Свет
(Видео) Со возило се залета во луѓе во Ванкувер, 11 мртви, повеќе од 20 повредени

Трагедија се случи на улиците на Ванкувер: возило удри во толпа што го славеше Денот на Лапу Лапу, при што загинаа најмалку 11 лица, а повеќе од 20 беа повредени. Премиерот на Канада рече дека земјата е скршена поради овој настан.
Според вршителот на должноста шеф на полицијата во Ванкувер, Стив Раи, се очекува бројот на жртви дополнително да расте. „Бројни луѓе беа повредени, некои со сериозни повреди“, рече Раи, додавајќи дека жртвите биле префрлени во девет болници низ Ванкувер. Меѓу повредените има мажи, жени и млади луѓе.
The apparent vehicle from the Lapu Lapu tragedy in Vancouver where the SUV drove into a crowd of people.
The Filipino community is one of the warmest, kindest communities ….Whats nut job would this?
— The Great Gats🐝 (@TheGr8_GatsBee) April 27, 2025
Нападот се случил додека сè уште траел фестивалот „Денот на Лапу Лапу“, со стотици луѓе на улиците.
Полицијата не го објави идентитетот на осомничениот бидејќи сè уште не се поднесени обвиненија, но Раи потврди дека тој е жител на Ванкувер кој има значајна историја на контакти со полицијата и здравствените установи поради проблеми со менталното здравје.
Тој исто така нагласи дека нема индикации дека станува збор за терористички напад, бидејќи тероризмот мора да има политичка или религиозна мотивација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Победа на либералите во Канада

Канадската Либерална партија, предводена од премиерот Марк Карни, е на добар пат да победи на федералните избори, велат канадските медиуми, по кампањата обележана со провокации и царини од страна на американскиот претседател Доналд Трамп. Гласовите сè уште се пребројуваат, а филијалите на CNN, CTV и CBC, предвидуваат дека либералите ќе освојат доволно места за да формираат нова влада.
Со оглед на тоа што гласовите сè уште се пребројуваат, CBC News вели дека е прерано да се каже дали новата влада ќе биде мнозинска или малцинска влада – за мнозинска влада се потребни 172 места.
Марк Карни, новиот канадски премиер и лидер на Либералната партија, им се обрати на своите поддржувачи по неговата изборна победа. Енергичен и решителен, тој го започна својот говор прашувајќи: „А кој е подготвен да изгради силна Канада?“, што беше проследено со ентузијастичен аплауз.
„Влегов во политиката затоа што чувствував дека на Канада ѝ се потребни големи промени“, објасни Карни, наведувајќи дека тие промени ќе бидат водени од канадските вредности што ги научил на семејната маса и на хокеарскиот мраз. Тој ги нагласи понизноста, амбицијата и единството како клучни вредности на неговата идна влада.
За Карни, понизноста е соработка со сите политички партии, провинции и домородни народи, но и подготовка за тешки предизвици.
„Америка ја сака нашата земја, нашите ресурси, нашата иднина“, предупреди тој, на што публиката спонтано одговори со извици „никогаш“.
„Претседателот Трамп се обидува да нè скрши за Америка да може да владее над нас. Тоа никогаш, ама баш никогаш нема да се случи“, рече тој цврсто, додавајќи дека Канада е на „историска пресвртница“ бидејќи „стариот интеграциски однос со САД е завршен“.
Свет
Шпанија и Португалија повторно имаат струја

Елекетричната енергија е обновена речиси целосно низ Шпанија и Португалија по вчерашниот масовен прекин што предизвика хаос во двете земји.
„Електричната енергија е обновена речиси целосно низ цела Шпанија по големиот прекин, при што околу 99,16 проценти од снабдувањето со електрична енергија е обновено до 6 часот наутро“, соопшти операторот на електричната мрежа „Ред Електрика“ утрово.
И во соседна Португалија, електричната енергија е обновена во повеќето домаќинства. „Околу 95 проценти од 6,5 милиони корисници во земјата се вратија на мрежата“, објави операторот на електричната мрежа РТП.
Официјалната причина за прекинот сè уште не е позната. Милиони луѓе во Шпанија и Португалија останаа во темница откако одеднаш снема струја, комуникациските мрежи беа прекинати, семафорите престанаа да работат, а лифтовите беа блокирани.
Шпанскиот премиер, Педро Санчез, во телевизиско обраќање вчера вечерта, вети дека струјата ќе биде обновена до вторник. Тој не ја прецизираше причината за прекинот, но рече дека не се исклучува ниедна можност.
Свет
Португалија ја исклучи можноста дека хакерски напад е причина за прекинот на струјата

Португалскиот оператор на електричната мрежа РЕН објави дека нема информации дека масовните прекини на електричната енергија што го погодија Пиринејскиот Полуостров се предизвикани од кибернапад.
Членот на одборот на РЕН, Жоао Консеисао, изјави дека постои можност прекинот на електричната енергија да е предизвикан од „многу голема осцилација на електричните напони, прво во шпанскиот систем, која потоа се проширила на португалскиот“.
„Може да има илјада и една причина, прерано е да се процени“, рече тој, додавајќи дека РЕН е во постојан контакт со Шпанија.
Консеисао рече дека РЕН се надева дека ќе го врати снабдувањето со електрична енергија во вториот по големина град во земјата, Порто, во следните два часа, а во рок од пет или шест часа во главниот град Лисабон.
„Доколку сè зависеше од РЕН, земјата утре ќе се разбудеше со електрична енергија, но за жал не се важни само РЕН“, рече тој.
Снабдувањето со електрична енергија во Шпанија полека се обновува, а причината се истражува.
Шпанскиот премиер Педро Санчез ги повика граѓаните да останат смирени. „Ќе поминеме неколку критични часови додека не се врати снабдувањето со електрична енергија“, рече тој во телевизиско обраќање кое не можеше да го види целата јавност.
Санчез ги повика луѓето да остваруваат само кратки и итни телефонски повици и да го користат бројот за итни случаи само кога е апсолутно неопходно.
Според весникот „Ел Паис“, кој наведува дека може да бидат потребни 10 часа за целосно решавање на прекинот на електричната енергија, телото за сајбер безбедност INCIBE го истражува инцидентот и не ја исклучило можноста за хакерски напад. Сепак, според претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, во моментов нема индикации дека причината е хакерски напад.
Новинарите на ДПА од Мадрид и Барселона објавија дека прекинот на електричната енергија ги погодил двата најголеми градови во Шпанија, а тенискиот турнир Мадрид Опен е исто така суспендиран.
Инфраструктурата, телефонските мрежи и сообраќајот беа погодени, семафорите се исклучија, а лифтовите се заглавија.
Шпанското Министерство за здравство соопшти дека болниците не биле толку погодени благодарение на резервните генератори.
Имаше прекини во електричната енергија во неколку области во Португалија, објави радиодифузерот РТП.
Шпанските Канарски и Балеарски Острови не беа погодени, додека мракот во соседна Андора траеше само неколку секунди пред мрежата автоматски повторно да се поврзе со француската мрежа, соопшти операторот FEDA во објава на X.
Делови од француската Баскија беа, исто така, погодени кратко време пред да се обнови снабдувањето со електрична енергија.
Европската комисија објави дека е во контакт со шпанските и португалските власти за да се утврди причината за прекинот на електричната енергија. Поставени се протоколи за повторно активирање на системот, изјави портпаролката на ЕК.