Регион
По девет дена, пронајдена жива малата Моника
Киднапираното девојче Моника Каримановиќ е пронајденo живo, потврди српската полиција. Белградските медиуми објавија различни детали во врска со случајот кој со денови го бранува регионот. Потрагата по девојчето траеше девет дена и во неа беа вклучени над 800 полицајци, рипадници на војската, хеликоптери и кучиња трагачи.
Според Курир, Моника Каримановиќ (12) од нишката населба Сув дол е пронајдена денеска жива и здрава во атарот на селото Сврљишки Миљковец. Порталот наведува дека судбината на нејзиниот грабнувач, Нинослав Јовановиќ, наречена „Берберот од Малчан“, засега е непозната и дека девојчето е пронајдено во гробница.
„Блиц“ наведува дека Моника Каримановиќ била спасена во селото Пасјача и дека станува збор за село од кое било мајката на бегалецот Нинослав Јовановиќ. Според весникот, Моника била пронајдена во напуштена викендичка без видливи повреди.
Информер пишува дека во моментот кога полицијата го опколила „Берберот од Малчин“, тој ја ослободил девојката и продолжил да бега, додека „Новости“ тврдат дека им е потврдено дека киднаперот е уапсен.
Моника беше пријавена за исчезната на 20 декември, а последен пат било видена во 7.20 часот кога тргнала на училиште, по што и се губи трагата. Нинослав Јовановиќ, по потекло од Малча, пред повеќе од една година, по издржувањето речиси 20 години затвор, повторно бил уапсен бидејќи демнел и им се заканувал на жени на „Фејсбук“.
Прекарот „малчански бербер“ го добил бидејќи ги потстрижал сите свои жртви, а пред судот признал дека потстрижувањето девојчиња го возбудува. Тој пред 25 години силувал жена и девојче, а кога во 2005 година бил пуштен на условна слобода, нападнал 12-годишно девојче. Двете претходно ги потстрижал, а едната и ја силувал. Повторно завршил во затвор, од каде што излегол минатата година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Со фантомка и оружје македонски државјанин ограбил пет кладилници и пошта во Србија, полицијата го уапси
Полицијата во Краљево уапсила 44-годишен маж од Македонија, под сомнение дека ограбил пет кладилници и пошта соопшти денеска локалната полициска управа, пренесе „Н1“.
Во соопштението се наведува дека В.Г. е осомничен дека на територијата на Краљево влегувал во објекти на кладилници и пошти со фантомка на главата и, со закана со пиштол, одзел повеќе од 700.000 динари.
Во станот на осомничениот, полицијата пронашла дел од парите, фантомка и реплика на пиштол која, како што се сомнева, ја користел при извршувањето на кривичните дела.
Тој се товари за пет кривични дела разбојништво, одредено му е задржување до 48 часа и ќе биде приведен во Обвинителството, соопшти Полициската управа во Краљево.
Регион
Епстин бил заинтересиран да ја купи „Титовата вила“ во Њујорк
Во документите за починатиот сексуален престапник Џефри Епстин, кои неодамна ги објави американското Министерство за правда, се споменува и Србија. Имено, Епстин бил заинтересиран за купување на една од најстарите вили во Њујорк, сместена на Петтата авенија – зградата на поранешна СФРЈ, позната како „Титовата вила“, пишува „Блиц“.
Овој архитектонски бисер се појавува во преписката што Епстин ја водел на 10 декември 2018 година. Меѓу документите има и електронска порака испратена до Епстин со 26 фотографии од вилата, план на просториите и извадок од текст објавен во „Њујорк пост“ во 2017 година, со наслов: „За 50 милиони долари можете да станете сопственик на последната вила од златното доба на Менхетен“.
Утрото на 10 декември 2018 година, Епстин примил е-пошта од Дејвид Мичел, долгогодишен инвеститор и финансиски експерт.
„Голем пожар во зградата што ја разгледувавме, Мисијата на Србија на Петтата авенија 854. Можеби сега е добро време за понуда, ако сте заинтересирани“, стои во пораката.
Според објавените документи, комуникацијата продолжила преку СМС-пораки. Епстин на двајца соговорници, чии имиња се затемнети, им испратил линк до текст од „Њујорк пост“ за пожарот во вилата во сопственост на Мисијата на Србија.
„Амбасадата на Србија?“, прашал Епстин, на што добил одговор: „Мојата мисија јави.“
„Можеби цената сега ќе биде пореална“, напишал Епстин.
„Значително пореална“, добил одговор, со напомена: „Но треба да се пресметаат и трошоците за обнова.“
Вилата на крајот била продадена, но дури четири години подоцна – во 2022 година.
„Новиот сопственик купи значаен дел од историјата на Њујорк“, изјавил тогаш Тристан Харпер, агент на компанијата „Даглас Елиман“, која ја реализирала продажбата.
Харпер додал дека претседателот на поранешна СФРЈ, Јосип Броз Тито, „иако комунист, имал многу добар вкус за недвижности“. Според агентот, вилата првпат била понудена на продажба во 2017 година. Во јуни 2021 година било објавено дека е примена готовинска понуда од 50 милиони долари и дека државите-наследнички постигнале согласност за продажба.
Врз основа на Договорот за прашањата на сукцесијата, на Србија ѝ припаднале нешто помалку од 40 проценти од износот добиен од продажбата на зградата на постојаната мисија во Њујорк.
Според претходно објавениот оглас за продажба, вилата се простира на четири ката и има уште два кровни ката, вкупно 18 соби, шест бањи и вински подрум. Станува збор за првата зграда со два електрични лифта, кои и денес се во функција. Во неа е зачуван оригиналниот ентериер, а од 1969 година е под заштита на државата и градот Њујорк.
Наводно, за време на Студената војна, кога таму престојувал и Тито, на врвот постоела просторија што не можела да се прислушува, а прозорците кон Петтата авенија биле непробојни. Зградата, која со децении главно била недопрена, во моментот на продажбата немала централна климатизација, а гасот бил исклучен по пожарот.
Регион
Од денеска во Бугарија задолжително плаќање во евра, левот излегува од употреба
Од денеска, 1 февруари, еврото станува единствена официјална валута во Бугарија, додека левот повеќе нема да биде прифатлив за плаќање на стоки, услуги и обврски, соопшти Министерството за финансии на Бугарија.
Според законот за воведување на еврото во Бугарија, цените на стоките и услугите и понатаму ќе бидат истакнати во двете валути до 8 август 2026 година, со цел да се обезбеди транспарентност и да се спречат шпекулативни практики, јавија бугарските медиуми.
Граѓаните на Бугарија кои и понатаму поседуваат левови можат бесплатно да ги заменат во банките и во „Бугарски пошти“ до 30 јуни 2026 година, додека Националната банка на Бугарија (БНБ) ќе обезбеди бесплатна и неограничена замена на левовите во евра и по тој датум.
Министерството за финансии потсетува дека трговците веќе немаат обврска да примаат левови, а кусурот во секоја трансакција се враќа исклучиво во евра.
Бугарија на 1 јануари 2026 година официјално го воведе еврото и стана 21-ва членка на еврозоната, точно 19 години по влезот во Европската унија.

