Свет
Ерменија предупреди дека судирот со Азербејџан може да стане втора Сирија
Ерменскиот претседател Армен Саркисјан предупредува дека конфликтот меѓу Ерменија и Азербејџан во регионот Нагорно-Карабах може да стане втора Сирија ако меѓународната заедница не преземе нешто.
„Замислете Кавказ да стане втора Сирија? Меѓународната заедница треба да сфати дека ако не се вмеша сега, тогаш Кавказ ќе стане уште еден огромен проблем?“, изјави Саркисијан во интервју за Си-ен-би-си.
Саркисјан ја критикува активната поддршка на Турција за Азербејџан во конфликтот истакнувајќи дека Турците имаат проблеми насекаде околу себе: во Средоземното Море, Грција, Либија и во Ирак.
„Тие создаваат проблеми насекаде“, рече тој.
Си-ен-би-си објави дека многу Ерменци веруваат оти поддршката на Турција за Азербејџан е делумно мотивирана од долготрајното непријателство поврзано со геноцидот врз Ерменците на Отоманската Империја пред еден век – настан што современата турска влада упорно одбива да го признае.
Саркисјан рече дека загриженоста на Турција за потенцијална штета на виталниот гасовод што поминува низ Азербејџан е апсолутна глупост. Тој рече дека ако Ерменија сакала да пука во гасоводот, тоа ќе го сторела пред 20 години, а не сега.
„Блумберг њуз“ посочи дека нафтените пазари се релативно опуштени во врска со безбедноста на азербејџанскиот гасовод во моментот, можеби затоа што глобалната побарувачка за енергија е намалена поради коронавирусот, а алтернативните извори се обилни.
Таа пресметка може да се промени кога гасоводот следниот месец ќе почне со испорака на гас во Италија и Грција – и повторно да се смени ако производството на нафта во Либија се зголеми доволно за да го направи азербејџанскиот гасовод помалку клучен за сите страни, освен за Азербејџан.
„Иако близината на гасоводите до границата ги става под потенцијален ризик, Ерменија не ги нападна линиите при претходните ескалации на конфликтот меѓу двете земји, кој тлее речиси 30 години“, забележа „Блумберг“ посочувајќи ја истата поента како Саркисијан.
Гасоводот е во голема мера под земја и е доволно цврст за без поголеми нарушувања да им одолее на неколку епизоди злоба во конфликтите што ги вклууваат Грузија, Русија, Турција и противниците на Турција од курдската сепаратистичка група ПКК.
И Азербејџан и Ерменија вчера ги одбија повиците за прекин на огнот, исто како и Турција. Последниот повик за ставање крај на воените дејства се појави во заедничката изјава на американскиот претседател Доналд Трамп, францускиот претседател Емануел Макрон и рускиот претседател Владимир Путин. Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, одговори дека прекинот на огнот ќе биде можен само ако ерменските сили се повлечат од азербејџанска територија.
„Со оглед на тоа што САД, Русија и Франција го запоставија овој проблем речиси 30 години, неприфатливо е тие да бидат вклучени во барањето за прекин на огнот“, рече Ердоган.
Нагорно-Карабах е област во границите на Азербејџан со мнозинско ерменско население. Ерменија гледа на сепаратистите во покраината како борци за слобода, кои три децении се борат против доминацијата на Азербејџан, а Азербејџан и Турција сметаат дека ерменските сили се напаѓачи кои нелегално ја окупираат азербејџанската територија.
Во говорот во чест на Денот на независноста на Артсак на 2 септември, Саркисијн ја опиша спорната област како неопходна за целосно составување на ерменската нација по отоманскиот геноцид.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Келог: Мировниот договор за Украина е „многу близу“, клучни остануваат Донбас и Запорожје
Специјалниот претставник на САД за Украина, Кит Келог, изјави дека договорот за прекин на војната во Украина е „навистина блиску“ и дека сега зависи од решавањето на две големи отворени прашања – иднината на украинскиот регион Донбас и нуклеарната централа Запорожје.
Келог, кој треба да се повлече од функцијата во јануари, кажа дека напорите за решавање на конфликтот влегле во „последните 10 метри“, што, како што забележа тој, е секогаш најтешкиот дел.
Двете главни нерешени прашања, рече Келог, се однесуваат на територијата – првенствено на иднината на Донбас – и иднината на украинската нуклеарна централа Запорожје, најголемата во Европа, која е под руска контрола.
„Ако ги решиме овие две прашања, мислам дека и останатите работи ќе бидат решени доста добро“, рече Келог.
Според првичните американски предлози, нуклеарната централа Запорожје би била рестартирана под надзор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), а произведената електрична енергија би била подеднакво поделена меѓу Русија и Украина.
Свет
(Видео) Обид за државен удар во Бенин: војска упадна во националната телевизиска станица
Група војници во западноафриканската држава Бенин, која себе се нарекува Воен комитет за обнова, под команда на потполковникот Паскал Тигри, денеска соопшти дека ја презеле националната телевизиска станица, дека претседателот Патрис Талон е отстранет од функцијата, а сите државни институции се распуштени.
NEW: Soldiers tried and failed to overthrow President Patrice Talon in Benin.
Coup plotters briefly seized state TV in Cotonou and announced a junta, but loyalist forces reportedly retook control within hours.
Talon was evacuated safely. pic.twitter.com/AVCAdphsyH
— Clash Report (@clashreport) December 7, 2025
Сепак, министерот за надворешни работи, Олушегун Аџади Бакари, соопшти дека лојалистички војници и националната гарда ја презеле контролата, и дека претседателот е безбеден.
Обидот за пуч се случи додека се подготвуваат претседателските избори, кои треба да го означат крајот на мандатот на Талон, на власт од 2016 година. Владината коалиција го номинираше министерот за финансии Ромуалд Ваданџи за свој кандидат, кој, доколку победи, ќе ја продолжи актуелната економска политика на државата.
Свет
(Фото+видео) Сериозен инцидент на аеродромот Хитроу во Лондон: еден уапсен, неколкумина повредени
Службите за итни случаи и полицијата интервенираа на аеродромот Хитроу во Лондон поради „сериозен инцидент“ кој се случи утрово.
Според локалните медиуми, неколку лица се повредени, а итната помош ги префрли во болница.
Лондонската полиција соопшти дека група мажи испрскале неколку лица со „некаков вид спреј со бибер“, по што го напуштиле местото на настанот. Едно лице е уапсено под сомнение за напад, а истрагата продолжува за да се пронајдат останатите осомничени.
MAJOR INCIDENT DECLARED AT HEATHROW AIRPORT
DMs are open if you have more information. pic.twitter.com/1CEbSHuU6e
— British Intel (@TheBritishIntel) December 7, 2025
Полицијата и вооружените единици пребаруваа паркинг на аеродромот.
„Во оваа фаза, веруваме дека во инцидентот учествувала група луѓе кои се познаваат, а расправијата ескалираше и резултираше со повреди на неколку лица. Не го третираме овој инцидент како тероризам“, изјави полицискиот командант Питер Стивенс.
Инцидентот предизвика привремени прекини во работењето на метрото и железницата околу аеродромот.

