Свет
Официјалната истрага покажа дека подморницата „Титан“ имплодирала поради лоша конструкција

Американска истражна агенција утврди дека подморницата „Титан“ на компанијата „Оушенгејт“, која имплодира за време на нуркањето кај остатоците на бродот „Титаник“ во јуни 2023 година, беше уништена поради низа сериозни недостатоци во дизајнот и тестирањето, објави Би-би-си.
Во несреќата загинаа сите пет лица на бродот, вклучувајќи го и директорот на „Оушенгејт“, Стоктон Раш.
Според извештајот на Националниот одбор за безбедност на сообраќајот (НТСБ), процесот на инженерскиот развој на „Титан“ бил несоодветен, што довело до грешки што предизвикале подморницата да не ги исполни стандардите за цврстина и издржливост.
Националниот одбор за безбедност на сообраќајот тврди дека „Оушенгејт“ никогаш правилно не го тестирал „Титан“ и затоа не знаел колку всушност е силна подморницата. Покрај тоа, компанијата не била свесна дека бродот е оштетен и требало да биде повлечен од употреба пред фаталното нуркање.
„Титан“ исчезна во Северен Атлантик додека се обидувал да стигне до остатоците од „Титаник“, кои се наоѓаат на речиси 600 километри од канадскиот град Сент Џонс во покраината Њуфаундленд и Лабрадор.
Во август 2024 година крајбрежната стража на САД издаде посебен извештај во кој ја опишува несреќата како да можела целосно да биде спрачена и ја критикува „Оушенгејт“ за „сериозно погрешни безбедносни практики“.
Подморницата на своето последно патување ја управувал Стоктон Раш, а бил придружуван од познатиот истражувач на длабокоморските дна, Пол-Анри Наргеолет, британскиот милијардер Хамиш Хардинг и пакистанскиот бизнисмен, Шахзада Давуд, и неговиот 19-годишен син, Сулејман Давуд.
Сите платиле до 250.000 долари за да учествуваат во експедицијата.
За време на истрагата, НТСБ откри сериозни проблеми во безбедносната култура на „Оушенгејт“. Додека некои вработени тврдеа дека безбедноста е приоритет, други, вклучувајќи го и поранешниот директор за поморски операции и еден техничар, опишаа работна средина „во која безбедноста, а особено прашањата за дизајнот, систематски се игнорираат“.
Еден техничар рече дека имал забелешки на деловниот модел на „Оушенгејт“, особено на практиката патниците да се нарекуваат специјалисти за мисија за да се избегнат законски ограничувања. Според американските прописи, нелегално е да се превезуваат патници на експериментални подморници.
Техничарот рече дека го предупредил Раш велејќи: „Не можете само да ја смените титулата на некого ако сте платени за тоа“. Во подоцнежен разговор за истото прашање Раш наводно му рекол: „Ако крајбрежната стража стане проблем, ќе купам конгресмен и ќе го решам“.
фото: принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Судот на правдата на ЕУ: Изгубен миленик на лет се смета како изгубен багаж

Судот на правдата на Европската унија донесе одлука дека домашните миленици кои се превезуваат со авион се сметаат за „багаж“, а не за патници.
Одлуката следи по случај во кој куче исчезнало при пренос до авион на лет од Буенос Аирес до Барселона, по што сопственичката побарала 5.000 евра отштета.
Судот оцени дека, според Монреалската конвенција, авиокомпанијата не е должна да исплати поголема отштета од онаа предвидена за изгубен багаж, освен ако патникот претходно не доставил специјална изјава за вредноста на пратката.
Во одлуката учествувале и двајца претставници од Хрватска – судијата Синиша Родин и адвокатката Тамара Ќапета.
Свет
Евакуирано средно училиште во Италија по истекување на амонијак

Во италијанскиот град Пескара беше евакуирано државното средно училиште „Маркони“ откако во просториите се почувствувал силен мирис од непознато потекло, поради што на многумина им се слошило.
Според италијанските медиуми, повеќе од 1.000 ученици биле итно евакуирани, а неколкумина се хоспитализирани, меѓу нив и пожарникари кои пристигнале на интервенција, пренесе „ТВ Раи“.
Првичните информации укажуваат дека причината најверојатно е истекување на амонијак од лабораторијата, иако не се исклучува ниту можноста за цурење гас од климатизацијата.
Заменичката градоначалничка на Пескара, Марија Рита Карота, нареди итно затворање на училиштето до понатамошна проверка.
Свет
Мерц: Без реформи, Европа ќе стане пиун на Азија и САД

Германскиот канцелар, Фридрих Мерц, предупреди дека Европската унија ризикува да ја изгуби својата економска независност ако итно не спроведе реформи за зголемување на конкурентноста.
Во обраќање пред германскиот парламент, во пресрет на самитот на ЕУ во Брисел, Мерц рече дека во наредните години ќе се решава дали Европа ќе остане независна економска сила или ќе стане „пиун на економските центри во Азија или Америка“.
Тој ја повика ЕУ да го намали бирократскиот товар за компаниите, да го зајакне единствениот пазар и да потпише нови трговски договори, особено со јужноамериканскиот блок Меркосур до крајот на годината.
Мерц се соочува со растечки притисок дома поради економската стагнација во Германија, која се влошува поради царинските политики на американскиот претседател Доналд Трамп.
Тој истакна дека решенијата за европската економија веќе постојат во извештаите на Марио Драги и Енрико Лета, кои предлагаат продлабочување на внатрешниот пазар и јакнење на конкурентноста, додавајќи дека тие препораки треба веднаш да станат дел од агендата на Европската комисија.