Свет
(Видео) Први реакции на Иран и Хезболах по нападот врз Јемен, Русија бара итна средба
Соединетите Американски Држави и Велика Британија извршија напади врз цели поврзани со Хутите во Јемен.
Ова е првпат да се извршат напади врз групата поддржана од Иран откако таа почна да цели на меѓународни бродови во Црвеното Море на крајот на минатата година. Хутите, кои контролираат голем дел од Јемен, ги таргетираат бродските рути во Црвеното Море за да покажат поддршка за Хамас, палестинската исламистичка група. Во исто време, нападите ја прекинаа меѓународната трговија на клучната рута меѓу Европа и Азија, која сочинува околу 15 отсто од светскиот бродски сообраќај.
Се верува дека ова се првите напади што Соединетите Американски Држави ги извршија врз Хутите во Јемен од 2016 година, забележа „Ројтерс“. Официјалните лица, кои зборуваа под услов да останат анонимни, рекоа дека набргу се очекува официјално соопштение со детали за нападите.
Но тие открија дека нападите биле извршени со авиони, бродови и подморници, дека Австралија, Канада, Бахреин и Холандија дале поддршка за операцијата и дека повеќе од десетина локации биле цел. Главниот град Сана, како и градовите Саада и Замар и провинцијата Ал-Худаида, се само дел од целите на нападите, потврди претставник на Хутите нарекувајќи ги тие напади „американско-ционистичко-британска агресија“.
Jemen. První záběry náletu – místní média
Pentagon mezitím oficiálně potvrdil údery na Jemen. pic.twitter.com/8ySrYqoQzD
— Lazz Lazz (@Lazikkkk) January 12, 2024
Очевидци изјавија за „Ројтерс“ дека нападите биле насочени кон воена база во близина на аеродромот во главниот град, воена локација во близина на градскиот аеродром „Таиз“, поморска база во Ал-Худаида, и воени локации во провинцијата Хаџа. Претходно, во четвртокот, водачот на Хутите рече дека секој американски напад врз групата нема да остане без одговор.
Хутите, кои зазедоа голем дел од Јемен во граѓанска војна, ветија дека ќе ги нападнат бродовите поврзани со Израел или оние што пловат кон израелските пристаништа. Сепак, многу од нападнатите бродови немаа врска со Израел. Американската војска во четвртокот соопшти дека Хутите лансирале противбродска балистичка ракета на меѓународните бродски патеки во Аденскиот Залив, што е 27. напад на групата од 19 ноември.
Пристигнаа реакциите на Русија, Иран, Хезболах…
Русија побара итен состанок на Советот за безбедност на Обединетите нации за да разговара за нападите.
Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Насер Канаани, издаде изјава, во која се наведува дека земјата најостро го осудува американско-британскиот напад врз јеменските Хути, пренесува „Ноурњуз“.
„Силно ги осудуваме воените напади извршени утринава од страна на САД и Обединетото Кралство врз неколку градови во Јемен… Сметаме дека ова е јасно кршење на суверенитетот и територијалниот интегритет на Јемен и кршење на меѓународните закони, прописи и правата“.
Акцијата ја осуди и милитантната група Хезболах во Либан. Групата, која е една од неколкуте во регионот што се усогласуваат со Иран, рече: „Агресијата на САД уште еднаш потврдува дека САД се целосен партнер во трагедиите и масакрите извршени од ционистичкиот непријател во Газа и во регионот“.
Саудиска Арабија повика на воздржаност и избегнување на ескалација, а Министерството за надворешни работи соопшти дека внимателно ја следи ситуацијата со голема загриженост. Во последните месеци беше вклучена во мировни преговори со Хутите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Трамп: Оставив инструкции во случај Иран да ме убие, тие ќе бидат избришани од лицето на земјата
Американскиот претседател Доналд Трамп вчера изјави дека им наредил на своите советници да го уништат Иран во случај на атентат врз него.
„Ако го сторат тоа, тие ќе бидат уништени“, им рече Трамп на новинарите додека потпишуваше извршна наредба со која и се наредува на американската влада да наметне максимален притисок врз Техеран. „Оставив инструкции – ако го направат ова, ќе бидат уништени, нема да остане ништо“, додаде тој.
