Свет
Зеленски со божиќна порака до Украинците среде војната: „Вечерва сме заедно“
Украинскиот претседател Володимир Зеленски им се обрати на граѓаните во пресрет на Божиќ, порачувајќи дека Украинците и четврта година по ред, среде војна од целосен обем, се заедно во одбраната на она што ги прави народ – домот, семејството, традицијата и надежта за мир.
„Драги Украинци! Вечерва е многу посебна вечер – Бадник. Тоа е единствено време, исполнето со посебен дух, со своја посебна магија за секој од нас. Затоа што оваа вечер навистина е за сите нас. За сето она што ги прави Украинците тоа што се“, рече Зеленски.
Тој истакна дека Божиќ отсекогаш бил време на семејно собирање, средби и прегратки, но дека веќе четврта година трае обид тоа да им биде одземено на Украинците поради војната за независност.
„Токму тоа денес го браниме: нашата земја, нашите семејства, оној долгоочекуван чувство на мир и спокој во сопствениот дом. Кога ни е топло. Кога имаме вкусен оброк. Кога сме заедно“, истакна тој.
Зеленски наведе дека далечината не може да го раздели народот.
„Не е важно дали сме разделени или лице в лице. Украинците се заедно. И никој не може да ни го одземе тоа чувство. Токму тоа чувство ни дава надеж и ни помага да издржиме, и покрај сè“, порача тој.
Призна дека Божиќ се одбележува во исклучително тежок момент.
„За жал, не се сите вечерва дома. За жал, не сите сè уште имаат дом. И, за жал, не се сите вечерва со нас“, рече тој, додавајќи дека Русија, и покрај сè, не може да го окупира најважното – украинското срце, верата едни во други и заедништвото.
Зеленски истакна дека Украинците вечерва ќе ја чекаат првата ѕвезда на небото – во Киев, Закарпатската област, Одеса или Купјанск – каде и да се.
„Украинците вечерва се заедно, го одбележуваат Божиќ на ист датум, како едно големо семејство“, изјави тој.
Говорејќи за промените што ги донела војната, Зеленски наведе дека денес повеќе не е пресудно како е украсен домот, туку како се брани, ниту што има на трпезата, туку кој седи околу неа.
Посебно се осврна на војниците кои не можат да бидат дома.
„Важно е оние кои нè бранат сега, иако не се во близина, сепак да бидат во контакт. Да можеме да го слушнеме нивниот глас, макар за една минута, и да ја добиеме највредната порака: ‘Добро сум’“, рече Зеленски.
Тој додаде дека радоста денес доаѓа од светлината во домовите и светлината во луѓето и дека најубавиот божиќен звук е оној во кој нема дронови и проектили.
Во пресрет на Божиќ, потсети тој, Русија повторно извршила масовни напади.
Украина официјално почна да го одбележува Божиќ на 25 декември од 2023 година. Со тоа беше напуштено досегашното празнување на 7 јануари, според Јулијанскиот календар. Промената следуваше по повеќегодишен процес на оддалечување од руското религиозно и културно влијание и приближување кон европската традиција. Клучна улога во оваа одлука имаше Православната црква на Украина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Досието Епстин сè уште не е затворено: 700.000 документи чекаат проверка
Американското Министерство за правда соопшти дека уште околу 700.000 документи поврзани со Џефри Епстин чекаат на проверка. На прегледот работи тим од 200 аналитичари, а процесот се очекува да трае уште околу една недела. Досега се објавени приближно 750.000 записи, додека голем дел од преостанатите може да бидат дупликати, пишува „Гардијан“.
Иако законот наложуваше целосно објавување до 19 декември, документите досега беа делумно објавени и со многу затемнувања, што предизвика револт кај жртвите и најави за тужби. Неименуван функционер изјави дека процесот наскоро ќе заврши, но дека „теориите на заговор нема“.
Во најновиот бран беа објавени 30.000 документи, меѓу кои има и повеќе спомнувања на Доналд Трамп, вклучително и е-пошта од 2020 година со тврдења дека патувал со приватниот авион на Епстин. Министерството, сепак, предупреди дека меѓу објавените материјали има и лажни документи и снимки, нагласувајќи дека тие се објавуваат затоа што законот го бара тоа.
Последните документи откриваат и напори на ФБИ да идентификува можни соучесници, но поголемиот дел од имињата се затемнети. Ова предизвика силни политички реакции, при што лидерот на демократите во Сенатот, Чак Шумер, побара целосна транспарентност и објаснување зошто одредени лица не биле кривично гонети.
Регион
Судот во Нови Сад ја прекина постапката против Горан Весиќ и уште двајца обвинети за падот на настрешницата
Вонстепениот совет на Вишиот суд во Нови Сад ја прекина кривичната постапка против поранешниот министер за градежништво Горан Весиќ, неговата поранешна помошничка Анита Димоски и поранешната директорка на Железничката инфраструктура на Србија, Јелена Танасковиќ, во случајот со падот на настрешницата на железничката станица.
Тие беа обвинети за тешко кривично дело предизвикување општа опасност.
Во своето образложение, судот наведе дека нема доволно докази за да се поткрепи основано сомнение дека обвинетите ги сториле кривичните дела за кои се сметаат за одговорни.
Со одлуката на судот им е укината мерката за домашен притвор на Танасковиќ, Спремиќ, Гавриловиќ и Тодоровиќ. Со наредба на Врховниот суд на Србија во Белград, Анита Димоски и Горан Весиќ остануваат во домашен притвор.
Паралелно, судот во Нови Сад ги потврди обвиненијата против седум други обвинети во случајот со трагедијата на железничката станица.
На 1 ноември минатата година, 16 лица загинаа, а едно лице беше тешко повредено при падот на бетонската настрешница на неодамна реновираната зграда на станицата. Инцидентот предизвика масовни протести во Србија , предводени главно од студенти, кои бараа оставка на владата и закажување предвремени парламентарни избори.
Агенцијата Франс Прес прецизира дека одлуката на судот во Нови Сад не е конечна, а обвинителството веќе ја објави својата намера да поднесе жалба.
Свет
Франција започнува изградба на најголемиот европски воен брод
Франција започнува изградба на нов носач на авиони со нуклеарен погон, проект вреден околу 10 милијарди евра, кој треба да го замени постојниот носач Шарл де Гол, пуштен во употреба во 2001 година. Новиот брод, познат како PA-NG (Porte-Avions Nouvelle Génération), ќе биде значително поголем и помоќен и ќе стане најголемиот воен брод некогаш изграден во Европа.
PA-NG ќе биде долг околу 310 метри, со депласман од 78.000 тони и капацитет за околу 2.000 членови на екипажот. Франција, која заедно со САД е единствената земја што користи нуклеарен погон за носачи на авиони, со овој проект покажува дека и понатаму смета на овие пловечки платформи како клучен елемент на воената моќ.
Проектот е дел од поширок глобален тренд, при што повеќе држави инвестираат во нови носачи на авиони. САД ја модернизираат својата флота, Кина и Индија развиваат нови проекти, а Турција најави изградба на сопствен носач на авиони.
Depositphotos

