Македонија
МВР: Не смее да има публика на натпреварот со Косово, граѓаните да не се организираат за групно следење на фудбалот
Министерството за внатрешни работи информира дека се преземени сите потребни мерки за беспрекорна организација и одигрување на фудбалскиот натпревар од полуфиналето од Лигата на нации помеѓу фудбалските репрезентации на Северна Македонија и Косово на 8 октомври на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.
„МВР, во рамки на своите надлежности, во соработка со Фудбалската федерација на Македонија и другите надлежни органи, постапува по однос на обезбедување на сигурноста на учесниците.Преземени се сите мерки и активности за гарантирање на безбедноста на фудбалерите и другите учесници од пристигнувањето во Скопје, за време на натпреварот и по одигрување на мечот. Министерството за внатрешни работи, исто така, ја информира јавноста дека во соработка со здравствените власти се преземени сите потребни мерки за почитување на протоколите за заштита од ширење на Ковид–19“, се вели во соопштението.
Согласно препораките на Државниот здравствен и санитарен инспекторат и одлуките на Владата, не е дозволено присуство на публика на натпреварот.
„Апелираме до граѓаните и да не се организира заедничко следење на натпреварот. Само со почитување на протоколите за заштита од ширење на Ковид-19 ќе помогнеме за што побрзо нормализирање на состојбата. До навивачките групи, со кои поголем дел од секторите за внатрешни работи, односно отсекот за превенција, одржаа средби, апелираме да се воздржат од инциденти, употреба на говор на омраза или други нарушувања на јавниот ред и мир, затоа што тоа најстрого ќе биде санкционирано“, се вели во соопшението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Пешевска: Неправдите не се забораваат, но траумите за мене и за моето семејство останаа засекогаш
Да не се заборави, да не се повтори, пишува во објава на социјалните мрежи Жаклина Пешевска, пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ потсетувајќи на денешниот датум 2017 година, кога како што вели, со полициска опсада пред очите на нејзините деца и биле ставени лисици на рацете.
„На денешен ден во 2017 година, нешто пред 05:00 часот наутро, со полициска опсада и кршење на вратата, пред очите на моите три малолетни дечиња ми беа ставени лисици на рацете под лажно обвинение за тероризам.
Поминав низ судови, претреси, одземен имунитет и домашен притвор“.
На крај, како што пишува, во отсуство на докази, истрагата била запрена.
„Но траумите за мене и за моето семејство останаа засекогаш.
Денес стојам гордо исправена пред мојот македонски народ, како жена која не потклекнува кога станува збор за националните интереси!
Но, сѐ додека моите браќа патриоти се во зандани, далеку од своите најблиски, болката е голема.
Со најголема тага се сеќаваме и на Кире Ѓорѓиевски и Игор Југ, кои не ја дочекаа слободата.
Неправдите не се забораваат.
Вистината секогаш излегува на виделина“, додава таа во објавата.
Македонија
Муцунски се сретна со министерот за надворешни работи на Литванија: посебен акцент во разговорот ставен на европските интеграции
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денес и утре престојува во работна посета на Вилнус, Литванија. Во рамки на првиот ден од посетата, тој оствари средба со својот домаќин, министерот за надворешни работи Кештутис Будрис.
Двајцата министри изразија задоволство што посетата се реализира во годината кога двете држави одбележуваат 30 години дипломатски односи. Притоа, тие ја нагласија подготвеноста за унапредување на партнерството и соработката во повеќе области од заемен интерес.

Разговорите опфатија низа теми, меѓу кои билатералната соработка, координацијата во рамките на мултилатералните организации и партнерството во НАТО. Посебен акцент беше ставен на европските интеграции, при што беше нагласена потребата од заеднички и засилен ангажман за забрзување на процесот, особено во светло на претстојното литванско претседавање со Советот на ЕУ.

Муцунски ја изрази благодарноста за континуираната поддршка од Литванија, како и за солидарноста и помошта што државата ја доби по пожарот во Кочани.

Министрите разговараа и за актуелните безбедносни прашања, вклучително состојбата во Украина и предизвиците поврзани со европската безбедност и стабилност во регионот.
Македонија
Герасимовски: Општина Центар останува отворена за најмладите, учиме како се гради современа заедница
Во Општина Центар се одржа едукативна посета на ученици од повеќе основни училишта, во рамки на наставната програма посветена на локалната самоуправа и нејзиното функционирање.
Градоначалникот Горан Герасимовски на учениците им ја претстави работата на општинските служби, процесите на носење одлуки и начинот на кој локалната самоуправа ги реализира проектите што го подобруваат секојдневието на граѓаните. Децата учествуваа со прашања поврзани со урбанизмот, комуналните услуги и плановите на општината.
„Особено ми е драго кога најмладите покажуваат интерес за тоа како функционира нашата општина. Нивната љубопитност и желба за знаење се доказ дека градиме одговорни и свесни идни генерации. Општина Центар секогаш ќе остане отворена за вакви едукативни средби,“ истакна градоначалникот Герасимовски.
Во рамките на посетата беше реализирана и креативна работилница во соработка со младински и еколошки организации, со која учениците преку цртеж и игра учеа за важноста на заштитата на животната средина и одржливиот развој.
„Општина Центар продолжува да инвестира во младите преку едукативни програми, проекти и активности што ја поттикнуваат нивната вклученост во заедницата и градењето на подобра иднина“.

