Свет
(Видео) Патници скокаа од крилата на авион поради лажна тревога за пожар

На пистата на аеродромот Палма де Мајорка рано утрово се случи инцидент на летот на „Рајанер“ за Манчестер. Поради лажна пријава за пожар, авионот беше евакуиран, а 18 лица беа полесно повредени, потврдија локалните власти.
Инцидентот се случил во саботата во 00:30 часот. Службите за итни случаи добиле пријава за пожарот во авионот што бил на постојката, а според порталот „Кроника Балеар“, противпожарни екипи и работниците за итни случаи веднаш биле испратени на терен.
Шест патници биле пренесени во болница за дополнителни прегледи – тројца во клиниката Ротгер, а тројца во болницата Палмапланас. Другите беа згрижени на местото на настанот со полесни повреди, како што е истегнување на зглобот.
Ryanair 737-800 evacuated at Palma de Mallorca Airport after a fire indication developed on board during taxi.
The SAMU061 coordination center received a call at a.m, reporting a fire on flight RK3446 to Manchester.
A total of 18 people were injured during the evacuation, six… pic.twitter.com/XpCCejGq2t
— Breaking Aviation News & Videos (@aviationbrk) July 5, 2025
Локалната цивилна гарда и пожарникарите на аеродромот помогнаа во евакуацијата на патниците, од кои некои сами скокнаа од авионот преку крилата за да се оддалечат од авионот што е можно поскоро.
Рајанер потврди дека полетувањето е откажано поради лажно предупредување за пожар.
„Летот од Палма до Манчестер на 4 јули не полета поради лажна индикација за пожар. Патниците беа евакуирани и вратени на терминалот“, изјави портпаролот на Рајанер.
„При излегување од авионот, неколку патници беа полесно повредени, па екипажот веднаш побара Итна медицинска помош. За да ги намалиме доцнењата, брзо организиравме заменски авион кој полета од Палма во 07:05 часот утрово.“
„Искрено им се извинуваме на сите патници за непријатностите што ги доживеаа“, додаде авиокомпанијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Бројот на загинати во поплавите во Тексас се искачи на 50, продолжува потрагата по децата

Бројот на жртви од поројните поплави во Тексас, на југот на САД, се искачи на 50, додека потрагата по десетици исчезнати деца продолжува, објавија локалните власти.
Силните поплави предизвикани од поројните дождови во петокот оставија 43 жртви во најтешко погодениот округ Кер и вкупно седум мртви во три други окрузи, изјавија локалните власти за АФП.
Меѓу исчезнатите се 27 млади девојчиња од летниот камп „Камп Мистик“. Градскиот менаџер на Кервил, Далтон Рајс, рече дека може да има повеќе исчезнати лица во регионот.
Властите претходно соопштија дека поплавните води се повлекуваат околу реката Гвадалупе, околу 137 километри северозападно од Сан Антонио, каде што беа спасени најмалку 237 лица, од кои повеќе од 100 со хеликоптер.
Претседателот Доналд Трамп рече дека ќе се грижи за нив кога беше прашан за федералната помош за катастрофи.
Свет
Во Австралија подметнат пожар во синагога додека внатре имало верници

Австралиската полиција синоќа уапси маж осомничен дека подметнал пожар во синагога во Мелбурн додека внатре имало верници, што е најнов во серијата инциденти насочени против еврејската заедница во земјата. Израел го осуди како гнасниот напад врз Евреите и повика на обезбедување правда.
34-годишниот маж е осомничен дека го подметнал пожарот на влезната врата од фреквентната верска зграда во Мелбурн во петокот вечерта, за време на Шабат – традиционалниот еврејски ден на одмор. Во синагогата, една од најстарите во Мелбурн, имало 20 луѓе кои вечерале, но никој не бил повреден. Успеале да избегаат, а пожарникарите го изгаснале пожарот.
„Детективите ќе продолжат да ги испитуваат намерите и идеологијата на осомничениот за да утврдат дали се работи за терористички напад“, се наведува во полициското соопштение. Мажот е обвинет и за загрозување на човечки животи.
Австралија бележи повеќе антисемитски инциденти од почетокот на војната помеѓу Израел и Газа во октомври 2023 година. Властите истражуваат дали пожарот во синагогата е поврзан со немирите во петокот вечерта во израелски ресторан во Мелбурн, при што едно лице било уапсено поради попречување на полицијата. Според Еврејскиот совет на Австралија – главното тело на австралиските Евреи – ресторанот бил значително оштетен.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху инцидентите ги опиша како „тешки злосторства од омраза“.
„Државата Израел ќе продолжи да стои зад еврејската заедница во Австралија“, изјави тој на X, повикувајќи ја Австралија да обезбеди правда и да го осуди „насилниот напад“ за кој, како што рече, го извршиле „пропалестински хулигани“.
Австралискиот премиер Ентони Албанезе во саботата го осуди „кукавиачкиот“ напад кој можел да има „катастрофални последици“ и го опиша наводното подметнување пожар – седум месеци по нападот врз друга синагога во Мелбурн – како шокантно.
Свет
Илон Маск: Основав нова партија

Илон Маск најави основање на нова политичка партија во САД под името „Американска партија“, еден ден откако на социјалната мрежа „Икс“ (поранешен Твитер) спроведе анкета меѓу своите следбеници за потребата од нова политичка опција. Маск изјави: „Со оглед на соодносот 2 спрема 1 во полза на нова политичка партија – ќе ја имате!“ Додаде дека партијата е основана за да „ја врати слободата на народот“.
Оваа најава доаѓа по ескалацијата на судирите помеѓу Маск и претседателот Доналд Трамп. Маск јавно го критикуваше трамповиот закон за даночни олеснувања и потрошувачка, нарекувајќи го „одвратен“ поради високите трошоци и придонесот кон националниот долг. Трамп возврати со закани дека ќе ги укине федералните субвенции за компанијата „Тесла“ и договорите на „Спејс Икс“, што дополнително го влоши нивниот однос.
Според достапните информации, „Американска партија“ се залага за намалување на буџетскиот дефицит, дерегулација, слободна трговија и имиграција на високо квалификувани работници. Партијата се позиционира како алтернатива на двопартискиот систем, со цел да привлече гласачи кои не се чувствуваат претставени од постојните политички опции.
Аналитичарите предупредуваат на бројните предизвици со кои ќе се соочи партијата, вклучително и пристапот до гласачките ливчиња, организирањето на кампањи и изградбата на неопходна инфраструктура за успех на национално ниво. Иако Маск располага со значителни финансиски средства и влијание, останува неизвесно дали неговата партија ќе успее да постигне значително политичко влијание на претстојните избори.
Илон Маск одигра клучна улога во претседателската кампања на Доналд Трамп во 2024 година, донирајќи над 250 милиони. Оваа финансиска поддршка го направи најголем индивидуален донатор во таа изборна година.
По изборите, Маск беше именуван за специјален советник на претседателот и фактички раководител на новоформираната Канцеларија за ефикасност на владата (DOGE), чија цел беше намалување на државната потрошувачка и бирократијата. Иако формално беше ангажиран како специјален државен службеник со ограничен мандат од 130 дена, неговата улога во DOGE беше предмет на правни и политички контроверзии.
Маск ја напушти функцијата крајот на мај 2025 година. Неговото заминување следеше по несогласувањата со Трамп околу законот за потрошувачка, познат како „Голем, прекрасен закон“, кој Маск јавно го критикуваше.