Свет
Трамп му пиша на Шји: Големи поздрави до Путин и Ким, со кои се заговоривте против нас

Додека во Пекинг се одржуваше голема воена парада, каде што Кина презентира ново оружје, американскиот претседател Доналд Трамп објави порака на својата социјална мрежа преку која ги поздрави и ги обвини за заговор, кинескиот претседател Шји Џјинпинг, рускиот претседател Владимир Путин и севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун, кои беа заедно на парадата.
„Големото прашање е дали претседателот Шји од Кина ќе ги спомене огромната поддршка и крвта што Соединетите Американски Држави ѝ ја дадоа на Кина за да помогнат во обезбедувањето на СЛОБОДАТА од многу непријателски странски напаѓач. Многу Американци загинаа во потрагата на Кина по победа и слава. Се надевам дека ќе бидат соодветно почитувани и запомнети по нивната храброст и жртва“, напиша Трамп.
„Нека претседателот Шји и прекрасниот народ на Кина имаат голем и траен ден на прослава. Ве молам, пренесете ги моите најтопли поздрави до Владимир Путин и до Ким Џонг-ун додека заговарате против Соединетите Американски Држави“, додаде тој.
Коментарите на Трамп дојдоа додека Шји Џјинпинг разговараше со 26 светски лидери, вклучувајќи ги Путин и Ким, за незапирлива Кина, која никогаш нема да биде заплашена од насилници. Парадата беше искористена и за да се претстави нова генерација оружје вклучувајќи нуклеарни ракети, ласерски системи и поморски беспилотни летала.
фото: принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Трамп го повика Хамас да ги ослободи заложниците и навести можен крај на војната во Газа

Американскиот претседател Доналд Трамп денес го повтори својот повик до Хамас да ги ослободи сите заложници, сугерирајќи дека војната на Израел во Газа би завршила ако го сторат тоа.
„Кажете му на Хамас веднаш да ги ослободи сите 20 заложници, а не 2, 5 или 7, и работите брзо ќе се променат. Ќе заврши!“, рече Трамп во објава на социјалната мрежа Truth Social.
Израелската војска вели дека Хамас сè уште има мрежа од подземни тунели во соседството, која не успеа да ја прекине и покрај повторените напади.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху инсистира дека Хамас, кој владее со Газа речиси две децении, но сега контролира само делови од територијата, мора да биде поразен освен ако не го положи оружјето и не се предаде.
фото: принтскрин
Свет
Нетанјаху ја одби посетата на Макрон на Израел по објавата дека ќе ја признаат Палестина

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го отфрли барањето на францускиот претседател Емануел Макрон да го посети Израел пред очекуваното признавање на палестинската држава од страна на Франција подоцна овој месец, објави израелскиот јавен радиодифузер Кан.
Се вели дека Макрон сакал да оствари кратка посета на Израел пред Генералното собрание на Обединетите нации, каде што се очекува Франција да им се придружи на другите западни земји во признавањето на палестинската држава.
Сепак, Нетанјаху ја услови посетата со повлекувањето на Макрон од признавањето на Палестина, што францускиот претседател го одби.
Макрон објави на 24 јули дека Франција ќе ја признае Палестина како независна држава.
Тој рече дека официјалното признавање треба да следи во септември на Генералното собрание на Обединетите нации.
Макрон рече дека ова е одговор на сè поочајната ситуација во Појасот Газа.
фото: принтскрин
Свет
Ким по средбата со Путин: Целосно ја поддржуваме Русија, тоа е наша братска должност

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун изјави дека неговата земја ќе продолжи „целосно да ја поддржува“ Русија и нејзината војска како „братска должност“, објави државната новинска агенција КЦНА.
Ким се сретна со рускиот претседател Владимир Путин вчера во Пекинг на маргините од прославата на капитулацијата на Јапонија во Втората светска војна. Путин изрази „длабоко почитување“ кон севернокорејските војници кои се борат против Украина, додаде агенцијата.
Северна Кореја испрати војници, артилериска муниција и ракети во Русија за да ѝ помогне во војната со Украина.
Јужнокорејското разузнавање верува дека северниот сосед планира да испрати уште 6.000 војници, покрај тие илјада што веќе се во Русија. Исто така, објавија дека во рускиот регион Курск, каде што учествувале во борбите, досега загинале околу 2.000 од нив.
фото: принтскрин