Свет
Британскиот вид е откриен во 94 земји, јужноафриканскиот во 46
Позаразниот вид на Ковид, кој се појави во Велика Британија во септември, беше откриен во уште осум земји минатата недела. Тоа значи дека вкупниот број на земји кои пријавиле британски вид скокна на 94, објави Светската здравствена организација (СЗО)
Кога станува збор за јужноафриканскиот вид, тој е регистриран во уште две земји, така што бројот на земји кои го откриле сојот 501Y.V2 на нивна територија сега е 46, пренесе агенцијата ТАСС.
Бразилскиот сој П.1 беше пронајден во уште шест земји минатата недела и сега се наоѓа во 21 земја низ светот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зеленски разговараше со шефот на Пентагон по одлуката на Вашингтон што ја налути Москва
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека имал многу добар разговор за одбранбените потреби на Киев со американскиот секретар за одбрана Лојд Остин.
Зеленски се состана со Остин на маргините на дијалогот Шангри-Ла во Сингапур, голем безбедносен форум на кој присуствуваа претставници на одбраната од целиот свет.
„Разговаравме за она што е клучно: одбранбените потреби на нашата земја, зајакнувањето на украинската воздушна одбрана, коалицијата Ф-16 и подготовката на билатерален безбедносен договор“, порача Зеленски.
Состанокот уследи по одлуката на Вашингтон делумно да ги укине ограничувањата на Киев за употреба на оружјето обезбедено од САД за напади на руска територија, што Зеленски го поздрави како чекор напред, пишува „Киев пост“.
Свет
Доналд Трамп отвори профил на „Тик-ток“ – платформата што претходно сакаше да ја забрани
Поранешниот американски претседател Доналд Трамп отвори профил на платформата „Тик-ток“, која сакаше да ја забрани кога беше на власт.
Политико објави дека Трамп во саботата вечерта објавил видео во кое ги поздравува присутните на настан во Њу Џерси, пренесува Ројтерс.
Обидот на Трамп да го укине ТикТок во 2020 година беше блокиран од судот, а во март оваа година тој изјави дека платформата претставува закана за националната безбедност на Соединетите Американски Држави.
Тој потоа додаде дека забраната на „Тик-ток“ ќе им наштети на некои млади луѓе и ќе го зајакне п„Фејсбук“.
Трамп во моментов има 685 илјади следбеници на „Тик-ток“.
ByteDance, компанијата која е сопственик на „Тик-ток“, се обидува да поднесе жалба до американскиот суд против законот донесен во април со кој се бара „Тик-ток“ да се продаде до јануари следната година, доколку не сака да биде забранет во САД.
Белата куќа соопшти дека сака да ја прекине кинеската сопственост на платформата поради грижи за националната безбедност, а не да го забрани „Тик-ток“.
Платформата соопшти дека нема да ги споделува податоците на американските корисници со кинеската влада и дека презела значителни мерки за заштита на нивната приватност.
Свет
Шолц: Ќе ја браниме секоја педа од територијата на НАТО од Русија ако е потребно
Неодамнешниот потег на НАТО за зајакнување на своето источно крило има за цел да ја одврати Русија, изјави денеска германскиот канцелар Олаф Шолц, додавајќи дека тоа и дава до знаење на Москва дека Алијансата ќе биде подготвена да се брани, доколку е потребно, пренесе „Ројтерс“.
Говорејќи на Источногерманскиот економски форум, на кој присуствуваше и литванската премиерка Ингрида Симонтје, Шолц рече дека Германија одигра клучна улога во присуството на НАТО на руската балтичка граница.
„Заканата од Русија ќе продолжи, а ние и нашите сојузници минатата година одлучивме да распоредиме дополнителни единици во балтичките земји и таму трајно да стационираме цела бригада. Со ова и покажуваме на Русија дека сме подготвени да го одбраниме секој квадратен метар од територијата на земјите на НАТО против можен напад“, рече Шолц.