Македонија
Лингвистите апелираат: Не прифаќајте разговори за јазик, нација и историја
„Прифаќањето договори за добрососедство, анекси и слично, во кои македонскиот јазик ќе биде заменет со синтагми од типот – официјален јазик на РС Македонија или македонски јазик според Уставот се неприфатливи, бесмислени и самоуништувачки и нема да бидат на штета само на Македонците во Република Македонија или надвор од неа туку ќе бидат и на штета на сите говорители на македонскиот јазик. Имајќи го предвид сево ова, упатуваме апел до преговарачите од македонската страна да не прифаќаат разговори за категории, како јазик, нација и историја, за кои не може да се преговара и да ги чуваат македонските државни и национални вредности, како и идентитетските обележја. Ова е ставот на лингвистите од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје за статусот на македонскиот јазик во преговорите меѓу Македонија и Бугарија.
По последните случувања поврзани со можното отворање преговори со ЕУ за членство и со барањата на Бугарија да не се именува нашиот јазик како македонски, туку како официјален јазик на РС Македонија, научните работници во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје го изнесоа својот став.
„Кога го имаме предвид јазикот, треба да се осврнеме на Европската повелба на фундаментални права, чиј чл. 22 гласи: ‘Унијата ќе ја почитува културната, религиозната и јазичната разноликост’. Сметаме дека при сите разговори што ги опфаќаат јазичните и идентитетските прашања секоја земја членка на ЕУ мора да ја почитува оваа европска определба. Всушност, овој член ги поставува како беспредметни притисоците од Бугарија, но го поставува и прашањето за отсуство на реакција од ЕУ во врска со споменатите притисоци.
Во однос на изнесените негаторски ставови од бугарска страна и ставовите дека наводно македонскиот јазик бил создаден во 1944 година, треба да го имаме предвид развојниот процес на македонскиот јазик. Во лингвистиката се прифатени и научно се фундирани фактите дека дијалектната диференцијација во Македонија почнала од 11 век, од кога може да се следат многубројни иновации, а основните црти на македонските дијалекти се проследуваат на преминот од 13 кон 14 век. Во текот на 19 век во Македонија се јавуваат многубројни дејци, кои исцрпно се занимаваат со посебните јазични особености на македонските говори во споредба со бугарските и српските говори, како што се: Х. Матов, П. Зографски, Е. Спространов, Т. Китанчев и други. Автентичната дејност и јазичен израз на Ѓорѓија Пулевски, кој во Речникот од три јазици во 1875 година пишува: „Наше отачество се велит Македонија и ние се именуваме сл. Македонци“, го отвора патот кон македонското наречје во книгите, речниците и во учебниците и кон обработката на историјата во книгата „Славјанско-македонска општа историја“. Кон втората половина на 19 век почнале во Македонија да излегуваат учебници на македонски говори од Димитар В. Македонски, Димитар Хр. Узунов, Кузман Шапкарев, Венијамин Мачуковски и др. и почнале да се отфрлаат бугарските учебници како неразбирливи за учениците. Во 1891 година е формирана Младата македонска книжовна дружина, која го издава списанието „Лоза“, во кое се употребуваат правописни правила што ги истакнуваат јазичните особености на македонските говори. Вистинска артикулација на идејата за македонски литературен јазик е книгата на Крсте Мисирков, „За македонцките работи“ од 1903 година, во која се изнесени основните критериуми за стандардизација на македонскиот јазик. Преку оваа книга и во списанието „Вардар“, Мисирков ја промовира правописната норма преку фонетската реализација на централните македонски говори. Македонскиот јазик во 1903 година бил и службен јазик на Македонското научно-литературно другарство во Санкт Петербург, на чие чело биле К. Мисирков и Д. Чуповски. Со прифаќањето на основните Мисиркови поставки за стандардизацијата на македонскиот јазик и нивна разработка се заокружи кодификацијата на македонскиот во 1944 година, чија јазична норма беше широко прифатена во сите сфери на општествениот живот“, велат лингвистите.
Според нив, од историска перспектива, за македонското малцинство е важно да се знае дека во периодот до 1948 се признаваат македонската нација и Пиринска Македонија, СР Бугарија, при што се постигнува и еден вид културна автономија, реализирана со: изучување на македонскиот јазик и историја, отворање Македонски народен театар во Благоевград (Горна Џумаја), печатење прилози на македонски јазик во „Пиринско дело“ итн. Таквата ситуација траела во изменета форма до 1958 година кога почнал стриктно да се промовира ставот дека македонска нација не постои, односно дека е тоа бугарска нација, а сето тоа се промовира и преку текстовите на БАН во врска со историјата и со јазикот. Бугарија како членка на ЕУ сѐ уште ја нема ратификувано Европската повелба за регионални и малцински јазици. Македонците во Бугарија го употребуваат својот дијалект во секојдневната комуникација, а единствено во Благоевград излегува весникот „Народна волја“ како периодичен весник за историја, култура и уметност, во кој се објавуваат текстови и на македонски стандарден јазик.
„Ако ги земеме предвид демократските постулати на ЕУ и потребата од нивно спроведување, Бугарија се поттикнува да ги примени средствата за унапредување на јазичните права на малцинствата, поточно: Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи, Европската повелба за регионалните или малцинските јазици на ЕУ, Универзалната декларација за човекови права и Конвенцијата против дискриминација во образованието на ООН. За македонските лингвисти, како и за сите Македонци, без разлика дали се државјани на Република Македонија или не се, е неприфатлива и синтагмата македонски јазик според Уставот затоа што македонскиот им припаѓа на оние што го зборуваат, како што е, всушност, со сите други јазици во светот. Синтагмата македонски јазик според Уставот е бесмислена самата за себе и не соодветствува на општествените законитости зашто, за да постои еден јазик, не му е потребен устав. Современиот македонски јазик ги опфаќа сите негови пројави, и стандардната варијанта и разговорните варијанти, но и дијалектните, од коишто, всушност, е произлезен стандардниот јазик.
За разлика од стандардниот јазик, за дијалектните варијанти на македонскиот јазик, кои се протегаат и надвор од границите на Република Македонија: во егејскиот дел во Република Грција, во пиринскиот дел во Република Бугарија, во малопреспанскиот крај, Голо Брдо и Гора во Република Албанија и во неколку села во горанскиот крај во Косово – не е потребен устав. Неоспорни се фактите за протегањето на македонскиот дијалектен ареал, потврдени од врвни дијалектолози, и Македонци и странци, врз база на научни докази и факти. Притоа не треба да заборавиме дека имаме и голема македонска дијаспора што го зборува и изучува македонскиот јазик во многу земји во светот, каде што владеат правото и демократијата“, се вели во соопштението потпишано од 17 лингвисти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

