Економија
Синдикатите и здруженијата бараат итно повлекување на одлуката за поскапување на струјата
Група синдикати и здруженија побараа од Регулаторната комисија веднаш да ја повлече Одлуката за поскапувањето на струјата.
Зад барањето стојат Синдикат на македонската дипломатска служба (СМДС), Синдикат на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ), Самостоен синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ), Синдикат на културата на Република Македонија (СКРМ), Конфедерација на синдикалните организации на Македонија (КСОМ), Независен академски синдикат (НАкС), Левичарско движење СОЛИДАРНОСТ, Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија, Здружение на граѓани „Гласен Текстилец“, ЈАДРО – Асоцијација на независната културна сцена, Субверзивен фронт.
Тие оценија дека поскапувањето на струјата за 7,4 проценти е сканадлозно. Велат дека револтира што ваква одлука се носи во екот на најголемата криза од поновото време, кога илјадници луѓе остануваат без работа или добиваат намалување на платите, како и во период кога се обелоденуваат разни малверзации од страна на фирми кои добивале државна помош а не исплаќале плати на вработените.
„Со ваква штетна предлог Одлука уште еднаш се потврдува дека најголемиот удар од кризава ќе биде врз економски најранливите и работниците“, наведуваат Синдикатите и здруженијата.
Понатаму, додаваат дека револтира и образложението на претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, дека цената морала да се покачи, поради намалените приходи на енергетските компании. Децидни се дека профитот на големите монополски компании не смее да биде пред јавниот интерес и обврската на државата да ги штити посиромашните граѓани.
Револтира и тоа што одлуката се носи преку ноќ, без никаква јавна консултација, среде лето, пред продолжен викенд и државен празник, кога граѓаните немаат многу простор да реагираат на неа, велат потписниците на барањето.
„Одлуката се носи и во пост-изборен период, кога не е конституирано Собранието и нема избрано нова Влада, поради што е спорен и нејзиниот легитимитет, бидејќи ова не е техничка одлука. Ова е политичка одлука, со сериозни политички и социјални последици, која ќе ги засегне сите граѓани на оваа држава на долг период. Укажуваме и дека многу европски држави во кризава донесоа одлуки со кои ги одложија или ги покрија сметките за струја за сиромашните граѓани, или пак ја намалија цената на струјата. Нашата држава, која има највисока сиромаштија и невработеност во цела Европа, има уште поголема обврска да донесе некоја таква мерка, наместо да покачува цени“, додаваат синдикатите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Народна банка: Макроекономските движења се во рамките на проекциите
Советот на Народната банка, на редовната седница одржана во февруари, ги разгледа најновите макроекономски показатели и Извештајот за управувањето и инвестирањето на девизните резерви во четвртиот квартал на 2025 година.
Според Информацијата за најновите макроекономски показатели, и натаму преовладуваат оцените за стабилен светски економски раст за периодот 2025 – 2027 година, но ризиците се надолни и главно произлегуваат од трговските и од геополитичките тензии.
„Во домашната економија, најновите показатели главно се во согласност со проекциите. Во третиот квартал од 2025 година, реалниот раст на БДП изнесува 3,8% и е малку над очекувањата, а расположливите високофреквентни податоци упатуваат на раст и во текот на четвртиот квартал. Просечната стапка на инфлација, во 2025 година, изнесува 4,1% и е близу до проекциите. Во јануари 2026 година, девизните резерви забележаа раст и се на ниво коешто, согласно прифатените меѓународни стандарди, е соодветно за одржување на стабилноста на девизниот курс. Податоците од монетарниот сектор покажуваат годишен раст на депозитите од 10% и на кредитите од 13%, во декември 2025 година, што е умерено над проекциите за крајот на годината“, соопшти НБРМ.
Според Извештајот за управувањето и инвестирањето на девизните резерви, во четвртиот квартал од 2025 година, девизните резерви се зголемиле и на крајот на декември достигнале 4.925 милиони евра. Во согласност со инвестициската поставеност, околу 74,2% од девизните резерви се вложени во должнички хартии од вредност, главно во државни обврзници издадени од земји членки на еврозоната, по што следуваат монетарното злато (16,5%) и депозитите и паричните средства (9,3%).
„Сигурноста и ликвидноста во управувањето со девизните резерви се обезбедуваа преку пласмани во финансиски инструменти со висок кредитен рејтинг коишто овозможуваат брза достапност до ликвидни средства, а условите на меѓународните финансиски пазари и внимателниот и врамнотежен пристап кон инвестирањето придонесоа за поволни финансиски остварувања во 2025 година“, се наведува во соопштението од Народната банка.
Економија
Дизелот поскапува
Од ноќеска на полноќ, цените на дизелот и на Екстра лесното масло за домаќинство ќе се зголемат за два денари, додека цените на бензините остануваат исти, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 28.2.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 71,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 70,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 34,520 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се зголемуваат за 2,00 ден/лит.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и на Мазутот М-1 НС не се менуваат.
Економија
АЛКАЛОИД АД Скопје ќе исплати за 14,3 % поголема дивиденда во однос на минатата година
АЛКАЛОИД АД Скопје објави дека седницата на годишното Собрание на акционери на Друштвото ќе се одржи на ден 30.03.2026 година со почеток во 08:00 часот во деловните простории на Друштвото, Бул. Александар Македонски бр. 12, Скопје, Република Северна Македонија.
Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје на седницата одржана на ден 26.02.2026 година донесе Предлог-Одлука со која му предлага на Собранието на акционери исплата на дивиденда за 2025 година во износ од 720,00 денари бруто односно 648,00 денари нето по акција, што во однос на исплатената дивиденда по акција за претходната година од 630,00 денари бруто односно 567,00 денари нето е поголема за 14,3%.
За исплатата на дивиденда и персонален данок на личен доход компанијата ќе издвои над 1 милијарда денари. Во согласност со предлог одлуката, исплатата на дивидендата ќе започне од 13.05.2026 година.
(ПР)

