Свет
Бројот на луѓе што гладуваат во Западна Африка може да се зголеми петкратно по пандемијата
Бројот на гладни луѓе во Западна Африка може да се зголеми петкратно ако глобалната епидемиолошка ситуација продолжи да се влошува, вели координаторот за отпорност на Организацијата за храна и земјоделство (ФАО) за Западна Африка, Кумба Соу, пренесува ТАСС.
Според Соу, проблемот со недостигот од храна предизвикан од сушата, појавата на скакулци и конфликтите во Западна Африка и регионот Сахел сега е влошен поради пандемијата.
„Во Западна Африка, заклучно со април, повеќе од 11 милиони луѓе имаат потреба од итна помош во храна – најмногу поради конфликтите. Овој број ќе продолжи да расте и може да достигне 17 милиони во периодот од сеидбата до жетвата (јуни-август) ако не одговориме бргу. Ако се влоши пандемијата, дури 50 милиони повеќе луѓе би можеле да се соочат со криза за храна во регионот“, рече таа.
Според Соу, оние што се веќе гладни или се веќе гладни и раселени, ќе бидат под најголем ризик.
„Стапките на неисхранетост во Сахел се едни од највисоките во светот. Речиси 2,5 милиона деца – повеќе од една четвртина во Буркина Фасо, Мали и Нигер – страдаат од тешка и акутна неисхранетост“, објаснува таа.
Пандемијата ќе влијае на локалните земјоделци, кои може да се соочат со намалено снабдување со ѓубрива и семиња, затворање продавници и пазари и намалена помош во текот на пандемијата.
„Бидејќи поголемиот дел од Западна Африка е веќе погоден од други сложени кризи, наш прв приоритет е да го заштитиме и одржуваме сегашниот одговор на итните случаи, особено активностите за поддршка на претстојната земјоделска кампања, што ќе помогне да се ублажат ефектите на Ковид-19 врз безбедноста на храната“, рече Соу.
Во исто време таа додаде дека мерките од одговорот на ФАО во регионот се соочуваат и со недостиг од финансирање.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Уапсен уште еден осомничен за терористичкиот напад во Москва
Уште едно лице е уапсено во врска со терористичкиот напад на градското собрание Крокус во Москва на 22 март, соопшти денеска за „ТАСС“ портпаролот на полицијата.
„Уапсен е уште еден потенцијален осомничен во случајот со терористичкиот напад на Крокус. Инспекторите ја испитуваат неговата улога во тој напад“, изјави претставник на полицијата.
Полицијата уапсила државјанин на Таџикистан. Досега во врска со случајот се уапсени 11 лица, меѓу кои и четворица извршители на нападот.
Според последните податоци, во терористичкиот напад во концертната сала „Крокус сити хол“ во Москва загинале 145 лица.
Свет
Почина бебето кое беше извадено од утробата на мртвата мајка во Газа
Почина бебето кое во неделата со царски рез во Газа беше спасено од утробата на мртвата мајка, пишува Би-Би-Си.
Бебето е родено по итен царски рез извршен врз трудница која била убиена во израелски напад врз градот Рафа во Газа.
Освен мајката на Сабрин Ал Сакани, меѓу загинатите се и таткото на новороденото девојче и нејзината тригодишна сестра Малак.
Бебето при раѓањето тежело 1,4 килограми, а се родило во триесеттата недела од бременоста на мајката. Веднаш по царскиот рез беше сместено во инкубатор во болницата во Рафа заедно со уште едно бебе.
Но, девојчето после неколку дена почнало да има сериозни здравствени проблеми. Лекарите го реанимирале, но сепак починало вчера.
16 деца биле убиени за време на два воздушни напади на Рафа минатиот викенд, при бомбардирање на комплекс од станбени згради.
Израелските одбранбени сили (ИДФ) соопштија дека цел биле борците и инфраструктурата на Хамас и воените комплекси.
Свет
Британските разузнавачи: Русите се’ побрзо напредуваат во Украина
По заземањето на источноукраинскиот град Авдијевка, руските трупи напредуваат побрзо во областа, објави денеска британското Министерство за одбрана во своето секојдневно известување.
„Руските копнени сили навлегоа и создадоа тесен коридор на украинска територија со цел да влезат во градот Очеретин, приближно 15 километри северно од центарот на Авдијивка“, пишува на профилот на Министерството за одбрана.
Оцеретин во областа Доњецк имал околу 3.500 жители пред почетокот на војната.
И по заземањето на Авдијивка во средината на февруари, Русите се уште сметаат дека освојувањето на таа област е една од клучните операции, оценува британското Министерство за одбрана.
„Иако претрпуваат големи загуби, многу е веројатно дека руските копнени сили се во позиција континуирано да ги гаѓаат украинските позиции во областа и дека презеле контрола врз неколку помали населби“, додаваат тие.
Украина се брани од руската инвазија повеќе од две години. Британското Министерство за одбрана редовно објавува информации за напредокот на војната. Москва го обвинува Лондон за ширење дезинформации.