Свет
Сирените за тревога се огласија во Израел; палестинските медиуми: Извршени се неколку воздушни напади во јужниот дел на Појасот Газа
Рано утринава се огласија сирените, кои предупредуваа за ракетни напади во израелските заедници во близина на границата со Газа, соопшти израелската војска.
Палестинските медиуми известуваат за израелските воени напади на северот и југот на Газа.
„Извршени се неколку воздушни напади во јужниот дел на Појасот Газа“, соопшти Министерството за внатрешни работи и национална безбедност на Хамас. Израелските одбранбени сили (ИДФ) објавија дека со борбени авиони гаѓаат цели на Хамас во Појасот Газа.
Израел претходно извести дека пресретнал ракета лансирана од Газа околу еден час пред крајот на примирјето со Хамас.
„По првичниот извештај за звук на сирени во заедниците во близина на Појасот Газа, системот за противвоздушна одбрана на ИДФ успешно пресретна лансирање од Појасот Газа“, соопшти израелската војска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Перу прогласи вонредна состојба по излевањето на нафта на северот на земјата
Владата на Перу денеска прогласи еколошка вонредна состојба во северниот крајбрежен регион, каде што државната нафтена компанија Петроперу минатиот викенд истури пратка сурова нафта во околните води на Тихиот Океан.
Брод кој изведуваше маневри предизвика излевање на нафта во саботата на терминалот на перуанската рафинерија Талара во северниот дел на Перу, објави Ројтерс.
Нема информација колку сурова нафта се излеа во морето, но чуварот на животната средина на Перу, ОЕФА, во прелиминарниот извештај рече дека излевањето погодило околу 10.000 квадратни метри површинска морска вода, а Министерството за животна средина соопшти дека погодило најмалку седум плажи како и локалниот див свет.
Свет
Зеленски: Разговарав со Вучиќ, благодарам Србија
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска соопшти дека разговарал со претседателот на Србија за „зајакнување на односите меѓу двете земји“.
„Се заблагодарив на Србија за финансиската и хуманитарна поддршка и ги координиравме нашите напори на заедничкиот пат кон интеграцијата во ЕУ. Претседателот Вучиќ му ја честиташе Новата година на украинскиот народ и изрази надеж да се постигне мир што е можно поскоро“, објави Зеленски на „Х“, поранешен Твитер.
„На почетокот на оваа недела ги прифатив акредитивните писма на новиот амбасадор на Србија. Верувам дека обновената и полноправна работа на српската амбасада на чело со амбасадорот ќе ја подобри нашата соработка“, додаде украинскиот претседател.
Србија под водство на Александар Вучиќ зазеде амбивалентен однос кон војната во Украина. Иако формално го поддржуваше територијалниот интегритет на Украина во Обединетите нации, таа не се приклучи на санкциите на Европската унија против Русија.
Владата на Вучиќ истовремено одржува блиски политички и економски врски со Москва, што наиде на критики од Западот.
Свет
Автобус во Норвешка излетал од патот во езеро, три лица загинале
Најмалку три лица загинаа во сообраќајна несреќа во Норвешка, јавуваат државните медиуми. Несреќата се случила околу 13 часот и 30 минути по локално време во областа Хадсел на северозападниот брег на земјата.
Автобусот излетал од патот и делумно завршил во езерото Асватнет, јавува јавната телевизија НРК.
Се претпоставува дека во моментот на несреќата во него имало 58 лица.
„Добро е што има ресурси за итни служби на лице место. Автобусот е делумно под вода. Досега се пријавени три смртни случаи, четири лица се тешко повредени. Во несреќата учествуваа вкупно 58 лица“, вели началникот на кабинетот во полициската област Нордланд, Бент Аре Ајлертсен.
Три лица се пренесени со хеликоптер во болницата Стокмаркнес. Некои од патниците се евакуирани во училиште во близина на Сволвер. Имаше потешкотии при доаѓањето на хеликоптерот до местото на несреќата поради временските услови.
Досега во автобусот се пријавени осум различни националности. Список на патници нема, тоа е редовна линија од Нарвик до Лофотен. По несреќата се огласил алармот за катастрофа.
Норвешкиот Црвен крст објави на социјалните мрежи дека испраќа тимови да помогнат во „тешката автобуска несреќа“ на патот Е10.
Има извештаи за обилни снежни врнежи и силен ветер во областа.