Свет
ЕК: Секоја од нашите земји-членки може привремено да ја укине забраната за летови на авионот на Путин

Најавената средба меѓу претседателите на САД и Русија во Будимпешта е добредојдена ако може да доведе до праведен и траен мир во Украина, изјави денес портпаролот на Европската Комисија.
„Ја поздравуваме оваа средба ако помогне во постигнувањето на траен и праведен мир во Украина“, изјави портпаролот на Комисијата, Олоф Гил.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, по телефонскиот разговор со рускиот претседател Владимир Путин објави дека двајцата ќе се сретнат во Будимпешта во следните две недели.
Во врска со логистичките прашања околу пристигнувањето на рускиот претседател во Будимпешта, Комисијата објасни дека секоја земја-членка може по исклучок да одобри отстапување од забраната за влез во европскиот воздушен простор за руски авиони.
Портпаролката на Комисијата, Анита Хипер, изјави дека како дел од санкциите против рускиот претседател Путин и министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, средствата во ЕУ се замрзнати, но нема и забрана за влез на територијата на ЕУ.
Меѓународниот кривичен суд (МКС) издаде налог за апсење на Путин во 2023 година за воени злосторства поврзани со нелегалната депортација на украински деца.
Унгарија веќе беше домаќин на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во април оваа година, за кого МКС исто така издаде налог за апсење. После тоа, унгарската влада информираше дека се повлекува од тој суд.
Сепак, според статутот на МКС, Унгарија сè уште е должна да го уапси Путин бидејќи повлекувањето од судот стапува на сила една година откако генералниот секретар на ОН беше известен.
Во унгарскиот случај, тоа е јуни 2026 година.
Шефот на унгарската дипломатија, Петер Сијарто, денес изјави дека Будимпешта ќе обезбеди Путин непречено да влезе на нејзина територија со цел средба со Трамп и дека успешно ќе се врати во Русија.
фото:принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Германскиот шеф на дипломатијата: Самитот во Унгарија е втор обид Путин да сфати сè сериозно

Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул денес изјави дека планираните разговори во Будимпешта меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин се уште еден обид да се охрабри Путин да се вклучи во сериозни преговори, но нагласи дека Украина мора да биде вклучена во секоја одлука.
Вадефул го изјави ова за време на посетата на Анкара, каде што се сретна со својот турски колега.
Украина не беше поканета на разговорите меѓу Трамп и Путин.
Свет
Трамп: Царината од 100 отсто за кинеска стока не е одржлива, но бев принуден на тоа

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека неговата најавена царина од 100 проценти на кинеска стока не е одржлива, но дека бил принуден да ја воведе поради потегот на Пекинг да ги заостри контролите на извозот на ретки метали неопходни за технолошката индустрија, пренесе „Ројтерс“.
Во интервју за „Фокс Бизнис Нетворк“, Трамп рече дека мерката е одговор на одлуката на Кина да го прошири надзорот над извозот на минерали со кои таа доминира. И покрај остриот тон, тој потврди дека за две недели ќе се сретне со кинескиот претседател Шји Џјинпинг во Јужна Кореја, додавајќи дека сè уште е можен фер договор со Кина.
Пазарите реагираа позитивно по неговата изјава, берзанските индекси на Волстрит забележаа раст, а американскиот министер за финансии Скот Бесент и кинескиот потпретседател Хе Лифенг најавија телефонски разговор за продолжување на трговските преговори.
Свет
Хамас ги повика медијаторите да ги забрзаат следните фази од договорот за Газа

Хамас денеска ги повика медијаторите да ги забрзаат следните фази од договорот за прекин на огнот во Газа, вклучувајќи го отворањето на границата, почетокот на реконструкцијата, воспоставувањето администрација и повлекувањето на Израел.
Борбите во Газа во голема мера престанаа, според планот на американскиот претседател Доналд Трамп, кој го потпишаа медијаторите Египет, Катар и Турција.
Но, следните фази беа запрени, делумно поради обвинувањата од Израел дека милитантите биле премногу бавни во предавањето на телата на заложниците.
Израел вчера објави дека се подготвува повторно да го отвори граничниот премин Рафа со Египет, но не одреди датум, обвинувајќи го Хамас за кршење на примирјето. Неисполнетите елементи на планот се разоружувањето на милитантите и идната администрација на Газа.
Хамас соопшти дека останува посветен на договорот за прекин на огнот и предавањето на преостанатите тела, но дека тоа е процес што одзема време.