од дополнителни царини е „мал чекор за корекција на лошите американски практики“.
„Одлуката е мал чекор за САД да ја поправат својата лоша практика во врска со еднострано решените реципрочни царини“, рече портпаролот на кинеското Министерство за трговија во соопштението.
Тој додаде дека Пекинг сега го проценува влијанието на одлуката.
САД, кои се среде царинска војна со Кина, одлучија да ги изземат паметните телефони и компјутерите од неодамнешните царински мерки што ги воведе претседателот Доналд Трамп, објави вчера тамошната царинска служба.
Тие исклучоци се однесуваат на електронските производи увезени во САД од Кина, на кои Трамп воведе царини од 145 отсто.
Полупроводниците се ослободени од тарифата од 10 отсто што се применува на повеќето американски трговски партнери.
Одлуките доаѓаат како олеснување за американските потрошувачи, кои беа изложени на ризик да се соочат со зголемување на цените на овие популарни производи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
(Видео) На денешен ден потона „Титаник“ – снимка прикажува како изгледа денес во длабочините на океанот

„Титаник“ еден од најпознатите бродови во историјата потона ноќта помеѓу 14 и 15 април 1912 година на своето прво патување, кога се судри со леден брег во северниот Атлантик.
Оваа трагедија, во која животот го загубија повеќе од 1.500 луѓе, е запаметена како една од најголемите поморски катастрофи.
Во 23:40 часот на 14 април 1912 година, набљудувачот Фредерик Флит забележал ледена карпа директно пред бродот. Стигнала наредба бродот да почне со вртење, но било предоцна. Титаник удрил во карпата од десната страна, оштетувајќи неколку водонепропустливи прегради. Водата почнала да навлегува во бродот.
До полноќ, капетанот Смит и дизајнерот на бродот, Томас Ендрус, сфатиле дека Титаник е осуден на пропаст. Во 00:05 часот започнала евакуацијата, но бродот имал чамци за спасување само за околу 1.178 луѓе – помалку од половина од оние на бродот. Правилото „жените и децата на прво место“ било делумно почитувано, но поради конфузија и недостаток на организација, многу чамци отпловиле полупразни.
Титаник се распаднал на два дела околу 02:20 часот на 15 април и потонал на длабочина од околу 3.800 метри. Температурата на водата била околу -2°C, што значело дека оние што останале во морето починале од хипотермија за неколку минути.
Регион
(Видео) Гори фабрика во Хрватска

Утрово избувна пожар во фабриката Бјелин во Огулин, Хрватска, а пожарникарите се обидуваат да го стават под контрола.
Засега не е познато колкав е обемот на пожарот и за кој дел од постројката станува збор. Полицијата добила пријава непосредно пред 6 часот наутро, но не дала повеќе детали, пишува хрватски „Индекс“.
Според неофицијални информации, пожарот избувнал во нов погон. Според сведочењата дека пожарот почнал во текот на ноќта, но станал видлив дури кога се разгорел, околу шест часот наутро. Складиштето гори, а засега нема информации за повредени.
Свет
Трамп одбива да го врати погрешно депортираниот човек и покрај одлуката на Врховниот суд

Администрацијата на претседателот Доналд Трамп и претседателот на Ел Салвадор, Наиб Букеле, јасно ставија до знаење за време на состанокот во Овалната соба дека мажот од Мериленд, кој неправедно беше депортиран во Ел Салвадор, нема да биде вратен во Соединетите држави.
Иако американскиот Врховен суд одлучи дека американските власти мора да го „олеснат“ враќањето на Килмар Армандо Абрего Гарсија, претставници на Белата куќа тврдат дека одлуката за неговото враќање зависи исклучиво од Ел Салвадор.
Запрашан директно од новинарката Кејтлан Колинс од Си-ен-ен дали ќе го врати, Букеле рече дека идејата е апсурдна:
„Се надевам дека не ми сугерирате да прошверцувам терорист во Соединетите држави. Како можам да прошверцувам терорист во САД? Се разбира, нема да го сторам тоа. Самото прашање е апсурдно“, рече Букеле.
Високи претставници на администрацијата ја оспоруваат одлуката на судот, тврдејќи дека судот не може да интервенира во водењето на надворешната политика. Врховниот суд не ја поништи одлуката на понискиот суд, но рече дека владата мора да го олесни враќањето доколку се согласи Ел Салвадор, но дека не е обврзана самата да го спроведе.
Иако Трамп претходно изјави дека го почитува Врховниот суд и дека ќе го врати доколку тоа му биде наредено, тој вчера избегна да даде јасен одговор.
На состанокот во Овалната соба, Трамп го повтори ставот на неговата администрација, повикувајќи ги државниот секретар Линда Мекмахон, државниот обвинител Пем Бонди и советникот Стивен Милер да потврдат дека САД немаат овластување да го вратат Абрего Гарсија без согласност на Ел Салвадор.
„Ако Ел Салвадор сака да го врати, ќе олесниме – на пример, ќе обезбедиме авион“, рече Бонди.
Абрего Гарсија илегално влегол во САД околу 2011 година, но судијата за имиграција во 2019 година пресудил дека не треба да биде депортиран бидејќи го гонела банда во Ел Салвадор која му се заканувала со смрт поради бизнисот на неговото семејство.
И покрај таа одлука, тој беше депортиран, а сега администрацијата на Трамп одлучи да не го враќа.