Македонија
Десет проценти од децата биле жртва на насилство во земјата
Десет проценти од децата биле жртва на насилство, а повеќе од 20 % познаваат врсник што бил жртва на насилство. Децата најчесто наведуваат примери на врсничко насилство во училиштата. Сè уште постои висока стапка на насилно дисциплинирање. Ова се само дел од поентите изнесени во алтернативниот извештај на невладините организации за состојбата со правата на децата во Македонија.
Во пресрет на Меѓународниот ден на човековите права – 10 Декември, Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ го презентира извештајот за состојбата со правата на децата во Македонија. Извештајот беше поднесен до Комитетот за правата на детето при ООН како дел од периодичниот циклус на известување за спроведувањето на Конвенцијата за правата на детето во државата. Тој овозможува детаљна анализа на широк спектар прашања поврзани со правата на децата од послените десет години, структурирани во осум теми: општи мерки на имплементација, генерални принципи, граѓански права и слободи, насилство врз децата, семејна средина и алтернативно згрижување, попреченост, општа здравствена состојба и добросостојба, образование, одмор и културни активности и посебни мерки на заштита.
Во извештајот се укажува на многубројни проблеми, како и на чести случаи на непостапување во согласност со најдобриот интерес на детето од страна на институциите и особено центрите за социјална работа.
Постоењето дискриминација на децата по основ на возраста, полот и финансиската состојба на нивното семејство, сегрегација на учениците Роми, исклученост на децата од социјално загрозени семејства од образовниот процес за време на пандемијата на Ковид-19 и многубројни пречки со кои децата со попреченост се соочуваат во пристапот до образовните, здравствените и другите институции. Пристапноста до училишните згради, внатрешните простории и соодветните дидактички средства не е обезбедена во задоволителна мера. Стручните тимови се некомплетни во голем дел од училиштата и градинките, а наставниците не располагаат со соодветни знаења и вештини за работа со ученици со попреченост.
Сè уште постојат деца што не се регистрирани во Матичната книга на родените, од кои повеќето се Роми, но нивниот точен број не се знае. Државата нема преземено мерки за елиминирање на практиката на тајно посвојување, што не во согласност со Конвенцијата за правата на детето.
Средношколското организирање сè уште не е законски регулирано. Децата не го уживаат целосно своето право на мирно собирање, дел од средношколците учесници на протести во изминатиот период беа изложени на закани од страна на училишните раководства, како и на обиди за партиското етикетирање во пошироката јавност. Нарушувањето на приватноста на децата во сајбер-просторот е сè поактуелен проблем, особено злоупотребата на личните податоци на децата на социјалните мрежи.
Во извештајот се наведува дека постои сериозна загриженост за нискиот човечки капацитет во здравствениот сектор, особено намалениот број педијатри и несоодветната обезбеденост со лекари во дејноста за здравствена заштита на училишни деца и младина. Децата наведуваат многубројни случаи кога нивни врсници не добиле соодветна лекарска помош, особено од почетокот на пандемијата на Ковид-19.
Грижата за менталното здравје на децата не претставува јавноздравствен приоритет и е под нивото на грижата за физичкото здравје. Значително се намалени сервисите за ментално здравје за деца и млади и нивниот квалитет, а нема ниту соодветен план за нивен развој. Загадувањето на воздухот во урбаните средини е континуирано над европските стандарди и претставува алармантен проблем. Енормното аерозагадување во зимскиот период е проблем за 2/3 од децата, кои истакнуваат дека тоа се одразува на нивното физичко и ментално здравје, им го ограничува секојдневното функционирање и ги принудува да останат во своите домови.
Секое трето дете во државата живее во сиромаштија. Паричната вредност на социјалните надоместоци е премногу ниска, а постојните услуги за социјална грижа и поддршка се недоволно развиени и не обезбедуваат адекватен животен стандард за децата.
Во извештајот се нотира дека нема прецизна евиденција за бројот на децата на улица/улични деца, од кои повеќето се Роми. Работата на улица е најзастапената форма на злоупотреба на детски труд и таа ретко се санкционира. Отсуствува системски одговор од државата за соодветна заштита и поддршка на оваа група деца и нивните семејства. Државата не ги исполнува целосно минималните стандарди за елиминација на трговијата со луѓе. Постојат повеќе негативни практики во постојниот систем. Во системот на правда за децата остануваат многубројни предизвици, како неисполнувањето на законската обрска за формирање совети за превенција на детско престапништво во најдолем дел од општините, неприменувањето на формите на ресторативна правда од страна на судовите и јавните обвинителства, необезбеденоста на ДСПДП со соодветни услови за работа. Мерките на превенција, институционален и вонинституционален третман, остануваат под меѓународните стандарди, се вели во извештајот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Европа не може да биде целосно безбедна се додека Западен Балкан е надвор од Европската Унија
Без поцврста и поодлучна ЕУ, Балканот останува простор каде што надворешните сили ќе продолжат да ја тестираат својата моќ, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на свеченото отворањето на Меѓународната конференција на Паневропската унија на Македонија, што се одржа во претседателскиот Кабинет во присуство на бројни дипломатски претставници и странски гости.
Говорејќи меѓу раскошните мозаици на Глигор Чемерски коишто сведочат за историски вкоренетиот македонски удел во европската култура и цивилизација, Сиљановска-Давкова истакна дека како што секое камче е неопходно за стабилноста на мозаикот, така и Западниот Балкан е неопходен дел од европската целина, без кој ЕУ останува ранлива во услови на геополитички предизвици, војни и хибридни закани.

