Свет
Полскиот претседател пред Зеленски: Украина недоволно ја цени нашата помош
Полскиот претседател Карол Навроцки денеска му рече на својот украински колега Володимир Зеленски дека Украинците недоволно ја ценат полската помош во војната против Русија.
Обвинувањето, изнесено на заедничка прес-конференција во Варшава, потсетува на драматичниот судир меѓу Зеленски и американскиот претседател Доналд Трамп во Белата куќа во февруари, кога американскиот потпретседател Џ. Д. Венс го обвини украинскиот лидер за непочитување и неблагодарност за американската помош.
Полска прими повеќе од еден милион украински бегалци од почетокот на руската инвазија во 2022 година и е меѓу главните снабдувачи на Украина со оружје. Таа е и главна рута за испраќање западна воена и хуманитарна помош во земјата зафатена од војна.
„Полјаците чувствуваат дека нашиот напор, повеќекратната помош за Украина од почетокот на инвазијата од целосен обем, не е доволно ценета или разбрана“, рече полскиот претседател.
Тој додаде дека тоа му го пренел на Зеленски во „одлучен и искрен, но и срдечен разговор“.
Зеленски нагласи дека „Украина секогаш ѝ била благодарна на Полска и така ќе остане“. Тој изјави дека Украина „ја брани Европа“ од Русија, по цена на многу човечки жртви.
„Русија сака раздор, сака да уништи силен сојуз… сојуз на две нации, низ многу генерации. Нема да им го дозволиме тоа“, рече Зеленски.
Навроцки претходно побара и подобра соработка во врска со масакрот на речиси 100.000 Полјаци во Волин, регион во северозападна Украина, извршен од украински националисти од 1943 до 1945 година. Навроцки тврди дека станува збор за геноцид и го обвинува Киев дека не сака да ја признае одговорноста.
Варшава, исто така, го обвинува Киев дека одолговлекува со ексхумацијата на жртвите.
Зеленски во четвртокот изрази добра волја во однос на овие прашања.
„Полската страна сака да го забрза тој процес, а украинската страна е подготвена да направи чекор кон тоа. Тоа не се само зборови, туку конкретни мерки“, рече тој.
Зеленски во објава на платформата „Икс“ по средбата го поздрави „новиот почеток“ во односите со Полска.
„Лоши вести за Путин“, додаде тој.
Фото: Depositphotos
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Најмалку три лица загинаа, а девет се повредени во напад со нож и димна бомба во Тајпеј
Најмалку три лица загинаа, а девет се повредени кога маж вооружен со нож и димна бомба денеска нападна граѓани во Тајпеј, соопштија градските власти.
Осомничениот подоцна загинал по пад од зграда на трговски центар, пренесе Асошиејтед прес (АП).
Полицијата соопшти дека осомничениот бил прогласен за мртов во болница откако скокнал од шестиот кат на зградата, објави Централната новинска агенција на Тајван.
Осомничениот, идентификуван како 27-годишниот Чанг Вен, фрлил димна бомба во близина на подземен излез од метро-станицата Тајпеј Мејн, во близина на главната железничка станица, што предизвикало паника и бегство на пешаците, објавија локалните медиуми.
Потоа се упатил кон север, во популарна шопинг-зона, каде со нож нападнал повеќе лица на првиот и четвртиот кат од стоковната куќа „Еслит“, при што најчесто им нанесувал убодни рани во пределот на вратот, наведува агенцијата, повикувајќи се на полицијата.
Локалните болници потврдија три смртни случаи, додека градските власти соопштија дека уште девет лица се хоспитализирани, од кои едно е во тешка состојба.
Чанг во ноември 2024 година не се одѕвал на обуката на резервниот состав на војската и бил баран поради кршење на законот за задолжителна воена служба, пренесе агенцијата.
Како што се наведува, тој не пријавил промена на местото на живеење, поради што повикот за резервна воена обука не му бил доставен, објави агенцијата, повикувајќи се на канцеларијата на окружното обвинителство.
pexels
Свет
(Видео) Експерт за говор на телото: Меланија Трамп е видливо фрустрирана
По објавувањето на трејлерот за документарецот „Меланија“, експерт за говор на телото оценува дека Меланија Трамп е фрустрирана од улогата во сенка додека нејзиниот сопруг, претседателот Доналд Трамп, ја привлекува целата медиумска внимателност, пишува „Унилад“.
Документарецот на „Амазон“ ја следи Меланија во деновите пред инаугурацијата на Трамп во јануари 2025 година и прикажува како ги координира подготовките и се справува со транзицијата во Белата куќа. Филмот, кој во кината доаѓа на 30 јануари, ѝ донел околу 40 милиони долари заработка.
Експертот Дарен Стентон вели дека во трејлерот Меланија делува самоуверено и моќно, со јасен говор на телото, стабилен поглед и контролирани движења, но забележува и моменти на фрустрација, особено во сцена во која разговара телефонски со сопругот.
Според него, документарецот претставува стратешки чекор за градење сопствен идентитет и подготовка за живот по Белата куќа, надвор од политичката кариера на Доналд Трамп.
Depositphotos
Свет
Силен земјотрес го погоди Иран
Иран денеска го погоди земјотрес со јачина од 4,5 степени според Рихтеровата скала, соопшти Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар (ЕМСЦ).
Како што се наведува, епицентарот на земјотресот бил на длабочина од 47 километри и на оддалеченост од 51 километар од градот Гераш.
Засега нема извештаи за повредени лица или материјална штета, пренесе Танјуг

