Свет
Кои се сојузниците, а кои противниците на Јемен и колку е потресен регионот по нападот
По нападот на Јемен, предводен од Соединетите Американски Држави, со помош на Австралија, Бахреин, Канада, Холандија и Велика Британија, Хутите изјавија дека избубнала „голема битка во Црвеното Море“ и дека битката „ќе биде поголемa отколку што очекуваа Британците и Американците“.
Република Јемен е земја во Југозападна Азија, со брегови на Црвеното Море, Аденскиот Залив и Арапското Море. Станува збор за земја со речиси 30 милиони жители, пишува Институтот за блискоисточна политика од Вашингтон.
Кој го осуди нападот?
Иранското Министерство за надворешни работи соопшти дека вечерашниот напад е обид да се „прошири целосната поддршка на САД и Велика Британија во последните 100 дена за воените злосторства на ционистичкиот режим врз палестинскиот народ и опколените граѓани на Газа“. Исто така, Иран утринава нападот го нарече јасно кршење на суверенитетот и меѓународното право. Ирак го обвини Западот за ширење на конфликтот и зголемување на тензиите.
Либанската милитантна група Хезболах соопшти дека американската агресија уште еднаш потврдува „дека САД се целосен партнер во трагедиите и масакрите извршени од ционистичкиот непријател во Газа и регионот“.
Слична порака испрати и палестинскиот исламски џихад, во кој се наведува дека оваа „агресија потврдува дека американската администрација води геноцидна војна против палестинскиот народ во Газа“.
Русија побара свикување на Советот за безбедност на ОН поради воздушните напади на територијата на Јемен, објави постојаната мисија на Русија во ОН на својот канал на „Телеграм“.
Кои се сојузници и непријатели?
Иран ги поддржува Хутите во нивното долгогодишно непријателство со Саудиска Арабија. Анализата објавена од Советот за надворешни односи вели дека Јемен доживува една од најтешките хуманитарни кризи во светот поради осумгодишниот конфликт меѓу меѓународно признатата влада, поддржана од воената коалиција предводена од Саудиска Арабија, и бунтовниците Хути, поддржани од Иран.
Главни противници на Хутите се сметаат Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати, кои ги нарекуваат слуги на САД и Израел.
Од друга страна, во 2015 година Саудиска Арабија состави коалиција од арапски држави со сунитско мнозинство: Бахреин, Египет, Јордан, Кувајт, Мароко, Катар, Судан и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ). До 2018 година коалицијата се прошири за да ги вклучи силите од Еритреја и Пакистан.
Тие претходно извршија воздушни напади врз јеменските бунтовници.
САД ја поддржаа коалицијата предводена од Саудиска Арабија, како и Франција, Германија и Обединетото Кралство. „Скај њуз“ наведува дека во оваа коалиција на поддршка се и Данска и Јужна Кореја.
Коалицијата објави заедничка изјава, во која се наведува дека овие напади се одговор на „нелегалните, опасни и дестабилизирачки Хути, кои напаѓаат бродови“.
Некои американски сојузници на Блискиот Исток, вклучително и земјите од Персискиот Залив, Катар и Оман, изразија загриженост дека најновите напади против Хутите би можеле да излезат од контрола и да го вовлечат регионот во поширока војна, пишува „Њујорк тајмс“.
Како што пишува Атлантскиот совет, нападите што се случија во петокот ќе предизвикаат регионални реперкусии и ќе го зголемат ризикот од регионална ескалација, а тешко дека ќе ја запрат агресијата на Хутите во Црвеното Море.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Суспендирани речиси сите 10.000 вработени во УСАИД ширум светот
Околу 10.000 вработени во Американската агенција за меѓународен развој беа известени дека ќе бидат ставени на административно отсуство, бидејќи американскиот претседател Доналд Трамп има намера да ја распушти агенцијата за странска помош.
Во известувањето на Стејт департментот до вработените во УСАИД – од кои две третини работат во странство во 60 земји – се вели дека целиот персонал на УСАИД со директен ангажман ширум светот ќе биде ставен на административно отсуство од петок, 7 февруари во 23:59 часот.
Единствен исклучок е за одреден персонал одговорен за „критичните функции, клучното раководство и конкретно одредени програми“.
Стејт департментот работи на план да организира и плати за враќање на вработените во УСАИД кои живеат во странство назад во Соединетите Држави во рок од 30 дена и да ги раскине договорите кои не се сметаат за суштински, се вели во известувањето.
Масовните отпуштања доаѓаат додека Трамп и неговата администрација, предводени од технолошкиот претприемач Илон Маск, работеа на затворање на агенцијата за странска помош и нејзино спојување со Стејт департментот. Седиштето на УСАИД во Вашингтон беше затворено во понеделникот.
Трамп ги потврди своите намери да ја затвори агенцијата во изјава за новинарите во вторникот, нарекувајќи ја УСАИД „корумпирана“.
УСАИД има буџет од 40 милијарди долари финансиран од Конгресот.
