Свет
Иран ја прекинува соработката со Меѓународната агенција за атомска енергија

Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан ја суспендира соработката на Техеран со Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), потег што беше официјално потврден по неодамнешната 12-дневна војна меѓу Иран и Израел. Одлуката беше објавена на иранската државна телевизија, а законот за суспендирање на соработката беше усвоен од иранскиот парламент на 25 јуни, денот по завршувањето на конфликтот, а подоцна ратификуван од Уставниот совет.
Според официјалното соопштение, соработката со МААЕ ќе биде суспендирана додека не се исполнат одредени услови, вклучително и гаранции за безбедноста на нуклеарните капацитети и на научниците на Иран.
Покрај тоа, Иран повеќе не му дозволува на генералниот директор на МААЕ, Рафаел Гроси, да влезе во земјата или да инсталира камери за надзор во неговите нуклеарни постројки. Овој потег претставува значителна ескалација на односите меѓу Техеран и МААЕ, при што иранските власти ја обвинуваат агенцијата за пристрасност и молчење за време на нападите на САД и Израел врз иранската нуклеарна инфраструктура.
Тензиите дополнително се зголемија откога МААЕ усвои резолуција на 12 јуни, во која го обвинува Иран за непочитување на своите нуклеарни обврски, што иранските власти го наведоа како една од причините за последователните израелски напади.
Иранските медиуми и политичари остро го критикуваа Гроси, а ултраконзервативниот весник „Кајхан“ дури го обвини за шпионажа за Израел, тврдење што западните земји, вклучувајќи ги Франција, Германија и Обединетото Кралство, остро ги отфрлија и ги осудија заканите.
Одлуката за прекин на соработката со МААЕ дополнително го комплицира меѓународниот надзор врз нуклеарната програма на Иран, особено откога иранските објекти во Фордо, Натанц и во Исфахан беа цел на израелски и американски напади кон крајот на јуни.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Невреме во Турција: Авион принудно слета по удар од гром

Авионот, кој летал од Анкара до Бингол во Турција, извршил итно слетување на аеродромот Елазиг откако бил погоден од гром.
Пилотот, откако гром удрил во опашниот дел од авионот, ја променил рутата и од безбедносни причини слетал на аеродромот во градот Елазиг, објави Хабер.
Авионот слета без никакви проблеми, а патниците беа транспортирани од аеродромот до Бингол по копнен пат, објавија турските медиуми.
Свет
Голема свадба на синот на Рамзан Кадиров: Дијамантски часовник од 27 милиони долари, златен пиштол и луксузен Мерцедес

Седумнаесетгодишниот син на лидерот на Чеченија, Рамзан Кадиров, Адам Кадиров, се ожени со девојка по име Медни, за која се верува дека е роднина на пратеникот во Думата, Адам Делимханов, близок сојузник на Кадиров.
Свадбата траела три дена, од четврток до сабота, и се одржала во селото Ахмат-Јурт , родното место на семејството Кадиров.
Според неофицијални информации, Медни е ќерка на чеченскиот сенатор Сулејман Геремеев, исто така близок сојузник на Кадиров и роднина на Делимханов. Наводно, бракот бил склучен уште на 8 јуни 2024 година.
Подготовките за прославата траеле со месеци, а покани биле испратени и до делегации од Блискиот Исток, вклучувајќи го и амбасадорот на ОАЕ во Русија, Мохамед Ахмед Ал Џабер, кој го прекинал одморот во Абу Даби за да присуствува на настанот во Грозни, пишува „Новаја Газета“, повикувајќи се на извор од руското Министерство за надворешни работи.
Свадбата наводно била одложувана двапати, при што една од причините била желбата на Рамзан Кадиров неговиот син Адам да има приватна средба со претседателот на Русија, Владимир Путин. Се споменува и дека првично била планирана заедничка свадба со постариот син Зелимхан (Ели) минатото лето, но Кремљ тоа не го одобрил поради возраста на Адам.
Рамзан Кадиров преку својот канал на Телеграм соопшти дека претседателот Путин лично му честитал на семејството за свадбата, за што изразил „искрена благодарност“.
Сепак, најголемо внимание привлекоа луксузните детали: на раката на Адам Кадиров бил забележан скап часовник Jacob & Co. Billionaire Ashoka со 320 дијаманти, проценет на околу 27,7 милиони долари. Според пресметките на Марија Певчих од руската антикорупциска организација ФБК, просечен граѓанин на Чеченија би требало да работи повеќе од 1.500 години без да потроши ни денар за да може да си го дозволи тој часовник.
Командантот на специјалната единица „Ахмат“, Апти Алаудинов, исто така го привлекол вниманието со својот часовник, за кој се претпоставува дека е Badollet Observatoire 1872 Chronograph, со цена до 320.000 долари.
Видеа од свадбата го прикажуваат Адам Кадиров како вози специјална верзија на Mercedes G-класа, модел кој е забранет за увоз во Русија и чини околу 190.000 долари. На истите снимки се гледа и како пука со златен пиштол во воздух – што е забрането со рускиот закон, особено бидејќи се работи за малолетник и за употреба на вистинско оружје во свечени прилики.
Иако е малолетен, Адам Кадиров веќе извршува повеќе функции: тој е шеф на безбедносната служба на својот татко, од април 2025 година е секретар на Советот за безбедност на Чеченија и надзорник на Министерството за внатрешни работи и универзитетот за специјални сили. Тој е и носител на бројни државни одликувања и титулата Херој на Чеченската Република.
Регион
Зошто плажата Посиди важи за една од најопасните во Грција

Плажата Посиди се наоѓа на западниот брег на првиот прст на Халкидики – Касандра, отприлика на половина пат низ полуостровот. Се протега како ’рт што длабоко навлегува во морето и изгледа навистина магично на фотографии и снимки.
Но, зад таа убавина се крие и опасност. Посиди важи за една од најопасните плажи во Грција поради силните морски струи кои можат лесно да одвлечат пливачите, особено оние кои се неискусни или недоволно внимателни. Плажата е долга меѓу еден и два километри, и е дива – без кафулиња, лежалки и чадори, што ја прави уште поизолирана и потенцијално ризична.
Јавноста добро го памети трагичниот настан од пред три години, кога три млади момчиња од Македонија се капеа на оваа плажа и ги одвлекоа силните струи. Настанот се случил за време на забава на плажа, кога тројцата решиле да влезат во морето. Силниот ветер и морските струи ги повлекле. Едното момче било брзо пронајдено, второто – по дури 19 часа поминати во морето – било спасено благодарение на топка која ја носел ветрот, за која се држел сè до доаѓањето на спасувачите. Третото момче, за жал, никогаш не беше пронајдено, и покрај интензивната потрага.
Според грчкиот весник „Етнос“, освен Посиди, за особено опасни плажи во Грција важат и:
Лаларија (остров Скијатос),
Матала (остров Крит),
Нас (остров Икарија),
Хорефто (регион Пелион),
Платиа Амос (остров Кефалонија),
Калами (остров Китира).
На овие локации потребна е особена претпазливост, дури и кога морето изгледа мирно. Природата е убава, но мора да се почитува.