Свет
Еден од пет тинејџери видел „несакана голотија или сексуални слики“ на Инстаграм
Речиси еден од пет корисници на возраст од 13 до 15 години ѝ кажал на технолошката компанија Мета дека виделе несакана „голотија или сексуални слики на Инстаграм“, според судските документи. Документот, објавен во петок како дел од федералната тужба во Калифорнија и прегледан од Ројтерс, вклучува извадоци од сослушувањето од март 2025 година од страна на извршниот директор на Инстаграм, Адам Мосери.
Во друг документ објавен како дел од тужбата, истражувач на Мета предложи компанијата да се фокусира на тинејџерските корисници бидејќи тие се „катализатори“ во нивните домаќинства и влијаат на тоа како нивните помлади браќа и сестри и родители ја користат апликацијата. Документот е креиран на 20 јануари 2021 година.
„Ако сакаме да стекнеме и задржиме нови корисници, треба да го препознаеме влијанието на тинејџерите во домаќинствата што ќе ни помогне да го постигнеме ова“, рече истражувачот во својот извештај. Мета, која е сопственик на Фејсбук и Инстаграм, се соочува со обвинувања од светските лидери дека производите на компанијата им штетат на помладите корисници.
Во Соединетите Американски Држави, Мета беше предмет на илјадници тужби во федералните и државните судови, обвинувајќи ја компанијата за создавање производи што предизвикуваат зависност и придонесување кон криза на менталното здравје кај малолетниците.
Статистиката за сексуалните слики доаѓа од анкета од 2021 година за искуствата на корисниците на Инстаграм на платформата, изјави портпаролот на Мета, Енди Стоун, а не од преглед на самите објави. Мета не одговори веднаш на барањето за коментар за извештајот на својот истражувач.
Околу осум проценти од корисниците на возраст меѓу 13 и 15 години изјавија во анкета од 2021 година дека „виделе некој како сам се повредува или да се заканува дека ќе се повреди на Инстаграм“, според сослушувањето на Мосери.
Компанијата изјави дека до крајот на 2025 година ќе ги отстрани сликите и видеата „кои содржат голотија или експлицитна сексуална активност, вклучително и содржина генерирана од вештачка интелигенција“, за малолетници, со исклучок на медицинска и образовна содржина. „Горди сме на напредокот што го постигнавме и секогаш работиме на тоа да бидеме подобри“, рече Стоун.
Повеќето сексуално експлицитни фотографии се испраќаат во приватни пораки меѓу корисниците, рече Мосери на неговото сослушување, а Мета мора да ја земе предвид приватноста на корисниците кога ги прегледува. „Многу луѓе не сакаат да ги читаме нивните пораки“, рече тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Обилни дождови во Бразил: Најмалку 14 загинати, 440 раселени
Најмалку 14 лица загинале, а 440 се раселени откако обилни дождови го погодиле југоисточниот бразилски град Жуис де Фора, соопштија локалните власти.
Дождовите предизвикале поплави и свлечишта, а наставата во општинските училишта е прекината. Властите мобилизирале специјализирани тимови за помош и потрага по исчезнати лица. Градот, кој се наоѓа во сојузната држава Минас Жераис, прогласил состојба на катастрофа.
Локалните власти наведуваат дека ова е најврнежливиот февруари во историјата на градот, со двојно повеќе врнежи од очекуваното. Националниот институт за метеорологија издал предупредувања за обилни дождови во делови од 14 сојузни држави, вклучително и Рио де Женеиро.
Свет
Трамп сака до Денот на независноста да ја запре војната во Украина
Американскиот претседател, Доналд Трамп, се обидува да постигне договор за прекин на војната во Украина пред 4 јули, кога ќе биде домаќин на одбележувањето на 250-годишнината од американската независност, пренесува „Блумберг“, повикувајќи се на високи американски функционери.
За време на претседателската кампања, Трамп повеќепати ветуваше дека ќе ја заврши војната во рок од 24 часа по преземањето на функцијата. Сепак, околу 400 дена по почетокот на неговиот втор мандат, тристраните разговори не довеле до договор.
Трамп сега, според „Блумберг“, има цел војната да заврши во рок од четири месеци. Но, Кремљ денеска, на четвртата годишнина од почетокот на војната, порача дека борбите ќе продолжат сè додека не се остварат руските цели во Украина.
Свет
ОН ги повикаа САД да го подмират долгот од над четири милијарди долари
Претседателката на Генералното собрание на Обединетите нации, Аналена Бербок, ги повика САД целосно и навреме да ја подмират својата членарина кон светската организација, откако Вашингтон уплатил само дел од долгот.
Како што пренесе „Ројтерс“, САД уплатиле околу 160 милиони долари од вкупниот долг од повеќе од четири милијарди долари кон Обединети нации.
Генералниот секретар на ОН предупредил дека организацијата се соочува со „многу скор финансиски колапс“ поради неплатени членарини.
Баербок изјави дека „секојa земја членка мора да го плати својот придонес во целост и навреме“, додавајќи дека 160 милиони долари „очигледно не е целосниот износ“.
Минатата недела, американскиот претседател, Доналд Трамп, беше домаќин на состанок на својот „Одбор за мир“, иницијатива за која дел од експертите сметаат дека може да ги поткопа ОН. Баербок посочи дека за прашањата на мир и безбедност постои легитимно тело, односно Обединетите нации.

