Македонија
Заев бара одговорност поради полициските контроли на хуманитарната помош во Струмица
„Барам одговорност за скандалот што доцна ноќеска се случи во Струмица, каде што преку злоупотреба на полицијата и државни институции ВМРО-ДПМНЕ, Наќе Чулев и Христијан Мицкоски се обидоа да спречат хумана, солидарна акција за помош на моите сограѓани“, порача лидерот на СДСМ, Зоран Заев, по информацијата дека полицијата вчера влегла во магацинот за контрола на хуманитарните пакети, кои се донација од семејството Заеви во време на кризата предизвикана од коронавирусот. Упадот бил додека волонтери од здружението „Сите заедно можеме“ пакувале пакети со прехранбени производи, а дистрибуцијата била запрена.
Заев порача дека очекува од надлежните институции да спроведат истрага и да ги посочат виновниците.
„ВМРО-ДПМНЕ преку полициски структури попречува хумантирна помош за граѓани преку злоупотреба на државни институции. ВМРО-ДПМНЕ со полициски режимски структури синоќа до раните утрински часови вршеше притисок и закани врз волонтери и членови на граѓанската организација.
Држеа млади волонтери во полициска станица, им се закануваа, само затоа што некој добил партиска задача и му смета солидарноста. Тоа е одлика на нелуѓе од еден режим што одамна го поразивме заедно со граѓаните. И затоа таквите партиски насилници мора да сносат одговорност. Македонската и струмичката солидарност е голема и ништо нема да ја спречи, најмалку неспособната режимска ВМРО-ДПМНЕ“, порача Заев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Љупчо Николовски набавил поскапо жито за стоковите резерви за 1,3 милиони евра
Љупчо Николовски набавил поскапо жито за стоковите резерви за 1,3 милиони евра, откако претходно Заев и Филипче му го отпишаа кусокот, обвини Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Љупчо Николовски треба да даде јасни одговори дали грантот за фирмата Тргопродукт вреден 1,4 милиони евра од ИПАРД програмата е подарок за Заев и Филипче затоа што му потпишаа отпис на 2000 тони жито? Љупчо Николовски треба да даде јасни одговори дали отписот на 2000 тони жито од стоковите резерви на државата е направен за да може во 2022 година, да направи набавка на 20000 тони жито поскапо за 1,3 милиони евра? Исто така, Љупчо Николовски треба да даде одговори, прво зошто е направена оваа набавка на 20.000 тони жито едно по друго, по отписот на кусокот што го потпишале Заев и Филипче кога велеа дека стабилни и доволни се стоковите резерви на државата? Дополнително, зошто набавките за житото биле поскапи за цели 1,3 милиони евра? 20.000 тони пченица државата ја чинело 532 милиони денари или 8,6 милиони евра, односно еден тон жито бил 26.625 денари, а килограм 26.6 денари“, рече тој.
Тој вели дека ова е многу важен сегмент, бидејќи пченицата која била набавена од Србија, цената на берзата во Нови Сад била 20,5 денари, дополнително трошоци за транспорт од 1,5 до 2 денари по килограм се доаѓа до цена од 22,5 денари, што, како што рече, е за цели 4 денари помалку од оние кои државата ги платила поради Љупчо Николовски, Заев и Филипче, или 1,3 милиони евра повеќе пари биле потрошени на граѓаните.
„Николовски треба да одговори зошто државата платила 1,3 милиони евра поскапа сума за житото и дополнително, зошто оваа сума од 1,3 милиони евра е скоро идентична на онаа која Заев преку својата фирма Тргопродукт ја добил од грант, а таа е 1,4 милиони евра? Ги повикуваме и ДКСК и ЈО да постапат по овој случај и да го истражат“, рече Манасиевски.
Македонија
(Фото) Отстранет бесправно изграден објект и спречена узурпација на државно земјиште во Визбегово
Општина Бутел извести дека денеска во координирана акција со МВР, во раните утрински часови бил отстранет бесправно изграден објект во населеното место Визбегово.
„Законот за бесправно изградени објекти се спроведува на целата територија на општина Бутел. Градоначалникот Дарко Костовски нагласи дека се додека тој е градоначалник, законите ќе важат за сите граѓани подеднакво, без исклучок.
Градоначалникот работи во интерес на сите граѓани и секогаш се залага за чесните луѓе. Во општина Бутел нема место за бесправно изградени објекти и узурпација на државно земјиште“, се вели во соопштението на општина Бутел.
Македонија
(Видео) Мајка на загинато дете од „Пулс“: 63 сенки ќе ги следат обвинетите засекогаш, контрадикторно е што никој не се изјасни за виновен
Пред судот денес зборуваше Јулија Златкова, мајка на загинатиот Томас Златков, која реагираше на однесувањето на обвинетите на минатото рочиште.
„Шеесет и три убиени деца. 63 уништени иднини на децата и нивните семејства. Контрадикторно беше што на минатото рочиште никој од обвинетите не се изјасни за виновен. Зарем треба ние родителите да ги потсетиме зошто се наоѓаат во судницата“, изјави Златкова.
Таа додаде дека ниту еден од обвинетите не покажал каење: „Никој од нив немаше ни грам совест и човечност да ја признае својата вина. Ниту монструмот, ни син му, не покажа човечност.“
Златкова порача дека родителите очекуваат правда за сите загинати деца: „63 не е бројка, ниту статистика. Тоа се млади убиени деца и 63 сенки ќе ги следат засекогаш“, рече.
Изрази надеж дека семејствата ќе ја добијат правдата, оти, како што рече, овие деца заслужуваат правда.

