Вести
Индиската химна ќе се свири во кината пред проекцијата на секој филм

Индиските кинематографи ќе мораат да ја пуштаат националната химна пред секоја филмска проекција, нареди врховниот суд.
Одлуката била донесена во време на расправа во земјата за растот на агресивниот национализам во Индија.
Еден активист во инвалидска количка бил нападнат во западната држава Гоа минатиот месец бидејќи не станал кога била изведувана националната химна, што предизвика критики ширум земјата.
Судот одлучи сите посетители во кината да мораат да станат на химната и дека за време на нејзиното емитирање, на екранот мора да биде прикажано националното знаме. Покрај тоа, додека свири химната, сите излези од кината морат да бидат затворени.
Кинематографите во Индија има обврска да ја пуштаат химната по филмовите во 60-сеттите години, но таа практика беше укината во повеќето индиски држави.
Индијците се поделени околу одлуката на судот, а некои соопштија дека одат во кино да се релаксираат, а не да демонстрираат патриотизам. /крај/хн/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Вести
Србите десетти ден околу општинските згради во Косово, ситуацијата не се смирува

И денеска Србите се собираат во близина на зградите на локалната самоуправа на северот од Косово, каде што се спречени да работат откако специјалните сили на косовската полиција ги окупираа тие згради. КФОР сѐ уште се наоѓа во непосредна близина на општинската зграда и на сите приоди кон Звечан.
Србите упорно бараат претседателите на општините, кои се Албанци, да не влегуваат во службените згради, специјалните полицајци да ги напуштат, а уапсените Радош Петровиќ и Душан Обреновиќ да бидат ослободени, јавува РТС.
Со апел за мир, повеќе од 160 интелектуалци – Срби од цело Косово, се обратија до меѓународната заедница да употреби итни мерки за запирање на понатамошната ескалација на насилството и создавање услови за мир.
За да се смири ситуацијата, Европската Унија и САД бараат од Приштина да се одржат нови избори, учество на Србите на нив и формирање заедница на српски општини.
Исто така, Белата куќа го повика Белград да ги повлече вооружените сили распоредени во близина на административната линија и да го намали нивото на борбена готовност, а Приштина да им дозволи на новоизбраните претседатели на општините да ги извршуваат своите должности од алтернативни локации и да ги повлече полициските сили од општински згради.
Командантот на КФОР, Ангело Микеле Ристуца, го критикува Аљбин Курти за назначувањето албански градоначалници на северот од Косово и рече дека Мисијата на НАТО не може да се користи како чадор за еднострани акции и дека без неа северот на Косово ќе биде „уште едно жариште на војната“.
Турското Министерство за одбрана соопшти дека првиот конвој турски специјални сили пристигна во Косово.
„Првиот конвој командоси на нашиот баталјон од 65. механизирана пешадиска бригада, кој ќе служи во Косово, го заврши својот трансфер во Косово. Им посакуваме добри и успешни мисии на нашите херојски војници во Косово за зачувување на мирот и спокојството“, се вели во соопштението на турското Министерство на „Твитер“.
Вести
Детали за драмата на небото над Вашингтон: пилотот на „цесна“ не реагирал, подигнати воени авиони, го пробиле звучниот ѕид за време на потерата

Воздухопловните сили на САД ги активираа борбените авиони „Ф16,“ за да го гонат лесниот патнички авион „цесна“, кој го наруши воздушниот простор околу главниот град на САД, Вашингтон, и чиј пилот не одговори на повиците на контролата на воздушниот сообраќај.
Авионот „цесна“ подоцна се урна во соседната држава Вирџинија, а на местото на несреќата не се пронајдени преживеани, пренесува „Ројтерс“.
За време на нивната акција, американските ловци „Ф16“ го пробиле звучниот ѕид над Вашингтон, што предизвика изненадување и вознемиреност кај населението.
Државната полиција на Вирџинија потврди дека во авионот „Цесна“ имало четири лица и дека на местото на несреќата нема преживеани.
Авионот „цесна“ е регистриран во компанијата „Енкор моторс“ од Мелбурн, Флорида, а сопственикот на компанијата, Џон Румпел, за „Вашингтон пост“ изјави дека во авионот летале ќерка му, внука му и нејзината дадилка.
„Не знаеме ништо за авионската несреќа. Засега сме во контакт и со луѓе од Федералната служба за цивилна авијација“, изјави Румпел во интервју за новинарот на „Вашингтон пост“.
Американската војска се обидела да стапи во контакт со пилотот, кој не реагирал и се чинело дека „цесна“ лета на автопилот, изјави неименуван извор запознаен со ова прашање.
„Борбените авиони добија дозвола да ја пробијат звучната бариера и да летаат со суперсонична брзина, што можеа да ја слушнат жителите на главниот град на САД“, се вели во официјалното соопштение.
Вести
Бодликава жица, зовриена атмосфера, блокирани општини – Србите четврти ден протестираат на северот од Косово

Четврти ден КФОР ги контролира зградите на четири општини на северот од Косово. Вработените во локалните самоуправи не може да одат во канцелариите, а Србите и за денеска најавуваат мирен протест, пишува РТС.
Командантот на КФОР, генерал-мајор Анџело Микеле Ристуца, коментирајќи ја интервенцијата на КФОР на северот на Република Косово, изјави дека ризикот е поврзан со тоа што премиерот Аљбин Курти одлучил да продолжи со инаугурација на градоначалници во четири општини на север и покрај протестите на Србите и сомнежите на меѓународната заедница, пишува РТС.
Тој во интервју за италијанскиот весник „Република“ вели дека ситуацијата во Звечан, како и насекаде, е крајно нестабилна и може нагло да се промени за многу краток временски период.
„Тврдоглавоста на албанските локални власти да не постапуваат во согласност со укажувањата добиени од западните партнери, укажувања што служат за олеснување на дијалогот, особено во светло на напредокот постигнат со договорите во Брисел и Охрид, во голема мера го ослабна балансот што го имаше“, рече Ристуца.
Работници на општина Звечан утринава дошле пред зградата во 7 часот, каде што во книгата за евиденција на работното време се потпишале дека сè уште се присутни на своите работни места, пишува „Косово онлајн“.
Општинската зграда е опкружена со бодликава жица и кордон на КФОР.
Како што јавува репортерот на „Косово онлајн“, ноќта во Звечан поминала мирно, а таква е моментната состојба.
Покрај општинските работници, пред бодликавата жица и металната ограда поставена од војниците на КФОР полека се собираат и други граѓани, каде што денеска ќе го продолжат својот мирен протест барајќи исполнување на нивните барања.