Свет
Португалскиот претседател во изолација поради ширењето на коронавирусот
Португалскиот претседател Марсело Ребело де Соса ги откажа сите јавни активности и се изолира во својот дом поради ширењето на коронавирусот, соопшти неговиот кабинет.
Тој неодамна прими група ученици од училиште кое подоцна беше затворено затоа што на еден ученик му беше дијагностицирана болеста ковид 19, којашто го предизвикува коронавирусот.
Кабинетот на претседателот соопшти дека тој нема симптоми на болеста и дека студентот кој бил тестиран позитивно на вирусот воопшто не бил во групата што ја посетила претседателската резиденција.Сепак, претседателот одлучил да се изолира, „да даде пример за превентивни мерки“.
Исто така, беше објавено дека претседателот се фотографирал со студентите, но не се ракувал со нив. Ребело де Соса е познат како харизматичен претседател, исклучително популарен во Португалија.
Во Португалија досега се откриени 25 случаи на заразени со коронавирус, но смртни случаи нема.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Лавров: Гренланд не е природен дел од Данска
Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, го коментираше конфликтот меѓу САД и Европа околу иднината на Гренланд, доведувајќи го во прашање моменталниот статус на островот како дел од Данска.
„Гренланд не е природен дел од скандинавското кралство“, изјави тој за новинарите на годишната прес-конференција во Москва.
Тој додаде дека проблемот со поранешните колонијални територии сега станува сè поизразен.
Лавров нагласи дека Москва нема интерес да се меша во прашања поврзани со Гренланд и дека Вашингтон знае дека Русија нема планови да ја преземе контролата врз островот, спротивно на тврдењата на американскиот претседател Доналд Трамп.
Тој додаде и дека Москва ја следи „сериозната геополитичка ситуација“ околу Гренланд.
Според него, НАТО треба да донесе одлука за Гренланд во рамките на самата алијанса.
фото/Depositphotos
Свет
Данска: ЕУ треба да ги разгледа сите опции поради царинските закани на Трамп
Европската унија треба да ги разгледа сите достапни опции како одговор на обновената закана за царини од американскиот претседател Доналд Трамп кон европските сојузници, изјави данската министерка за економија Стефани Лосе.
Лосе разговараше со новинарите пред состанокот на министрите за финансии и економија на ЕУ, пренесува Ројтерс.
Таа ја нагласи потребата блокот да ги разгледа реакциите на потенцијалните американски мерки што би можеле да влијаат на трговските односи со членките на Унијата, пренесува Танјуг.
Свет
„Престанете да го смирувате тиранинот од Вашингтон“: Kаламар порача Европа да се спротивстави на Трамп
Европа мора да престане да се обидува да го „смири“ американскиот претседател Доналд Трамп и наместо тоа да му се спротивстави нему, како и на другите „тирани“ кои се решени да го уништат редот заснован на правила воспоставен по Втората светска војна, изјави денес генералната секретарка на Амнести Интернешнл, Агнес Каламар.
„Ни треба многу посилен отпор“, рече Каламар во интервју за АФП на маргините на Светскиот економски форум во Давос, предупредувајќи дека „кредибилитетот на Европа е во прашање“.
Каламар ги повика европските влади да покажат поголема „храброст“ и да знаат како да „кажат не“.
„Тие мора да престанат да веруваат дека можат да преговараат со тирани, мора да престанат да мислат дека можат да ги прифатат правилата на предаторите без да станат нивни жртви. Ова мора да престане“, рече Каламар, пренесува Хина.
Каламар оцени дека европските лидери минатата година воделе политика на смирување.
„Се обидовме да го смириме тиранинот, предаторот кој живее во Вашингтон и тоа нè доведе кон сè повеќе напади и сè повеќе закани“, рече таа.
Таа потсети дека европскиот проект не е само економски, туку се темели и на вредности и владеење на правото, и изрази надеж дека европските лидери ќе ги искористат сегашните предизвици како можност за повторно потврдување на европскиот проект.
„Ова бара напуштање на политиката на смирување“, заклучи таа, и рече дека „едноставно не функционира“, повикувајќи ја Европа да „се спротивстави“.

