Македонија
Народниот правобранител утврди потежок вид дискриминација од страна на МВР врз полициска службеничка

Хелсиншкиот комитет за човекови права во септември 2020 година поднесе претставка до Народниот правобранител поради дискриминација врз основа на пол и род врз полициска службеничка вработена во Единицијата за специјални задачи во Министерството за внатрешни работи. Од Хелсиншкиот комитет наведуваат дека полициската службеничка, вработена во Министерството во 2013 година, се соочува со дискриминација на работното место поради неможност да напредува во кариерата ниту професионално и стручно да се обучува во работата.
Полициската службеничка, за време на нејзиното породилно отсуство, била со усна наредба распределена да работи канцелариска работа. По завршување на отсуството таа намерно била оставена да продолжи со работа во канцеларија како административен службеник, без да се води сметка за нејзиното барање да биде вратена во Единицата за специјални задачи, да продолжи со градење на нејзината кариера и да присуствува на предвидените тренинзи и обуки. Образложението на Министерството за внатрешни работи е дека тоа било сторено за нејзина заштита како жена и мајка.
Понатаму, Министерството во својот одговор го известило Народниот правобранител дека полициската службеничка, од 18 јуни 2016 година до 13 април 2017 година и од 12 ноември 2018 година до 08 август 2019 година, користела породилно отсуство од работа поради бременост, раѓање и родителство и во тој период таа не можела да биде унапредена. Меѓудругото, таа во временскиот период од 16 март 2020 година до 26 март 2020 година и од 04 август 2020 година па сè до средината на септември ги користела мерките предвидени со одлука на Владата за заштита и превенција од Ковид -19 како мајка на деца до 10-годишна возраст. Со други зборови, таа за време на целокупниот нејзин работен стаж во Министерството не била во можност во целост да ги развие и унапреди своите професионални квалитети и работни способности.
Поради овие околности, службеничката до командирот поднела две барања за заштита од вознемирување на работно место, едното на 26 август 2020 година, а другото на 10 септември 2020 година. На ниту едно од барањата на службеничката не ѝ било одговорено, а образложението на Министерството е дека со оглед на тоа дека на работничката не ѝ било одговорено во законскиот рок од осум дена, таа доколку сакала можела да поведе судска постапка за заштита од вознемирување на работно место.
Во меѓувреме, полициската службеничка во септември 2020 година добила ново решение со кое се прераспределува на уште пониско работно место – полицаец во Одделението за обезбедување објекти од посебно значење. На овој начин таа била повторно деградирана бидејќи ѝбил одземен додаток од плата. Министерството не дава никакво образложение зашто ја прераспределиле службеничката, односно тие наведуваат дека тоа било по потреба на Министерството. Оттаму, наводите дека таа била деградирана и дискримирана со распоредувањето ги сметаат за неосновани, од причина што станувало збор за поединечен акт, за што службеничката водела судска постапка во моментот.
Констатацијата на Народниот правобранител е дека од Министерството сами потврдуваат дека жените за време на породилното отсуство не можат да бидат унапредени бидејќи не присуствувале на тренинзи и обуки кои се задолжителни за полициските службеници. Ваквото системско решение упатува жените да бидат соочени со мирување во нивната служба во Министерството доколку се решат да станат мајки и да забременат, со што нивната положба е многу понеповолна од положбата на мажите.
Понатаму, Правобранителот смета дека од Министерството воопшто не сметаат дека со новото прераспределување ја деградираат и дискриминираат службеничката. Наместо тие да ја поправат состојбата, тие ја распределиле службеничката на работно место кое можеби одговара со степенот и категоријата на нивото на нејзиното досегашно знаење, меѓутоа не е во корелација со досега извршуваните работни обврски на службеничката, што е спротивно на Законот за внатрешни работи, каде што се предвидува дека прераспределувањето треба да биде на исто ниво и категорија, но на сродни работи.
Народниот правобранител утврдува дека во конкретниот случај работодавачот нема капацитет да ја воочи состојбата во која ги доведува жените како мајки, со што ги поставува на едно пониско ниво од мажите, односно ги оневоможува да напредуваат во кариерата подеднакво како мажите. Правобранителот утврдува дека работодавачот на овој начин сторил потежок вид на продолжена дискриминација по основ на пол и род, која трае и денес, и покрај упатените препораки од негова страна до Министерството за внатрешни работи со цел да бидат отстранети сите неправилности и недостатоци.
Хелсиншкиот комитет ја поздравува одлуката на Народниот правобранител и апелира до Министерството за внатрешни работи во најкраток можен рок да постапки по дадените препораки од страна на Правобранителот и да ја прекине долгогодишната пракса на дискриминаторски однос спрема полициските службенички.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.