Македонија
Мајките на протест, бараат породилното отсуство да биде продолжено до крајот на годинава
Со барање за укинување на одлуката на 23 септември да се вратат на работа, мајките на деца до шестгодишна возраст и оние кои се на породилно отсуство попладнево излегоа на протест пред Владата.
Бараат породилното отсуство да биде продолжено до крајот на годината, а според нив, во градинките нема место и воопшто не можат да ги запишат нивните деца. Петицијата ја потпишале 3.325 мајки.
Според владината одлука, од 14 септември сите родители на деца од 0 до 6 години, кои досега беа ослободени од работниот процес, треба да се вратат на работа почнувајќи од 23 септември.
Од Владата соопштија дека со отворањето на установите за згрижување и воспитување деца на 9 септември 2020 година и анализата која покажа дека градинките имаат капацитет да ги згрижат децата согласно Протоколот за активности во установите за згрижување и воспитување на деца, кој на минимум го сведува ризикот од ширење на вирусот Ковид-19, мерката родителите на децата од 0 до 6 години да бидат надвор од работниот процес ја губи смислата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Филипче: Врските на Стоиљковиќ со Москва и кинеските кредити се сериозен сигнал
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, по обраќањето на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, оцени дека пораките упатени од највисоката адреса на Алијансата се јасни и недвосмислени и директно се однесуваат на актуелната влада. Филипче вели дека врските на вицепремиерот Иван Стоиљковиќ со структури блиски до Москва како и кинеските кредити претставуваат сериозен сигнал за загриженост.
„Фактот дека вториот човек во Владата има отворени контакти со лица и организации кои се во директна комуникација со Кремљ, во време кога Русија води агресија врз Украина, е нешто што не може да се игнорира“, нагласи Филипче.
Тој посочи и на финансиските аранжмани на Владата, потенцирајќи дека заемот од една милијарда евра преку Унгарија, за кој европските институции во свој извештај нотирале дека станува збор за средства со кинеско потекло, отвора сериозни прашања.
„Кога на тоа ќе се додадат и кинеските пари кои пристигнаа преку заемот од Унгарија, станува јасно дека станува збор за политики кои испраќаат погрешни сигнали во рамки на Алијансата. Нашиот одбранбен чадор знае точно какви политики води оваа влада и јасно укажува на нив“, истакна Филипче.
Македонија
Утре променливо облачно време со температура до 17 степени
Утре претпладне времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди, информира УХМР.
Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.
Македонија
(Видео) Филипче по обраќањето на Руте: Членството во НАТО е трајна придобивка од политиките на СДСМ
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, по обраќањето на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, во Собранието изјави дека членството во Алијансата е резултат на „стратешките, визионерските и државничките политики“ на Социјалдемократскиот сојуз во изминатите повеќе децении.
„Тој пат не беше лесен, меѓутоа сега конечно можеме да се чувствуваме безбедни, со загарантирани граници, благодарение на тоа што сме дел од најголемиот безбедносен сојуз во светот“, рече Филипче.
Тој оцени дека во услови на војни и нови жаришта во светот, особено поради, како што посочи, агресијата на Русија врз Украина, членството во НАТО претставува трајна придобивка за државата.
Осврнувајќи се на говорот на Руте, Филипче рече дека генералниот секретар имал одличен говор и упатил јасни пораки до Владата, посочувајќи дека Русија е агресор во Украина и дека прави сојуз со Кина и Северна Кореја.
Притоа, Филипче упати критики кон актуелната Влада, наведувајќи дека има вицепремиер кој, како што рече, отворено негува врски со Русија, споменувајќи го вицепремиерот Стоиљковиќ. Тој додаде дека вториот човек во Владата се среќава со ‘Ноќните волци’, кои се во директна комуникација со рускиот претседател Владимир Путин.
Филипче посочи и на заемот од една милијарда евра од Унгарија, наведувајќи дека, според извештаи на европските институции, станува збор за кинеско финансирање.

