Свет
Израел ослободи 30 Палестинци во замена за 10 заложници во Газа
Затворската служба на Израел рано утринава објави дека ослободила 30 Палестинци од израелските затвори како дел од седмата размена на заложници според договорот за прекин на огнот со лидерите на Хамас во Газа. Во соопштението за печатот затворската служба објави дека Палестинците се ослободени од затворите во Израел, окупираниот Западен Брег и Ерусалим.
„Триесет Палестинци ќе бидат ослободени в четврток во замена за ослободување 10 заложници во Појасот Газа на седмиот ден од договорот за хуманитарна пауза, а двајца руски државјани ослободени во средата се вклучени во оваа листа“, изјави портпаролот на Министерството за надворешни работи на Катар во објава на X претходно во вечерните часови.
Меѓу Палестинците ослободени од израелските затвори има 23 малолетници и седум жени, а осумте израелски државјани, кои беа ослободени во четвртокот како дел од договорот, вклучуваат две малолетни и шест жени, вклучително и двојни државјани од Мексико, Русија и Уругвај, додаде портпаролот Маџед ал-Ансари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Перу прогласи вонредна состојба по излевањето на нафта на северот на земјата
Владата на Перу денеска прогласи еколошка вонредна состојба во северниот крајбрежен регион, каде што државната нафтена компанија Петроперу минатиот викенд истури пратка сурова нафта во околните води на Тихиот Океан.
Брод кој изведуваше маневри предизвика излевање на нафта во саботата на терминалот на перуанската рафинерија Талара во северниот дел на Перу, објави Ројтерс.
Нема информација колку сурова нафта се излеа во морето, но чуварот на животната средина на Перу, ОЕФА, во прелиминарниот извештај рече дека излевањето погодило околу 10.000 квадратни метри површинска морска вода, а Министерството за животна средина соопшти дека погодило најмалку седум плажи како и локалниот див свет.
Свет
Зеленски: Разговарав со Вучиќ, благодарам Србија
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска соопшти дека разговарал со претседателот на Србија за „зајакнување на односите меѓу двете земји“.
„Се заблагодарив на Србија за финансиската и хуманитарна поддршка и ги координиравме нашите напори на заедничкиот пат кон интеграцијата во ЕУ. Претседателот Вучиќ му ја честиташе Новата година на украинскиот народ и изрази надеж да се постигне мир што е можно поскоро“, објави Зеленски на „Х“, поранешен Твитер.
„На почетокот на оваа недела ги прифатив акредитивните писма на новиот амбасадор на Србија. Верувам дека обновената и полноправна работа на српската амбасада на чело со амбасадорот ќе ја подобри нашата соработка“, додаде украинскиот претседател.
Србија под водство на Александар Вучиќ зазеде амбивалентен однос кон војната во Украина. Иако формално го поддржуваше територијалниот интегритет на Украина во Обединетите нации, таа не се приклучи на санкциите на Европската унија против Русија.
Владата на Вучиќ истовремено одржува блиски политички и економски врски со Москва, што наиде на критики од Западот.
Свет
Автобус во Норвешка излетал од патот во езеро, три лица загинале
Најмалку три лица загинаа во сообраќајна несреќа во Норвешка, јавуваат државните медиуми. Несреќата се случила околу 13 часот и 30 минути по локално време во областа Хадсел на северозападниот брег на земјата.
Автобусот излетал од патот и делумно завршил во езерото Асватнет, јавува јавната телевизија НРК.
Се претпоставува дека во моментот на несреќата во него имало 58 лица.
„Добро е што има ресурси за итни служби на лице место. Автобусот е делумно под вода. Досега се пријавени три смртни случаи, четири лица се тешко повредени. Во несреќата учествуваа вкупно 58 лица“, вели началникот на кабинетот во полициската област Нордланд, Бент Аре Ајлертсен.
Три лица се пренесени со хеликоптер во болницата Стокмаркнес. Некои од патниците се евакуирани во училиште во близина на Сволвер. Имаше потешкотии при доаѓањето на хеликоптерот до местото на несреќата поради временските услови.
Досега во автобусот се пријавени осум различни националности. Список на патници нема, тоа е редовна линија од Нарвик до Лофотен. По несреќата се огласил алармот за катастрофа.
Норвешкиот Црвен крст објави на социјалните мрежи дека испраќа тимови да помогнат во „тешката автобуска несреќа“ на патот Е10.
Има извештаи за обилни снежни врнежи и силен ветер во областа.