Регион
Ковачевски апелира на деескалација во Косово и уверува дека безбедносната состојба во Македонија е стабилна

Премиерот Димитар Ковачевски се огласи со коментар по денешните престрелки на северот на Косово апелирајќи на деескалација и осудувајќи ги настаните.
Ковачевски нагласи дека со голема загриженост се следи состојбата во Косово и се во постојана координација со сојузниците. Премиерот изрази целосна поддршка на КФОР за сите идни активности кои, како што вели, се во насока на гарантирање на мирот и стабилноста во Косово и регионот.
Во однос на безбедносната состојба во Македонија, Ковачевски уверува дека граѓаните може да се спокојни – таа е стабилна, без никакви индикации за можни нарушувања.
„Сите институции задолжени за безбедноста будно ја следат состојбата. Воедно согласно информациите споделени помеѓу безбедносно разузнавачките служби во земјата како и информациите добиени од службите на нашите сојузници во НАТО алијансата, не постојат индиции кои укажуваат на нарушување на безбедноста во Северна Македонија“, рече Ковачевски.
Премиерот повика на продолжување на дијалогот и решавање на сите отворени прашања на мирен и демократски начин. Клучно е, вели тој, забрзувањето на евроатлантските интеграции на Западен Балкан, како единствен начин за обезбедување напредок и стабилност во регионот, како и намалување на влијанието на дестабилизирачки трети страни.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Нов земјотрес во Србија: „Мајка ми го држеше телевизорот да не падне“

Републичкиот сеизмолошки завод објави дека денеска во 9 часот и 47 минути е регистриран земјотрес во околината на Крагуевац.
Земјотресот бил со јачина од 3,8 степени според Рихтеровата скала.
Според очевидци, земјотресот го почувствувале жителите на Јагодина, Пожаревац, Крагуевац, Свилајнaц, па дури и во Белград, пишува „Блиц“.
„Се почувствуваа два кратки удари по ред“, вели жител на Петровац на Млави.
„Креветот се нишаше само малку, неколку секунди“, „Слабо тресење на кратко траење!“
„Овој земјотрес ме разбуди, мама го држеше телевизорот да не падне“, вели друг жител на Петровац на Млави.
„Се нишаше лустерот“ – вели белграѓанка.
И вчера имаше земјотрес во Србија, со јачина од 3,2 степени.
Регион
Пронајдени тинејџерките кои со денови беа исчезнати во Грција

Среќно заврши потрагата по 13-годишната Елефтерија и 14-годишната Катерини во Калитеа, Грција, кои беа исчезнати од четвртокот на 30 ноември, јавуваат грчките медиуми.
Според соопштението на грчката невладина организација „Насмевката на детето“, двете девојчиња биле пронајдени утрово и се во добра здравствена состојба. Воедно, како што нагласуваат од организацијата, ќе им биде дадена психолошка поддршка и се’ друго што е потребно во такви ситуации.
Девојчињата биле затекнати на подрачјето на општина Агиос Димитриос, но засега грчките медиуми не објавија како и зошто исчезнале. Според претходно објавените информации, двете тинејџерки влегле во такси по што им се изгубила секаква трага.
Регион
Вучиќ: Лавров во Скопје ја кажа вистината кога е Србија во прашање

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, оцени дека рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на Министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје кажал сè вистинито кога е Србија во прашање.
Вучиќ за ТВ Пинк изјави дека Лавров зборувал за многу поважни работи за Србија и за српскиот народ од оценката дека Србија нема да отвори ново поглавје во преговорите со Европската унија доколку не воведе санкции кон Русија.
„Во основа, Лавров кажа сè вистинито. Зборуваше и за многу поважни работи за Србија и како функционирала од 2013 година, како ја мамеле нашата земја по Бриселскиот договор за да постигнат нешто што требало да се исполни, а кога тоа не се исполнило, на Србите им кажувале – па ете десет години не е исполнето, па сега ќе добиете дупло помалку од што баравте. Тоа е вистина, тоа се случува“, изјави Вучиќ.
Посочи дека се поставува прашањето што може Србија да промени, за да немаме војни и државата да напредува економски.
„Вистината е дека нашите раце се прилично врзани и ги држиме своите многу подобро отколку што некој би очекувал во однос на зачувување на независноста, суверенитетот, зачувување на границите и донесување одлуки. Но, фактот дека ситуацијата е тешка, сигурно е дека ќе биде и уште потешка, го потврдуваат и одлуките во кои некои сметаат дека би било добро Европската комисија да го вклучи Охридскиот договор како дел од преговарачкото поглавје. “ изјави Вучиќ.