Економија
За седум дена, инспекторите извршиле 4.716 контроли, затворени се седум угостителски објекти
Во периодот од 26.10.2020 до 1.11.2020 година сите инспекциски служби во рамките на своите надлежности извршија вкупно 4.716 контроли, од кои 1.750 се инспекциски надзори. Во овој период Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) спроведе 2.966 контроли и 588 надзори. Контролите се спроведени според Законот за заштита на населението од заразни болести, Законот за заштита на потрошувачите, Законот за трговијата, Законот за нерегистрираната дејност, Законот за угостителската дејност, Законот за градежните материјали, Законот за занаетчиската дејност, Законот за енергетиката, Законот за метрологијата, Законот за безбедност на производите и Законот за заштита од пушењето, се вели во соопштението.
Притоа ДПИ изрече решенија за забрана за вршење дејност на седум објекти во Гостивар, Битола,Скопје и во Куманово. Прекршувањата се во делот на непочитување на здравствените протоколи, односно одржување прослави, за непочитување растојание помеѓу масите и за носење маски. При контролите ДПИ изрече 65 решенија, и тоа 4 решенија по Законот за заштита на населението од заразни болести (Скопје – 49 решенија по Законот за финансиската дисциплина – 3 решенија по Законот за нерегистрираната дејност – едно решение по Законот за трговијата – 2 решенија по Законот за угостителската дејност – едно решение по Законот за заштита на потрошувачите).
Државниот санитарен и здравствен инспекторат во истиот период изврши 91 надзор, при што изречени се 10.553 решенија, од кои 10.538 се за изолација на болни од Ковид-19 и контакти на болни од Ковид-19, а 15 решенија се за констатирани неправилности по спроведен надзор.
Инспекторатот за труд изминатата недела спроведе 572 надзора, при што издадени се 30 решенија за отсуство на ознаки за дизенфекција, промотивни материали за носење заштитни маски, евиденција на работното време, лична заштита на вработените и други непарвилности според материјалните закони.
Во истиот период Инспекторатот за транспорт изврши 66 надзори, при што изречени 4 кривични пријави за непочитување на здравствените протоколи, и тоа: 2 за непочитување на протоколот за вршење меѓународен превоз на патници на граничниот премин Деве Баир и една на граничниот премин Табановце во Штип и Струмица за непочитување на протоколот за вршење меѓуградски превоз на патници. Инспекторатот изрече и 5 прекршочни пријави, а издадени се 14 решенија и 3 платни налози.
Во периодот од 26.10.2020 до 1.11.2020 година Агенцијата за лекови и медицински средства МАЛМЕД спроведе 39 надзори во аптеки во целата држава по основ почитување на мерките на Владата на РСМ во однос на издавање антибиотици и проверка на податоци за формирани цени на заштитни средства од коронавирус. Притоа не се констатирани прекршувања на законските одредби и отстапувања од протоколите.
Инспекторатот на Агенцијата за храна и ветеринарство во истиот период спроведе 394 надзори во однос на спроведување на мерките по Законот за заштита на населението од заразни болести, а другите контроли се по Законот за безбедност на храната. Притоа издадени се 4 решенија, еден платен налог и спроведени се 28 едукации. Констатирани недостатоци за неизвршени здравствени прегледи, неспроведување општи хигиенски мерки, нерегистриран објект, производ со поминат рок.
Од минатата недела, во согласност со измените и дополнувањата на Законот за заштита на здравјето на населението од заразни болести, сите инспекциски служби веќе постапуваат според новите поголеми овластувања при постапување со прекршителите на здравстевните протоколи. Односно, според новото законско решение, доколку на терен инспекторите констатираат дека одредено правно лице ги прекршува здравствените протоколи, во истиот момент ќе му се изрече привремена забрана за вршење на дејноста од 10 до 30 дена, односно објектот на самото место ќе биде затворен. Дополнително, според новите измени, висината на глобите ќе варира во зависност од големината на правниот субјект. За микро, мало, средно или големо претпријатие, како и соодветни глоби за одговорен на правно лице, трговец поединец или физичко лице.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
ТИТАН Усје: Работиме согласно сите закони, емисиите се мерат 24 часа со независен мониторинг – нема надминувања на лимитите
ТИТАН Усје соопшти дека повеќе од 70 години работи како одговорна компанија во земјата, придонесувајќи за националниот развој, локалната економија и снабдувањето со основни материјали за клучни инфраструктурни објекти, меѓу кои болници, брани, патна и јавна инфраструктура.
