Свет
(Видео) Трогателна средба: Еден Александар го прегрнува своето семејство откога Хамас го ослободи

Израелско-американскиот заложник Еден Александар се врати на своето семејство во Израел откога помина 19 месеци во заробеништво на Хамас во Газа.
Дваесет и едногодишниот Александар служел во израелската армија на границата со Газа кога бил заробен од членови на Хамас на 7 октомври 2023 година.
Во понеделникот Израел ги прекина воените операции во Газа на неколку часа за да се овозможи негова размена. Висок функционер на Хамас изјави за Би-би-си дека ослободувањето на заложниците е гест на добра волја како дел од напорите за постигнување нов прекин на огнот пред пристигнувањето на американскиот претседател Доналд Трамп на Блискиот Исток во вторник.
Redemption of Hostages
Staff-Sgt. Edan Alexander, reunites with his family at the initial reception facility. pic.twitter.com/PDp8uX48ce
— Prime Minister of Israel (@IsraeliPM) May 12, 2025
Се верува дека Александар е последниот жив американски државјанин држен во заробеништво од Хамас.
Претседателот Трамп му честита на неговото семејство за ослободувањето.
Телевизиските снимки го покажуваат Едан Александар како насмеано ги прегрнува своите родители и браќа и сестри во израелска воена база.
Redemption of Hostages:
Staff-Sgt. Edan Alexander being transferred to the IDF. pic.twitter.com/Xk0cRe47yW
— Prime Minister of Israel (@IsraeliPM) May 12, 2025
Во изјава за медиумите неговото семејство му се заблагодари на американскиот претседател, но исто така ги повика израелската влада и преговарачите да продолжат да работат на ослободување на преостанатите 58 заложници.
Александар е првиот заложник ослободен од Хамас откога Израел ги продолжи воените операции на 18 март по двомесечното примирје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
(Вознемирувачко видео) Кандидатка за градоначалничка на Мексико убиена во пренос во живо на Фејсбук

Она што започна како радосен предизборен митинг во неделата вечерта во мексиканската држава Веракруз се претвори во ужас кога една кандидатка за градоначалничка беше убиена заедно со уште три лица, објави Си-Ен-Ен.
Застрашувачкиот момент беше снимен во пренос во живо на Фејсбук. Видеото ја прикажува Јесенија Лара Гутиерез како ги поздравува локалните жители додека шета низ улиците со поддршка на поворка поддржувачи. Видеото прикажува насмеана и радосна толпа која навива додека ја следи поворката. Во еден момент се слушаат истрели, кои ја задушуваат нивната прослава. На видеото, кое вчера беше достапно и на Фејсбук страницата на Лара, се слушаат околу 20 истрели.
Мексиканската претседателка Клаудија Шајнбаум го потврди нападот и рече дека засега нема информации за евентуален мотив. Таа додаде дека нејзината влада е во координација со државните службеници на Веракруз и дека ќе понуди помош на државно ниво, вклучително и соработка со канцеларијата на државниот обвинител, доколку е потребно.
„Во координација сме, особено со министерот за безбедност, и сме подготвени да ја обезбедиме целата потребна поддршка за време на овој изборен период во Веракруз и Дуранго“, рече таа, осврнувајќи се на изборите што ќе се одржат во овие две држави на 1 јуни.
„Ниту една функција или политичка должност не вреди човечки живот“, изјави гувернерката на Веракруз, Росио Нале, на социјалната мрежа X. „Ќе ги пронајдеме оние што стојат зад ова кукавичко убиство на кандидатката на Морена и нејзините поддржувачи во Тексистепек“.
Нападите врз политичките кандидати се вообичаени во Мексико за време на изборните кампањи. Минатата година, земјата забележа рекорден број жртви на политичко насилство поврзано со организиран криминал. Според извештајот на организацијата за човекови права „Дата Цивика“, имало 661 напад врз луѓе и предмети, а поголемиот дел од жртвите биле луѓе кои се кандидирале или веќе имале позиции на локално ниво.
Во мај 2024 година, кандидат за градоначалник беше убиен за време на кампањата во јужната држава Гереро, во пукање кое исто така беше снимено. Неколку дена подоцна, градоначалничката на Котија во државата Мичоакан беше убиена додека се враќаше дома од теретана со својот телохранител.
Во октомври, градоначалникот на главниот град на државата Гереро, Чилпансинго, беше убиен помалку од една недела откако ја презеде функцијата.
Свет
Еден од двата најголеми аеродроми во Брисел евакуиран поради закана за бомба

Аеродромот во Брисел South Charleroi, еден од двата главни аеродроми во белгиската престолнина, е повторно отворен откако утрово целиот воздушен сообраќај беше прекинат поради закана за бомба на лет на „Рајанер“ од Португалија.
Како што објавија белгиските медиуми, сите дојдовни и појдовни летови беа запрени неколку часа откако на летот од Фаро непосредно пред 11 часот беше примена закана за бомба.
Авионот веднаш бил пренасочен кон затскриено подрачје на аеродромот, а властите воспоставиле безбедносен периметар во радиус од 500 метри.
Терминалот не беше евакуиран бидејќи се наоѓа надвор од безбедносната зона.
Полицијата изврши безбедносни проверки и утврди дека нема опасност, па затоа беше одлучено дека воздушниот сообраќај може да продолжи.
„Пистата повторно се отвори во 13:45 часот и летовите се обновени“, објави аеродромот на Фејсбук.
И покрај ова, се очекуваат доцнења на летовите во текот на попладневните часови.
Регион
Парламентот во Бугарија одби воведување на еврото

Претседателката на бугарскиот парламент, Наталија Киселова, го отфрли предлогот на претседателот Румен Радев за организирање референдум за воведување на еврото, велејќи дека тоа е спротивно на уставот, објави бугарската новинска агенција БТА.
Радев предложи одржување референдум за воведување на еврото следната година.
„Дали се согласувате дека Бугарија треба да ја воведе единствената европска валута „евро“ во 2026 година?“ е прашањето што би се поставило.
Владата го критикуваше ова, а еден министер рече дека тоа е обид за саботирање на нејзините напори за воведување на еврото.
Враќајќи го предлогот, Киселова рече дека тој е неконзистентен со неколку членови од бугарскиот устав и договорите на ЕУ, како и со одлуката на бугарскиот Уставен суд.
Бугарскиот Уставен суд претходно го отфрли барањето за организирање референдум за воведување на еврото.
Бугарската влада планира да го воведе еврото во јануари доколку Европската комисија и Европската централна банка во јуни оценат дека земјата ги исполнила сите критериуми.