Свет
Трамп: Не размислувам да испратам ракети „томахавк“ во Украина
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека всушност не размислува да ѝ даде на Украина крстосувачки ракети „Томахавк“ со долг дострел.
На прашањето на новинарите во „Ер Форс Уан“ дали размислува да ѝ го даде оружјето на Украина, Трамп одговори: „Не, не баш. Можеби ќе има промена, но во овој момент не го разгледувам тоа“.
Пентагон даде одобрение, одлуката зависи од Трамп
Пентагон одобри Белата куќа да испрати крстосувачки ракети „Томахавк“ со долг дострел во Украина откако процени дека тоа нема негативно да влијае на снабдувањето на САД, а конечната политичка одлука зависи од претседателот Доналд Трамп, потврдија тројца американски и европски функционери запознаени со ова прашање, објави Си-ен-ен во петокот.
Трамп призна претходно овој месец на работен ручек со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Белата куќа дека би претпочитал да не ѝ ги дава ракетите на Украина бидејќи му се потребни за да ги заштити Соединетите Американски Држави. Здружениот штаб на американските вооружени сили ја информираше Белата куќа за својата проценка претходно овој месец, пред состанокот на Трамп со Зеленски.
Украинскиот претседател ги бара ракетите за да може поефикасно да ја нападне нафтената и енергетската инфраструктура длабоко во Русија. Ракетите „Томахавк“ имаат дострел од околу 1.600 километри. Трамп неколку дена пред средбата со Зеленски рече дека САД имаат „многу ракети Томахавк“ што потенцијално би можеле да ѝ ги дадат на Украина.
фото: принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Се урна средновековна кула во близина на Колосеумот во Рим, еден работник заробен под урнатините
Во срцето на Рим, во близина на Колосеумот, дел од средновековната кула Торе деи Конти, која моментално се реставрира, се урна утрово. Во драматична спасувачка операција, четворица работници беа спасени, додека еден е сè уште заробен под урнатините и се трага по него, објавува Euronews.
Кулата, која е изградена во 1238 година од папата Инокентиј III, беше во процес на реставрација финансирана од Националниот план за закрепнување и отпорност на Италија.
Una porzione della storica Torre dei Conti, situata in Largo Corrado Ricci nei pressi dei Fori Imperiali a Roma, è crollata questa mattina durante i lavori di ristrutturazione.
Fortunatamente non risultano persone coinvolte sotto le macerie, mentre l’area è stata messa in… pic.twitter.com/98ox69K4IS
— La Sicilia (@lasiciliait) November 3, 2025
Противпожарната бригада во Рим брзо реагираше и испрати три оперативни екипи, два камиони со скали и специјализирани единици на местото на настанот, објавува Ројтерс. Тројца работници кои беа заробени на врвот од кулата беа успешно евакуирани со помош на камион за скали, додека четвртиот беше извлечен од самата структура.
Спасувачките операции продолжуваат бидејќи се сомнева дека едно лице е заробено под урнатините.
Градоначалникот на Рим, Роберто Гвалтиери, исто така, пристигна на местото на несреќата кратко потоа. За да се олесни работата на службите за итни случаи, локалната полиција ја затвори Виа деи Фори Империјали, една од најпознатите сообраќајници во историскиот центар, за целиот сообраќај.
Кулата беше запоставена со години пред почетокот на реновирањето. Властите сè уште не објавија официјални информации за обемот на штетата или точната причина за уривањето. Инцидентот се случил на една од најпопуларните туристички локации во италијанската престолнина, веднаш до археолошкото наоѓалиште Форум.
Фото:принтскрин
Свет
Поранешниот украински генерал Андриј Наумов, избеган неколку часа пред почетокот на војната, во Виена снима видеа за Русија
Андриј Наумов, поранешен генерал на украинската Служба за безбедност (СБУ), осомничен дека ѝ доставувал чувствителни информации на Москва, кој избега од Украина само неколку часа пред почетокот на руската инвазија, сега е во Виена и снима спотови за руски државен медиум, објави „Киев пост“.
Наумов се поврзува со долгорочното планирање на инвазијата во координација со руските безбедносни служби. Пред да пристигне во Австрија, престојувал во Србија. Австрија засега не презема конкретни чекори.