Од компанијата наведуваат дека грижата за животната средина е нивна основна вредност и дека ја следат јавната дебата поврзана со квалитетот на воздухот и заштитата на животната средина, давајќи, како што велат, транспарентен придонес кон решавање на овие прашања.
„Работиме целосно во согласност со сите важечки закони, подзаконски акти и барањата на нашата А – Интегрирана еколошка дозвола – честопати применувајќи внатрешни стандарди кои се и построги од законските обврски. Нашите емисии континуирано се мерат преку 24-часовен независен мониторинг, со податоци јавно достапни и редовно доставувани до надлежните органи и до медиумите. Редовните и ненајавените инспекции од страна на надлежните тела не констатираат никакви надминувања на законските лимити“, велат од ТИТАН Усје.
Како членка на Групацијата ТИТАН, компанијата информира дека ги следи меѓународно признатите практики и ESG стандарди, со долгорочна посветеност на заштитата на животната средина, вклучувањето на заедницата и современото корпоративно управување.
Во изминатите 15 години, ТИТАН Усје инвестирала повеќе од 29 милиони евра во одржливо производство и еколошки технологии, а дополнителни три милиони евра се планирани до 2029 година.
Од компанијата посочуваат дека нивни приоритети остануваат партнерствата, благосостојбата на вработените и континуираната поддршка на заедницата.
Економија
ОКТА АД – Скопје со силни резултати во 2025 година во пазарна средина исполнета со предизвици
Финансиски резултати за 4-тиот квартал / 12 месеци од 2025 година

*Прилагодена за ефектот на вреднување на залихите
ОКТА АД – Скопје Годишни резултати за 2025 година
Во 2025 година, глобалниот пазар на деривати беше обликуван од геополитичка несигурност и еволуирачки енергетски политики, што резултираше со повремена нестабилност на цените. Ризиците по снабдувањето поврзани со регионалните конфликти и нестабилните трговски рути беа делумно компензирани со зголемено производство од главните извозници, ублажувајќи ги ценовните притисоци во споредба со 2024 година. Намалената индустриска активност на клучните пазари го ограничи растот на побарувачката и придонесе за стабилизација на цените во втората половина од годината.
Во Југоисточна Европа, геополитичките случувања и регулаторните промени продолжија да влијаат врз пазарните услови. Во Северна Македонија, воведувањето на новиот Закон за енергетика во средината на 2025 година и тековните регулаторни прилагодувања влијаеја врз динамиката на цените и конкуренцијата. По благиот пад во 2024 година, локалниот пазар покажа знаци на закрепнување во текот на 2025 година.
Во овие услови, ОКТА успешно се справи со регионалните флуктуации во снабдувањето и силните притисоци од конкуренцијата како на домашниот така и на извозниот пазар. Компанијата ја задржа својата утврдена водечка позиција во големопродажбата, додека структурата на малопродажниот пазар остана во голема мера непроменета. Во текот на целата година, ОКТА се фокусираше на дисциплинирано комерцијално извршување, разумно управување со маржите и насочени, стратешки иницијативи.
Финансиски остварувања
Приходите од продажба за фискалната 2025 година изнесуваа 38.492 милиони денари, во споредба со 44.263 милиони денари во 2024 година, првенствено поради пониските меѓународни цени на горивата и намалениот обем на извоз. Во четвртиот квартал од 2025 година, приходите од продажба се зголемија за 5% на годишно ниво на 10.179 милиони денари.
Бруто добивката порасна на 1.324 милиони денари во фискалната 2025 година од 1.169 милиони денари во претходната година, поткрепена од поголемата домашна продажба, зголемените испораки кон Државните резерви и зголемено тргување со електрична енергија. ЕБИТДА достигна 652 милиони денари, во споредба со 501 милион денари во 2024 година, што одразува поголем домашен обем, намалена изложеност на нестабилност на цените и поголема продажба на електрична енергија. ЕБИТДА во четвртиот квартал од 2025 година изнесуваше 139 милиони денари, што е намалување од 16% на годишно ниво, главно предизвикано од нестабилноста на цените на горивата и пониските маржи на електричната енергија.
Добивката пред оданочување во фискалната 2025 година значително се зголеми на 667 милиони денари, во споредба со 238 милиони денари во 2024 година. Покрај подобрените оперативни остварувања, резултатот е одраз и на помала амортизација по еднократната забрзана амортизација во 2024 година, предвидениот поврат на Данокот на солидарност од 50 милиони денари платен во 2023 година и оптимизирано управување со готовината. Во четвртиот квартал од 2025 година, добивката пред оданочување изнесуваше 177 милиони денари во споредба со 87 милиони денари во четвртиот квартал од 2024 година.