Свет
Канада ги бојкотира американските производи, ги откажа годишните одмори во САД поради Трамп
Свират и се исмејуваат на американската химна, ги откажуваат одморите во САД и ги бојкотираат американските производи: Канаѓаните на заканите за царини на американскиот претседател Доналд Трамп одговараат со гнев и патриотски шопинг.
„Сметам дека она што Доналд Трамп и го прави на Канада е апсолутно одвратно“, рече Хјугет Бодоен.
Талкајќи низ супермаркет во Монтреал, 80-годишната жена застанала внимателно да ја проучи етикетата на пакувањето супа од кромид за да утврди дали е направено во САД.
Купувањето американски производи за неа, како и многу други, сега не доаѓа предвид, дури и ако тоа значи дека ќе мора да се одрече од нешто.
„Мораме да реагираме“, рече таа.
Трамп, кој овој месец триумфално се врати во Белата куќа, најави воведување царини од 25 отсто на увозот од Канада, обвинувајќи ја Отава дека не прави доволно за сузбивање на илегалната имиграција и шверцот со фентанил.
Канадскиот премиер Џастин Трудо во понеделникот изјави дека американските царини, кои требаше да стапат на сила во вторник, ќе бидат одложени за 30 дена, откако му вети на Трамп дека ќе ги заостри безбедносните мерки на границата со САД, ќе назначи службеник за борба против фентанил и за сузбивање на перењето пари.
Но, во својата прва реакција, тој најави одмазднички царини, повикувајќи ги Канаѓаните да купуваат локално и да размислат да го поминат својот одмор во Канада наместо во САД.
Изгледа го слушаа. Неколку луѓе од различни градови со кои разговараше АФП пред да се објави суспензијата на санкциите рекоа дека ќе го направат токму тоа.
Памела Тенант, која живее во Онтарио, планираше да ја посети Јужна Каролина во март, но се предомисли, налутена од нападите на Трамп.
„Се плашам дека Американците на крај ќе поверуваат во она што го зборува Трамп“, рече таа. „Не смета за лош сосед. На целиот свет му кажува дека сме лоши луѓе и дека ги искористуваме“, но тоа е „се лага“.
На социјалните мрежи кружи список на американски производи кои треба да се бојкотираат.
Неколку провинции, вклучително и Онтарио, која продава американски алкохолни пијалоци во вредност од 1 милијарда долари секоја година, соопштија дека веднаш ќе престанат да продаваат американско пиво, вино и алкохолни пијалоци во знак на протест.
„Не ја започнавме оваа битка, но ќе ја добиеме“, изјави во понеделникот премиерот на Онтарио, Даг Форд.
Бојкотот ќе има влијание врз американските производители и бизниси, но Канада се уште е „релативно мал пазар“ за нив, така што ќе биде „првенствено симболичен“, вели Џулиен Фредерик Мартин, професор по економија на Универзитетот во Квебек во Монтреал.
Но, престанокот на пристигнувањето на канадските туристи „може да има значително економско влијание“ врз американските држави како Мејн, Флорида, Калифорнија и Аризона, рече Лорн Шихан, професор на Универзитетот Далхози, специјализиран за туризам.
САД се главната дестинација за одмор за Канаѓаните. Во 2023 година беа направени повеќе од 25 милиони посети за работа, одмор или шопинг.
At the Raptors game in Toronto, the crowd booed the U.S. National Anthem before playing against the Clippers.
pic.twitter.com/G1eM00RpWs— Made In Canada (@MadelnCanada) February 2, 2025
И канадските навивачи изразија гнев, исвиркувајќи ја американската химна на кошаркарскиот НБА натпревар на Торонто Репторс против Лос Анџелес Клиперс на нивниот домашен терен во неделата.
Свет
(Видео) Трамп: Оставив инструкции во случај Иран да ме убие, тие ќе бидат избришани од лицето на земјата
Американскиот претседател Доналд Трамп вчера изјави дека им наредил на своите советници да го уништат Иран во случај на атентат врз него.
„Ако го сторат тоа, тие ќе бидат уништени“, им рече Трамп на новинарите додека потпишуваше извршна наредба со која и се наредува на американската влада да наметне максимален притисок врз Техеран. „Оставив инструкции – ако го направат ова, ќе бидат уништени, нема да остане ништо“, додаде тој.
Во случај на смрт на Трамп, потпретседателот Џеј Ди Венс ќе ја преземе претседателската функција, но не мора да биде обврзан да ги следи упатствата што ги остави неговиот претходник, според АП.
Американските федерални власти со години ги следат иранските закани кон Трамп и другите функционери во неговата администрација. Во 2020 година, Трамп нареди атентат на Касем Сулејмани, командант на силите Кудс на Иранската револуционерна гарда.
Иранската закана за Трамп доведе до засилени безбедносни мерки во деновите пред неговиот предизборен митинг во Пенсилванија во јули, каде што беше погоден со куршум во увото, според американски официјални лица. Меѓутоа, тогаш властите рекоа дека не веруваат дека Иран е поврзан со обидот за атентат.
Американското Министерство за правда во ноември објави дека е спречен иранскиот заговор за атентат на Трамп пред претседателските избори.