Во обраќањето таа потсети на визијата на Рихард Куденхоф-Калерги за обединета Европа изградена врз вредности, како и на заложбите на Ото фон Хабсбург за надминување на поделбите и интеграција на народите од Централна, Источна и Југоисточна Европа.
Претседателката укажа дека денес постојат нови, политички бариери што ја држат земјата во состојба на продолжена неизвесност и покрај децениските реформи и направените тешки компромиси.

Според неа, македонските граѓани одамна ја покажале својата цврста определба за европската иднина и не им се потребни сожалувања и post-festum извинувања, туку навремени, ex-ante решенија за деблокада на евроинтеграцијата.
Таа повика на обновена политичка волја и лидерство што ќе го заокружи процесот на проширување.
На свеченото отворање на конференцијата се обратија: претседателот на Паневропската унија на Македонија, Андреј Лепавцов, претседателот на Меѓународната паневропска унија, Паво Баришиќ, австрискиот амбасадор, Мартин Памер и Штефан Хабек претставник од Паневропската унија на Австрија и Институтот на регионите на Европа.

Паневропската унија на Македонија е формирана 1993 година и се залага за промоција на европските вредности и меѓународно лобирање за интеграција на државата во Европската Унија.
Македонија
Перински: Македонија и Унгарија ги зајакнуваат врските во делот на регионалниот развој и ЕУ политиките
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, на покана на министерот за регионален развој и јавна администрација, Tibor Navracsics, оствари еднодневна работна посета на Унгарија, насочена кон продлабочување на билатералната соработка и зајакнување на партнерството меѓу двете држави.
Во фокусот на разговорите беше размената на искуства за поефикасно и целосно искористување на програмите на Европската Унија, како и поддршка на вклучувањето на Македонија во нови европски програми. За Министерството за локална самоуправа, оваа соработка има особено значење во насока на унапредување на регионалниот развој, пренесување на знаење со цел зајакнување на институционалните капацитети и пристапот до европски фондови.

Во рамки на посетата, министерот присуствуваше и на отворање на изложба во Центарот за дигитални искуства (CODE), каде што свое обраќање имаше министерот за култура и иновации на Унгарија. Центарот е формиран во рамки на програмата „Веспрем–Балатон 2023 – Европска престолнина на културата“ и има за цел да отвора нови можности за културна размена преку дигитални и интерактивни содржини.
Останатиот дел од агендата беше посветен на посети на неколку значајни локации во округот Веспрем, при што беа разменети мислења и искуства за локалниот и регионалниот развој, како и за актуелните општествени процеси. Во тој контекст беа допрени и теми поврзани за начините за зголемување на атрактивноста на регионите, како и мерките за поттикнување на општините кон поголема самоодржливост и ефикасно користење на сопствените развојни потенцијали.

Посетата претставува уште еден чекор кон продлабочување на меѓусебната соработка и размена на добри практики во области од заеднички интерес.
Македонија
Утре променливо облачно со сончеви периоди, наместа со услови за провејување на слаб снег
Утре променливо облачно со сончеви периоди. Наместа ќе има услови за провејување на слаб снег.Ќе дува умерен, a долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 6, а максималната ќе достигне од 4 до 12 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
За време на викендот ќе дува засилен ветер од северен правец, а утре ќе има услови за провејување на слаб снег.
Од недела следува период на стабилно време со високи дневни температури.