Рускиот медиум НТВ му посвети 40-минутна емисија со интервјуа снимени на повеќе локации во Виена.
Наумов некогаш важеше за близок соработник на Иван Баканов, пријател од детството и поранешен директор на СБУ. Сега е обвинет за перење пари и за измама, а украинските власти побараа негова екстрадиција.
Дополнително, се тврди дека одиграл клучна улога во предавањето на нуклеарната електрана во Чернобил на руските сили додека бил директор на државната компанија задолжена за управување со зоната на исклучување. Според украинското Државно истражно биро, Наумов собирал информации за безбедносните системи во Чернобил и ги пренесувал на Русија.
Наумов ја напуштил Украина во конвој возила носејќи големи суми готовина и скапоцености. Во јуни 2022 година бил уапсен во Србија, на границата со Северна Македонија, заедно со германски државјанин со украинско потекло. Во возилото биле пронајдени 600.000 евра, долари и скапоцени камења. Осуден е на една година затвор за перење пари, а пуштен е во јануари 2024.
Украина побара негова екстрадиција, но и Русија покажала интерес.
Австриските власти засега не коментираат. Министерството за правда потврди дека е примено барање за екстрадиција, но судското рочиште сè уште не е закажано. Безбедносните служби одбија да дадат дополнителни информации.
Регион
Вучиќ: Секој ден ме прикажуваат како некаков си Хитлер
Ако има некој што е постојано нападнат на ужасен начин во сопствената земја, тоа сум јас. Секој ден ме прикажуваат како некаков си Хитлер, вели српскиот претседател Александар Вучиќ во интервју за германскиот Cicero.
На прашањето: „’Фридом хаус’ повеќе не ја смета Србија за слободна демократија, туку за хибриден режим. Ве обвинуваат дека ја укинувате поделбата на власта поради вашето прекумерно влијание врз партијата, парламентот и медиумите. Како го коментирате тоа?“, тој одговори:
„Имам сосема поинакво мислење и ја повикувам ‘Фридом хаус’ да дојде тука, да разгледа сè и да дојде до искрен резултат на самото место. Знаете, јас веќе го знам тоа. Ако има некој што е постојано нападнат на ужасен начин во сопствената земја, тоа сум јас. Секој ден ме прикажуваат како некаков си Хитлер.
А потоа секогаш тврдат дека имаме авторитарен или автократски режим во Србија. Но, да бидеме искрени: Во кој авторитарен режим е можно зградите на владејачката партија да бидат физички нападнати 800 пати по преземањето на функцијата? 29 пати нашите партиски згради се целосно уништени или изгорени“.
На барање да даде коментар за тоа што српската полиција дејствува против демонстрантите, но и против луѓето што протестираат против него и за критичките во Европскиот парламент за употреба на брутални методи и наводната употреба на звучни топови, Вучиќ вели:
„Тоа никогаш не се случило. Едноставно, не се случило. Ќе ви кажам едно: Ако се покаже дека е употребено акустично оружје, тогаш повеќе не сум претседател. Не ја лажам јавноста. Тие критичари во Европскиот парламент во основа само ја пренесуваа пораката на медиумите што се против нас. Постојат многу интереси, бизнис-интереси. Верувам дека сите ја знаат вистината, но дека постојат и овие интереси“.
Тој во интервјуто вели дека не сака да открие кои странски влади плаќаат за протестите против него за да не ги расипе односите со тие земји.
„Нема да кажам кои влади ги платиле демонстрантите. Имам докази, но не сакам да ги презентирам бидејќи не сакам да ги загрозам односите со тие земји. Знаеме дека имаше масовна финансиска поддршка за овие луѓе од странство. Интересно е што протестите се променија, последните големи демонстрации дојдоа од ултрадесничарски студентски групи, а не од проевропски групи. И оттогаш финансиерите исто така се повлекоа.
Сето ова не значи дека немаме поделено општество во Србија. Да, го имаме. Но, тие протести не се израз на тоа, тие се израз на астротурфинг, односно политички мотивирана и финансирана ПР-кампања, која се обидува да создаде впечаток за спонтано движење на граѓаните. Во иднина ќе откриеме кој стои зад тоа. Во моментот имаме други грижи, пред сè, енергетски проблеми, кои за нас се прашање на опстанок“.
Фото: ЕПА