Оперативните трошоци останаа генерално стабилни на годишно ниво. Во 2025 година компанијата продолжи да работи без долг, во континуитет со претходните години. На 29 мај 2025 година, Собранието на акционери одобри распределба на дивиденда од 182,8 милиони денари, што е еднакво на 240,00 денари по акција.
Стратегија и перспектива
ОКТА ја заврши 2025 година со пазарен удел од 67% во Северна Македонија и 29% во Косово, надминувајќи ги планираните цели за профитабилност. Компанијата останува посветена на зајакнувањето на својата лидерска позиција на пазарот, оптимално користење на продуктоводот Солун – Скопје и складишната инфраструктура, како и обезбедување долгорочна сигурност во снабдувањето.
ОКТА продолжува да ја развива својата стратегија за диверзификација, при што значајно вложува и во обновливи извори на енергија. Во текот на годината, компанијата инвестираше 63 милиони денари во проекти од оваа област и се фокусира на максимално искористување на инсталираниот соларен капацитет од 12 мегавати како и идниот систем за батериско складирање. Плановите вклучуваат понатамошно проширување на фотоволтаичните системи и решенијата за складирање.
Корпоративна оштествена одговорност
Во четвртиот квартал, ОКТА дополнително ја зацврсти својата стратешка посветеност кон одржливоста, проширувајќи ги донациите на кровни фотоволтаични системи за образовни институции во Скопје, Битола и Штип. Овие инвестиции ја подржуваат националната цел за зголемување на енергетската ефикасност и обезбедуваат мерливи еколошки продобивки преку значително намалување на емисиите на јаглерод диоксид. Дополнително, компанијата спроведе иницијатива за општествена одговорност кон животната средина, организирајќи акција за пошумување во Националниот парк Јасен, во склоп на тим-билдинг програмата.
Паралелно со овие иницијативи, ОКТА продолжи да го негува и промовира националното културно наследство преку поддршка на реномираните културни фестивали и продлабочена соработка со релевантните културни институции во земјата. Годината ја заокружи со засилен фокус на вклучувањето на заедницата, акцентирајќи ја поддршката за образованието и ранливите групи преку целни донации и општествени иницијативи. За да го сподели напредокот на транспарентен начин и да ја зајакне својата улога како одговорен корпоративен лидер, ОКТА одржа брифинг за медиумите на кој ги претстави клучните достигнувања во текот на годината.
ПР
Економија
Народна банка: Макроекономските движења се во рамките на проекциите
Советот на Народната банка, на редовната седница одржана во февруари, ги разгледа најновите макроекономски показатели и Извештајот за управувањето и инвестирањето на девизните резерви во четвртиот квартал на 2025 година.
Според Информацијата за најновите макроекономски показатели, и натаму преовладуваат оцените за стабилен светски економски раст за периодот 2025 – 2027 година, но ризиците се надолни и главно произлегуваат од трговските и од геополитичките тензии.
„Во домашната економија, најновите показатели главно се во согласност со проекциите. Во третиот квартал од 2025 година, реалниот раст на БДП изнесува 3,8% и е малку над очекувањата, а расположливите високофреквентни податоци упатуваат на раст и во текот на четвртиот квартал. Просечната стапка на инфлација, во 2025 година, изнесува 4,1% и е близу до проекциите. Во јануари 2026 година, девизните резерви забележаа раст и се на ниво коешто, согласно прифатените меѓународни стандарди, е соодветно за одржување на стабилноста на девизниот курс. Податоците од монетарниот сектор покажуваат годишен раст на депозитите од 10% и на кредитите од 13%, во декември 2025 година, што е умерено над проекциите за крајот на годината“, соопшти НБРМ.
Според Извештајот за управувањето и инвестирањето на девизните резерви, во четвртиот квартал од 2025 година, девизните резерви се зголемиле и на крајот на декември достигнале 4.925 милиони евра. Во согласност со инвестициската поставеност, околу 74,2% од девизните резерви се вложени во должнички хартии од вредност, главно во државни обврзници издадени од земји членки на еврозоната, по што следуваат монетарното злато (16,5%) и депозитите и паричните средства (9,3%).
„Сигурноста и ликвидноста во управувањето со девизните резерви се обезбедуваа преку пласмани во финансиски инструменти со висок кредитен рејтинг коишто овозможуваат брза достапност до ликвидни средства, а условите на меѓународните финансиски пазари и внимателниот и врамнотежен пристап кон инвестирањето придонесоа за поволни финансиски остварувања во 2025 година“, се наведува во соопштението од Народната банка.