Во случај на смрт на Трамп, потпретседателот Џеј Ди Венс ќе ја преземе претседателската функција, но не мора да биде обврзан да ги следи упатствата што ги остави неговиот претходник, според АП.
Американските федерални власти со години ги следат иранските закани кон Трамп и другите функционери во неговата администрација. Во 2020 година, Трамп нареди атентат на Касем Сулејмани, командант на силите Кудс на Иранската револуционерна гарда.
Иранската закана за Трамп доведе до засилени безбедносни мерки во деновите пред неговиот предизборен митинг во Пенсилванија во јули, каде што беше погоден со куршум во увото, според американски официјални лица. Меѓутоа, тогаш властите рекоа дека не веруваат дека Иран е поврзан со обидот за атентат.
Американското Министерство за правда во ноември објави дека е спречен иранскиот заговор за атентат на Трамп пред претседателските избори.
Свет
Тинејџер избоден до смрт во училиште во Британија
Пред два дена, 15-годишниот ученик Харви Вилгус беше избоден до смрт во католичкото средно училиште „Сите Светци“ во Шефилд. И покрај напорите на медицинскиот персонал, Харви починал набргу по инцидентот. Вториот 15-годишен ученик е уапсен под сомнение за убиство и моментално е во притвор, пишува „Скај њуз“.
„Го одобривме обвинението за убиство против 15-годишно момче во врска со смртта на Харви Вилгус (15) во католичкото средно училиште „Ол Сентс“ на 3 февруари.
Училиштето беше затворено по инцидентот, а учениците беа испратени дома во мали групи. Полицијата ја повика јавноста да избегнува шпекулации на интернет и да не го открива идентитетот на малолетниот осомничен, со цел да се обезбеди правично судење. Тие, исто така, објавија дека Харви се здобил со сериозни повреди и покрај напорите на медицинскиот персонал, починал набргу по пристигнувањето на итната помош.
Неговата сестра Софи Вилгус му оддаде почит, велејќи дека нејзиното срце е скршено на милион парчиња. Семејството на Харви го опиша како грижлив и хумористичен млад човек и изрази длабока тага поради неговата загуба. Настанот предизвика шок и тага во заедницата, при што многумина му оддадоа почит на Харви со положување цвеќе и пораки надвор од училиштето. Сочувство изрази и британскиот премиер.
Инцидентот се случи откако учениците од средното католичко училиште кое беше оценето добро од Офстед во 2023 година за безбедносни стандарди, беа принудени да се сокријат под нивните клупи минатата недела поради заканувачки однесување од мала група ученици. Полицијата во Јужен Јоркшир соопшти дека интензивно работи на составување целосна слика за тоа како се одвивала оваа трагедија.
Свет
Нетанјаху реагира на предлогот САД да го прземат Појасот Газа: „Тоа може да ја промени историјата“
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека планот на американскиот претседател Доналд Трамп САД да го преземат Појасот Газа може да ја „промени историјата“.
Нетанјаху нагласи дека една од неговите цели во војната е да обезбеди Газа повеќе да не претставува закана за Израел, пишува „Тајмс оф Израел“.
Трамп, вели тој, има поинаква визија за регионот, кој беше „жариште на тероризам и напади врз Израел“.
Израелскиот премиер додаде дека е важно да се обрне внимание на плановите на Трамп и дека тие потенцијално ќе го променат текот на историјата. Нетанјаху посочи и дека Хамас за време на сегашниот „привремен прекин на огнот“ планира да изврши уште поголем напад од оној на 7 октомври.
Зборувајќи за мирот во регионот, Нетанјаху истакна дека мирот не може да се постигне ако Хамас, кој тој го нарече „токсичен и убиствен“, остане на власт. Додаде дека таргетирањето на уништувањето на оние кои сакаат да го уништат Израел ќе биде клучно за постигнување мир во регионот, вклучувајќи го и мирот со Саудиска Арабија и другите држави.
На тема Иран, Нетанјаху ја поддржа изјавата на Трамп дека Иран не смее да има нуклеарно оружје, додавајќи дека доколку е можно тоа да се постигне преку кампања за „максимален притисок“, тоа треба да се направи. Трамп рече дека решението за иранското прашање, доколку може да се постигне без војна, ќе биде „огромен успех“, но дека ќе остане да се види како ќе се развива ситуацијата.