Македонија
Мечка нападна човек меѓу селата Пласница и Ораоец: го спасиле ловци, кои случајно биле во близина
Во текот на вчерашниот ден помеѓу село Пласница и Ораоец, општина Македонски Брод, мечка нападнала возрасен човек, извести Центарот за управување со кризи.
„Човекот бил спасен од ловци, кои случајно биле на лов во близина на местото на нападот, а кога слушнале повици за помош, испукале неколку истрели во воздух по што мечката побегнала“, соопшти ЦУК.
Нападнатото лице било преплашено и добило телесни повреди.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба на министерот Муцунски и министрите од Балканската платформа за мир со претседателот на Турција, Ердоган
Во рамки на Вториот состанок на Балканската платформа за мир, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, заедно со министрите за надворешни работи на земјите учеснички, денеска во Истанбул оствари средба со претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган.
На средбата беа разменети мислења за билатералните односи на Република Турција со земјите од регионот, како и за пошироките регионални прашања од заемен интерес.
Во време кога светот и регионот се соочуваат со сериозни предизвици, соговорниците ја истакнаа важноста од зајакнување на солидарноста и меѓусебното разбирање меѓу членките на Балканската платформа за мир.
Заеднички беше оценето дека Балканот треба да продолжи напред со пристап кој ги зема предвид поуките од минатото, но е јасно насочен кон стабилност, соработка и заедничка иднина.
Македонија
„Усвоен Закон без контрола на снимањето – игра на ДУИ и ВМРО за избори“, велат од СДСМ
„Покрај сите контролни механизми за притисок врз медиумите, покрај тоа што не беа усвоени закони усогласени со ЕУ, како законот за правосудство, КЗК и други, покрај поставувањето свои судии и обвинители, тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ го усвои и законот за „Safe City“ без каква било контрола на снимањето и следењето со 65.000 камери“, велат од СДСМ.
„Одбија да прифатат строги и јасни правила за системот и во измените на Кривичниот законик. Проектот „Safe City“ е започнат во време на владата на СДСМ и од аспект на безбедноста во сообраќајот е значаен, но вака донесен Законот за прекршоци значи отворена врата за злоупотреби. МВР да делува како партиски инструмент за следење, притисок и уцена на граѓаните без било какви заштитни механизми.
Ова е игра на ДУИ и ВМРО, кои беа заедно на лидерска средба и цело време заедно се договараат.
Останува уште да ја укинат техничката влада и подготвени се за избори.
Давос покажа дека анти-ЕУ кампањата дала резултати. Мицкоски се јавува од Давос како патувачки репортер кој самиот се снима, имитирајќи го Вучиќ, кој исто така, како да е вработен во туристичка агенција, ги покажува хотелските соби и храната по рестораните.
Времето на Груевски се враќа на голема врата. Видовме како беше пред 10 години, во 2016 година. Ситуацијата и денеска е иста. Сè е земено од канџите на ВМРО.
Преку контролирани медиуми водат постојана црна кампања, хајка и линч.
Се обидуваат единствената опозициска партија да ја разединуваат одвнатре. Целта е контролирана опозиција.
Теренот е речиси подготвен за недемократски избори кои ќе им дадат уште четири години да ги држат граѓаните како заложници и да продолжат со криминалот и корупцијата. Ќе ја опустошат Македонија.
Планот е изолација, избори, па мигранти за пари.
СДСМ е единствена вистинска опозициска партија, има нова сила и продолжува со борбата. Не сме сами, со нас се граѓаните. Ние нема да се продадеме, ниту за тендери ниту за ништо. Нема да биде контролирана опозиција! Ние сме тука за да ја вратиме власта во рацете на граѓаните“, се наведува во соопштението на СДСМ.
Македонија
Викендов променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд, на планините снег
Времето утре ќе биде променливо облачно, претпладне со појава на магла по одделни котлини. Во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, а на планините од снег. Ќе дува слаб, а вдолж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 1, а максималната ќе достигне од 6 до 12 степени.
Во Скопје, променливо облачно претпладне со појава на магла, попладне со сончеви периоди. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Времето во наредните денови
Во недела времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на планините од снег. Пообилни врнежи ќе има во понеделник, кога и на некои од повисоките места ќе преминуваат во снег. Преодно стабилизирање на времето се очекува во вторник, а од среда повторно ќе има нови врнежи од дожд, а на планините од снег.

